„Сè уште е тешко да му објаснам на син ми, дете со попреченост, зошто децата навредуваат и се лоши и кој ги учи така“: Психолог Радмила Цветковска за насилството врз деца со попреченост

фото: илустрација freepik / приватна архива психолог Радмила Цветковска

„Моето дете има нарушувања од аутистичниот спектар, дислексија, дискалкулија. Во текот на основното образование и покрај сета мрежа на подршка моето дете беше малтретирано од две деца во одделението (во одделение кое имаше само 15 ученици). Насилството беше главно психичко и еднаш до два пати имаше и физички напад. Интервенциите од секој тип од стручниот тим на училиштето, образовниот асистент и моја не вродуваа со плод. Тешко беше и се уште е тешко да му се објасни зошто... зошто децата навредуваат и се лоши, зошто возрасните зборуваат навредливо, кои се родителите и зошто ги учат своите деца на такво постапување“ -анонимно за Женски магазин, раскажува 55-годишна мајка на сега веќе 20 годишниот син со попреченост. 

Покрај возрасните, насилството е проблем со кој се соочуваат и многу деца, а меѓу нив, најчесто изложени на насилство во училиштата се децата со инвалидитет/ пречки во развојот. 
Во училиштата, но и надвор од нив децата може да бидат изложени на најразлични облици и видови на врсничко насилство, но и на насилство од страна на возрасните. Последиците ги чувствуваат сите – оние кои трпат насилство, оние кои насилно се однесуваат, но и оние кои присуствуваат на настаните во кои има насилство.

Национален координатор во „Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби“ и психолог, Радмила Цветковска, вели дека во повеќето случаи на насилство, физичките повреди не се најтешки или најдолготрајни повреди, туку тоа се моменталните и долготрајните емоционални и трауматски последици врз развојот на детето. 

- Кај децата со одредени тешкотии во развојот, кај децата со одредени психофизички карактеристики често се јавува зголемен ризик од злоупотреба од страна на други деца, но и од возрасните. Значајните истражувањата за распространетоста и ризикот од насилство врз децата со посебни потреби, објавени во јули 2012 година, утврдиле дека во просек децата со посебни потреби имаат речиси четирипати поголем ризик за доживување насилство отколку децата без пречки - посочува психолог Радмила Цветковска и додава дека истражувањата покажуваат дека децата со пречки во развојот имаат 3,7 пати поголем ризик да станат жртви на секаков вид насилство од децата без попреченост,  3,6 пати поголеми шанси да бидат жртви на физичко насилство и 2,9 пати поголема веројатност да бидат жртви на сексуално насилство.
-Се чини дека децата со ментална или интелектуална попреченост се меѓу најранливите, со 4,6 пати поголем ризик за сексуално насилство од оние кои немаат некаква попреченост - истакнува Цветковска.

Инклузијата на деца со попреченост во редовните училишта, наидува на бариери

-Мојот син средното образование го заврши во приватна гимназија, каде за менторска подршка (затоа што се работи за дете со посебни потреби) секоја година плаќав 50% повеќе од регуларната цена. Исто платив и 50% повеќе за првата екскурзија, за да моето дете остане гладно првите три дена од 7-дневната екскурзија бидејќи никој не му обрнал внимание (никогаш потоа не сакаше повторно да отиде дури ни на еднодневна екскурзија).  Во текот на целото четиригодишно школување, дури и во таков мал колектив (секоја година по два класа од по 15 деца во две смени) имаше булинг. За сите состојби, настани, околности, директорката секогаш беше информирана и наводно превземаше мерки кои имаа или краткотраен ефект или никаков ефект. 
Но, и тоа беше подобро од опцијата да се трансферира во државна гимназија каде што е состојбата многу полоша. Наставниците не се сензибилизирани, не постои систем на мониторирање и менторирање, врсниците исто не се сензибилизирани и посебно во занаетчиските училишта се прилично агресивни - продолжува понатаму да раскажува мајката која сакаше да остане анонимна.

Таа вели дека уште при уписот во редовно училиште, го информирала стручниот тим за состојбата на детето и цела година го придружувала на училиште, односно асистирала во процесот на негова адаптација. Веќе од второ одделение детето било придружувано од образовен асистент кој го плаќала таа приватно, но и покрај сета мрежа на поддршка, детето сепак било малтретирано. 

- Мојот син заради стереотипите и тантрумите, постојано, и премногу беше оптеретен со целата состојба и атмосфера во одделението. Тешко беше и се уште е тешко да му се објасни зошто... зошто децата навредуваат и се лоши, зошто возрасните зборуваат навредливо, кои се родителите и зошто ги учат своите деца на такво постапување. Притоа, секако не можев да му кажам за средбите со стручните тимови, "пеглањето" на отпорот на останатите родители. И мене, но и нему му беше тешко. И тоа сето во околности, кога јас како мајка ги знаев и се борев за правата на моето дете, со подршката на неговата одделенска наставничка, со придружба на образовен асистент... замислете си како сето тоа го преживуваат родителите кои ја немаат мојата "агресија" - раскажува оваа мајка и додава дека и покрај се, за сите овие состојби и многу други разговарала со својот син.
- Тој беше, и е информиран и тогаш и тековно со својата состојба, го учиме да ги препознава своите состојби и однесувања, но, понекогаш за одредени настани одложено ни раскажуваше плашејќи се дека ќе интервенираме и дека кога насилниците ќе дознаат за тоа нападите ќе бидат уште поголеми. Тоа укажува дека начинот на интервенција на тимовите и наставниците најверојатно не бил соодветен и ефикасен. И тоа е точно бидејќи булингот секогаш доаѓаше од исти деца или ист профил на деца. И се наоѓате пред ѕид, имате потреба да го заштитите детето но не знаете како. 

Децата со попреченост се социјално изолирани - истакнува психолог Цветковска 

-Несвесно и родителите на тие деца ја подржуваат нивната социјална изолираност. Причините се многубројни и повеќето можеби се и објективни, но ако ни е цел да формираме функционална личност тогаш ќе мораме да посветиме внимание на креирање на вештини за да се грижат за себе и еден со друг во рамките на своите можности, но најважно од се е, да му ја јакнеме самодовербата и да развиеме вештина за барање на помош и давање на помош и поддршка. Социјалната изолација не ги прави нашите деца безбедни, напротив ги прави лесен плен да бидат злоупотребени, затоа што не секогаш злоупотребуваат непознати  луѓе. Меѓу злоупотребувачите можат да бидат наши блиски пријатели или членови од поблиското или подалечно семејство. Градете меѓусебна доверба со своето дете, разговарајте, информирајте!

Според психолог Радмила, децата се најчести жртви на злоупотреба, насилство и експлоатација поради неинформираност

- Ние родителите и кога им даваме информации на нашите деца во однос на злупотребувањето, тие се така внимателно спакувани и затоа се нецелосни, ненагласени, за да не ги преплашиме, да не предизвикаме стрес и паника кај нив. Информацијата како сува теорија не значи ништо, ако за неа не се разговара, ако не е поткрепена со дополнителни информации кои истовремено ќе ја стимулираат и јакнат самодовербата кај нашите деца и ако кај детето не развиеме вештини и не ги оспособиме да ги користат тие информаци во секојдневниот живот. Она што секој од нас треба да го знае како родител е дека децата повеќе внимание обрнуваат на тоа што правиме, како се однесуваме, отколку што зборуваме и затоа треба да бидеме многу внимателни.

Развојот на вештините и информациите - моќни алатки за заштита

Психолог Радмила Цветковска апелира родителите да градат меѓусебна доверба со нивните деца, да ја поттикнуваат и јакнат нивната самодоверба, да разговараат, информираат, поучуваат како да ги користат знаењата и информациите во секојдневниот живот, да развиваат вештини, затоа што само на тој начин ќе ги заштитат своите деца од секаков вид на експлоатација, насилство и злоупотреба.

Според Конвенцијата за заштита на правата на детето  под „насилство“ се подразбираат „сите форми на физичко и психичко насилство, повреди или злоупотреба, занемарување или несовесно постапување, малтретирање или експлоатација, вклучувајќи сексуална злоупотреба“.
За насилство зборуваме кога некој намерно ќе повреди и ќе направи другиот да се почувствува лошо. Ако некој облик на насилство се повторува често врз истата личност, тогаш зборуваме за злоупотреба, освен кај сексуалното насилство.
Злоупотреба или злоупотреба на деца ги вклучува сите форми на физичка и/или емоционална злоупотреба, сексуално злоставување, занемарување или небрежност, како и комерцијална или друга експлоатација, што доведува до вистинско или потенцијално нарушување на здравјето, преживувањето, развојот или достоинството на детето во врската што вклучува одговорност, доверба или моќ (СЗО, 1999). Покрај општата дефиниција за злоупотреба на деца, прифатени се и четири специфични типови на злоупотреба на деца: физичко, сексуално злоставување, емоционално злоставување и занемарување на дете. Во некои класификации, експлоатацијата е издвоена како посебна форма на злоупотреба на деца, а во поново време е издвоено врсничкото насилство и сајбер насилството.

Психолог Цветковска истакнува дека покрај децата со инвалидитет и пречки во развојот, како најчесто изложени на насилство во училиште се и деца кои имаат ниска самодоверба и самопочит, што се воочува и физички (премногу се слаби или премногу крупни, ниски итн.), потоа деца кои се надарени, деца од различни етнички, религиски или социјални групи, нови деца во одделението/класот, и слично.

Воглавно, вели таа, се работи за деца кои се пасивни, срамежливи, тивки, емоционално пречувствителни, лесно заплачуваат и се повлекуваат во себе, плашливи се и за нив се знае дека нема да возвратат, ќе се повлечат ако некој ги нападне. Тие не се агресивни, но ако подолг период се изложени на насилство, стануваат раздразливи и можат да возвратат.

Важно е да се знае и дека насилство во училиште значи појава на насилно однесување кое се случило додека детето е во училиште и е под надзор на наставниот кадар, каде било, во која било форма на наставна и воннаставна активност (час, практична настава, екскурзија и др.) и при превоз, ако превозот за учениците е организиран од училиштето, без разлика кој е сторителот на насилството - објаснува психологот и национален координатор во „Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби“, Радмила Цветковска.

Како наставникот треба да реагира во вакви ситуации? 

- Во однос на превенцијата од појава на насилно однесување врз децата со посебни потреби, неопходно е континуирано да се работи на создавање добра атмосфера во одделението, клима на прифаќање, негување на топол поддржувачки однос исполнет со трпение, помагање и разбирање од страна на сите деца во одделението и наставниците. Тимот за заштита на децата во училиштето има обврска да врши постојано следење и давање насоки на наставникот како да се справи со непријатните ситуации на насилство, преку редовни консултации и директно давање поддршка на децата со посебни потреби и на нивните родители.

Превенцијата на насилството во училиштата претставува збир на мерки и активности кои имаат за цел создавање безбедно, сигурно и заштитено опкружување, развивање и негување на атмосфера на соработка, почитување на различностите, конструктивна комуникација и следење на одредени правила на однесување во рамки на воспитно-образовните активности, развивање на вештини за препознавање и ефикасно реагирање во ситуации на насилство.
Секое училиште формира Тим за заштита на децата од насилство, кој се грижи за безбедност и заштита на учениците од насилство. Во соработка со другите вработени во училиштето, родителите, учениците и локалната заедница, Тимот обезбедува примена на гореспоменатите протоколи.

Училиштето исто така е обврзано да изготви и Програма за заштита на децата од насилство. Програмата најчесто се однесува наклучните критични точки кои треба да бидат предмет на превенција и интервенција исе карактеристични за секое училиште посебно.Не постои една општа програма за сите училишта. Таа се прави врз основа на сознанијата кои училиштето ги добива преку самоевалуација (спроведување на анкети).

Сомневањето за насилство, злоупотреба или занемарување на дете СЕКОГАШ СЕ ПРИЈАВУВА! - истакнува за крај психолог Цветковска.

Во  член 16 од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост,  јасно е наведено дека земјите потписнички се должни да преземаат соодветни законски, административни, социјални и други мерки за заштита на лицата со попреченост, во и надвор од домот, од сите облици на експлоатација, насилство и злоупотреба, вклучено и од аспект на полот. Земјите потписнички исто така обврзани се да спроведуваат ефикасно законодавство и политики, вклучувајќи ги и законодавство и политики насочени кон жените и децата, со цел да се обезбеди случаите на експлоатација, насилство и злоупотреба на лицата со попреченост да се идентификуваат, истражуваат, а доколку е неопходно, да се покренат и постапки.

За видови на насилство и злоупотреба и нивно дефинирање, читајте на следната страна:


Љ.И


Следна страна