И ова ќе помине: Психологот Бојана открива како ќе влијае седењето дома на односите помеѓу родители-деца и партнери меѓусебно
Бојана Стојменовиќ –психолог, семеен и системски советник за Женски магазин советува како родителите да им објаснат на децата дека е неопходно да се седи дома во овие услови, како да не западнеме на психички план, дава предлог книги за читање, но и ни открива како ќе влијае седењето дома, затворени, на односот помеѓу родители и деца и односот меѓу партнерите.
-Родителите се навистина ставени пред огромен предизвик. Особено родителите кои што имаат предшколски деца, кои целата новонастаната ситуација нема да ја разберат на начинот на кој ја разбираме ние. На малите деца препорачувам да се разговара преку игра, со внес на многу креативност и приказни. Исто така е значајно, на децата да им се даде простор и за слободна игра, но и за едукативни игри каде што родителите ќе можат да учествуваат. Интернетот изобилува со многу информации, па со малку труд можеме да најдеме одлични активности. Со поголемите деца и со адолесцентите значајно е да се разговара за потребата од седење дома и за последиците од нивното однесување. Имам впечаток дека децата денес во последен момент ги учиме на лична и на општествена одговорност, но сепак тоа не значи дека не треба да ја искористиме можноста.
*Како да се
мотивираат и нормално да функционираат луѓето во домашни услови?
-Треба да се потсетиме дека сето ова е привремено и ќе трае одреден временски период, а потоа ќе се вратиме сите на секојдневното функционирање. Некои луѓе со соочуваат со помал фокус и продуктивност работејќи од дома, некои немаат толку голема мотивација, некои немаат услови да работат од дома... Сите имаме некој свој личен предизвик и во моменти кога ни е најтешко, можеме да застанеме и да си повториме дека -”и ова ќе помине.”
*Не знаеме колку ќе трае ситуацијата, совети за квалитетно поминато време, без да се западне на психички план?
-Тоа зависи од потребите и преференциите на личноста. Но се што ќе не натера да станеме од креветот и ќе направи разлика за нас помеѓу денес и утре е убав почеток. Читање книги, дополнителна стручна литература, следење некој онлајн курс со кој ќе стекнеме нова вештина или знаење; Потоа средување во домот, испробување на нови рецепти, учење на специјалитетите на баба/мама, водење личен дневник, сликање, разгледување стари семејни фотографии со семејството, телефонски повик до пријатели или родинини со кои долго време се немате видено (кој рече дека попладневното кафе не може да го испиете со пријателката преку видео повик). На крај, а исто така важно како и сето погоре наведено е физичката активност, која може да биде на пример семејна активност задолжителна секое утро во форма на истегнување и полесни вежби. Генерално, ние лично сме одговорни за сопственото ментално здравје, добар ментален имунитет не се стекнува преку ноќ, па затоа имаме одврзани раце секој ден креативно да правиме промена за нас, и за они околу нас.
*Како и дали може, седењето дома , да влијае на подобрување на односот родители-деца и односот помеѓу партнерите?
-Да бидеме искрени, живееме во период каде што од се' има во изобилие, а на сите ни недостасува време. Многу често слушам од луѓето: “Ех да имав само уште 4-5 часа во денот.” Генерално во трка сме со времето и често велам дека живееме маратонски. Ако погледнеме позади паниката и стравот, тогаш би можеле да видеме дека имаме многу време кое што имаме слобода да го обликуваме и насочиме како сакаме. Тоа секако позитивно ќе се рефлектира на односите со најблиските. Според едно неодамнешно истражување, луѓето перцепираат поголемо задоволство од блиските релации со зголемување на времето поминато заедно. Времето сега го имаме на дланка и во однос на квантитет и на квалитет. Од нас зависи како ќе го искористиме.
*Предлог мотивациони книги, филмови.
-Не
верувам во книги кои инстантно ќе не измотивираати не читам такви книги. Но
еве, како автор би го препорачала ИрвинЈалом, неговите дела се совршен преплет
на психологија и филозофија со одлични дијалози кои не те оставаат рамнодушен.
Некои од нив: Лекување со Шопенхауер -ИрвинЈалом, Кога Ниче плачеше - ИрвинЈалом,
Џелатот на љубовта- ИрвинЈалом, Проблемот Спиноза- ИрвинЈалом. Би ги предложила
и Психосоматика- емоции што разболуваат и лекуваат- Биљана Велковска и
Јунговата мапа на душата- Мери Стајн.
За крај ни раскажа како таа го поминува времето дома, во услови на изолација.
-Поради лична заштита и заштита на моите најблиски и соработниците извесен период сум во социјална изолација. Според мене нема ништо поубаво од квалитетно време поминато дома, а тука сите ние сме застанати пред личен предизвик. Денот може брзо да помине и да го наречеме досаден, но од друга страна доколку ја одржиме кондицијата на креативноста, можеме да видиме дека на другата страна од досадата се наоѓа забавата, мирот, спокојот, грижата за себе.Наутро правам лесни вежби и правам план на денот. Иако сум дома, сакам кога имам организација на времето. Потоа дел од денот работам, сите клиенти моментално ми се онлајн, па дел од денот е резервиран за нив и нивните термини. Сакам да читам, па времето го поминувам во читање на сите книги кои ги имав дома, а беа на листата на чекање. Исто така по долг период ја фатив и четката за сликање, па можеби по оваа излација ќе имаме и изложба. Вечерта ми е резервирана за партнерот, овие денови сум поактивна во кујната, па тоа го комбинираме со некој интересен филм. Искрено, се обидувам со разни активности да го одржам менталниот имунитет далеку од социјалните мрежи.
*Љ.И