Публиката ме запозна и со други претходни проекти, но со „Величествениот“ ме потврди: Актерката Филиз Ахмет искрено за улогата Нигер калфа, но и за себе

Ја препознаваме како Нигер Калфа, дамата која ѝ беше десна рака на контроверзната султанка Хурем, од најгледната турска серија кај нас и насекаде низ Балканот, „Величествениот“. Некои знаат, дека таа всушност по потекло е македонка, но и има и такви кои ја обожаваат, а не знаат дека Нигер Калфа, односно дека актерката Филиз Ахмет е родена токму во Скопје. За ова таа вели дека особено публиката во Турција знаела дека таа потекнува од Македонија и додава: „Секогаш кога ќе ме именувале поинаку, сум ги поправала, затоа што сакам да се знае чисто и јасно од каде потекнувам. Во моментов, поради работни ангажмани, повеќе сум во Македонија, но често патувам и во Турција.

Филиз инаку е внука на Љутфи Сејфулах, еден од основачите на Турскиот театар во земјава.

За нејзината сличност со Нигер, актерката вели:  - Не би рекла дека имам некаква сличност со карактерот на Нигер, затоа задачата што ми беше дадена бараше многу од мене. Тоа и повеќе ми се допаѓа, затоа што ретко како актери можеме вистински да се поистоветиме со дадената улога. Да, може да има сличности, но наша задача е да копаме што подлабоко и да ги спознаеме работите за себе кои ни се непознати и потребни за ликот што го градиме. Сепак, да се биде дел од таков мега проект е неверојатно и сум благодарна што токму мене ми се погоди таа шанса и среќа. Повеќе за „Величествениот“ - проектот кој ѝ отворил многу патишта, за детството во Македонија, за нејзината кариера прочитајте во ова нејзино прво интервју за Женски магазин. 

* Колку и како „Величествениот“ влијаеше понатаму во вашиот професионален живот?

- Живееме во свет на врски. Колку повеќе луѓето те познаваат, толку побргу можеш да ја завршиш работата. Мене, публиката ме запозна и со други претходни проекти, но со „Величествениот“ ме потврдија. Оваа серија до ден денес, полесно ми ги отвара вратите кон други проекти, наменети за мене, затоа што луѓето ме знаат која сум. 

* На кои турски серии работите сега, односно снимате во моментот?

- Пред неполн месец заврши снимањето на серијата Balkan ninnisi, така што тоа е последниот проект во којшто учествував.


* А во кои претстави во Македонија и филмови сте глумеле?

- Филм во Македонија, досега немам снимано. А претстави, играм во Турскиот театар уште од дете, со оглед на тоа дека дедо ми, Љутфи Сејфулах, е еден од основачите на овој театар. Имам одиграно повеќе од дваесетина претстави.

* Ве препознаваат ли денес како Нигер Калфа?

- Да, Нигер е неизбежен дел од мој живот. Со овој лик и таа серија, многу луѓе се заразија и до ден денес ја гледаат и секако на улица ме познаваат како Нигер. Не како Филиз.


* Родени сте во Скопје, овде го поминавте детството? Може ли малку повеќе да ни откриете за вашето детство, каде живеевте како дете, каде студиравте?

- Детството го поминав во неколку населби низ Скопје (Дуќанџик, Аеродром, Север). Тие денови ги памтам со дружења со деца од разни националности и сметам дека ова придонесе да имам многу богато детство. Подоцна, во тинејџерските години, фамилијарно се преселивме во Шведска. Од таму, највеќе впечаток ми остави целокупниот систем на функционирање на општеството. Се беше како под конец. Секојпат кога гледам, тука во Македонија, како нешто неправилно функционира, се потсетувам како беше таму и споделувам со цел да може да се вметнат и тука дел од тие работи. После тоа, повторно се вративме во Македонија, се запишав во средно медицинско училиште, па на факултет и останатото е веќе познато. 

* Се сеќавате ли кој беше вашиот прв проект?

- Првиот, баш првиот проект, ми се случи на седумгодишна возраст во претставата „Кавкаски круг со креда“, во режија на Јуџел Ертен, во турскиот театар. Од оваа дистанца, разбирам дека сум привилегирана што сум соработувала со тие прекрасни глумци и режисер на толку рана возраст, кои ми влијаеле да станам она што сум денес. Додека пак, првиот професионален ангажман, ми е во претставата „Искрените“ во режија на Владимир Милчин, за што сум посебно благодарна на професорот, кој ми ја довери улогата во исклучително тежок период од мојот живот.


* А кој ви е омилен?

- Сите проекти ми се драги на свој начин, но ако треба да издвојам, тоа би било „Малечката“, во режија на Димитар Станковски. Овој проект, го сметам за отскочна даска, поради исклучителната соработка со режисерот и целата екипа.

* Доколку публиката сака да гледа претстава од вас каде може да го направи тоа деновиве?


- Тоа е во Турскиот театар, моментално во претставата „Убава фигура“, а до крај на сезоната, треба да излезе и претставата „МојТермин“, во режија на Синиша Ефтимов.

* Според вас, има ли кавлитетни актери кај нас, кои би ги издвоиле?

- Да, се разбира има и тоа многу. Но сметам дека на многу од нив, не им се дава соодветна шанса. Навикнати се режисерите да соработуваат со едни исти актери, така ја навикнуваат и публиката и после извесно време, уште пред да го видиме проектот веќе отприлика знаеме зашто ќе се работи. Би ги издвоила, цела нова генерација актери, која знае да се избори за своето место со цврст став и без отстапки. А би ги обесхрабрила тие што уште пред да стапнат на сцена, веќе станале големи ѕвезди. Оваа професија бара голема пожртвуваност и многу работа и само тоа е рецептот за успех. Се останато е краткотрајно.


* Што и недостига на филмската индустрија во Македонија, дали е способна да направи серии како турските?

- Професионалност. Тоа е првото нешто кое ми паѓа на памет. Во други земји, точно секој си го знае местото и се знае дека глумецот е на прво место. Кај нас, на прво место е продуцентот, како обезбедувач на финансиите, па режисерот како креативен Бог и глумецот е ставен на којзнае кое место. Тоа можеме да го видиме и по плакатите што се прават. Тука, не знам зошто, креаторите на проектот, го избегнуваат фактот дека публиката оди за глумецот, а се воодушевува на колективната работа на сценографија, костими, шминка, технички работници. Уште не сме ние Холивуд, па публиката да оди да го види најновото ремек дело на одреден поединец, со секоја чест на исклучоците. Што се однесува до правењето серии, сметам дека Македонија може да биде рамноправна со секоја држава во светот, но да се има во предвид рамноправноста, распределувањето на буџетот како и разноликоста на глумците. Не може еден актер годишно да има по неколку главни улоги во театар, филм, да снима реклама, да синхронизира серии. Публиката се презаситува од едни иста лица и гласови. Тврдам дека може да се прават квалитетни работи. 

* Кој е ваш омилен Македонски филм?

- Медена земја.


Наталија Миланова