Ќерката ја посвоивме на 3,5 месеци, синчето на годинка и 4 месеци: Радмила Живановиќ за патот до посвојување исполнет со подеми и падови

Добивај вести на Viber

фото: приватна архива / Борче Поповски

Болното сознание дека нема да можат да имаат биолошки деца, не ги обесхрабрило, напротив ги поттикнало да го превземат најблагородниот чекор - да посвојат деца и да им ја дадат целата љубов на светот.

Предрасудите се топат, многу повеќе кога не ја криеме реалноста и вистината - вели Радмила Живановиќ, мајка - посвоителка, психолог-психотерапевт во „Психотерапика“ - жена која заслужува длабок наклон и која со гордост зборува за тоа како е да се биде родител посвоител, уривајќи ја стигмата и предрасудите кои постојат за посвојувањето деца и посвоените деца.

ДЕНЕС СО НЕЈЗИНИОТ СОПРУГ СЕ РОДИТЕЛИ ПОСВОИТЕЛИ НА ДВЕ ПРЕКРАСНИ ДЕЧИЊА ОД ОСУМ И ДВЕ ГОДИНИ

- Во брак сум од 2005 година, што значи одамна, со еден прекрасен партнер, со кој заедно ги поминавме сите репродуктивни бродоломи, за да на крај успееме да се вкотвиме во нашиот залив, и разбереме дека нема да бидеме биолошки родители, ама дека сепак ќе бидеме родители на две прекрасни деца, кои сега се осум и две години. Откако се свестивме и излеговме од тоа репродуктивно бунило, желбата да станеме родители ни се оствари веднаш после 9 месеци во процедурата на електронски систем на посвојување. Првото дете го посвоивме на 3.5 месеци, а второто пред самото откажување од второ посвојување, на година и 4 месеци - ни раскажува на самиот почеток Радмила.

ДЕЦАТА НИ ДАРИЈА НОВ ЖИВОТ И НОВА СМИСЛА

- Многу лесно се одлучивме да посвоиме, сфативме дека да бидеме биолошки родители не било за нас, туку да бидеме родители-посвоители е за нас, една благородна улога која ја запознавме пред цели осум години и која целосно нè промени и нас како луѓе и сите околу нас... Посвојувањето има една огромна сила да даде смисла на навидум несмислените животни потези, многу охрабрува и дава исклучителен полет и смирување. На почеток нормално сè ни беше непознато, имавме стравови околу процесот и како тоа изгледа, но искрено никогаш толку сигурно не сме се чувствувале, како да имавме еден огромен ветер во грб, а сонце во градите... Бевме силно инспирирани, знаевме уште многу порано, дека тоа ќе биде нашата приказна... Знаете луѓето знаат да си ги осетат сопствените претскажувања, посебно кога се заглавени во огромна болка и немоќ, како што бевме и ние. Децата ни дарија нов живот и нова смисла.

СУШТИНСКА Е СПЛОТЕНОСТА И ПОСВЕТЕНОСТА НА ДВАЈЦАТА ПАРТНЕРИ НИЗ ЦЕЛИОТ ПРОЦЕС НА ПОСВОЈУВАЊЕ 

- Во периодот кога ние аплициравме воведоа нов систем на електронско собирање на податоците на потенцијалните посвоители, целата процедура беше централизирана, тимовите на социјалните служби беа во контакт со семејствата и правеа проценка на истите. Не наидовме на проблеми воопшто при првото посвојување, некако како да требало да се случи и се случи после 9 месеци од поднесувањето на документите. Додека второто посвојување ни беше сосема неизвесно, неколку години поднесувавме документи, ние бевме доста повозрасни, беше потребно да обезбедиме одредена квадратура за да се квалификуваме за повторно посвојување, и моравме сите тие работи некако да ги средиме за многу краток период. А за тоа требаше време, во меѓувреме за време на второто посвојување, мене ми се случија доста значајни семејни загуби, и некако целата процедура доби друга димензија. Мора да признаам дека со второто посвојување почувствуваме колку императив во посвојувањето е сплотеноста и посветеноста на парот. Јас не би можела да се прилагодам на второто дете да не беше мојот партнер, кој во второто посвојување беше родителот за кој се приврза детето повеќе. 

НЕГРИЖАТА НА ДРЖАВАТА 

- Навистина не сакам да го романтизирам посвојувањето, сакам да додадам дека самиот процес на интеграција на децата во семејствата исто има проблем, затоа што не обезбедува никакво породилно отсуство доколку детето е над 9 месеци, така целото снаоѓање е оставено на нас самите. Воедно ние немавме никакво советување за прилагодување на детето со нас. Јас имав среќа што сум психолог, што одевме на терапија со мојот партнер, па некако полесно ни беше да се износиме со целата неизвесност, брзина и несигурност на посвојувањето. Исто во периодот на адаптација, кој трае три месеци, немавме никаква поддршка од страна на државата, освен повремените посети од страна на тимот. Ние како посвоители мора да го згрижиме сами детето без никаква обезбедена здравствена и психосоцијална поддршка. Тимот наш беше прекрасен, навистина беа огромни професионалци во полето. Сепак тимот не е доволен за да се олесни процесот на посвојување и прилагодување на детето на семејството. Да не зборувам после за кога да му се каже на детето дека е посвоено, како и неусвоениот закон за пристап до информации за биолошките родители од страна на самите семејства, или посебно кога детето веќе е полнолетно и желно само да ги побара. Така многу посвоени деца се оставени да талкаат, да бараат, а посвоителите колку и да сакаат неможат да им помогнат на своите деца. Согласно на тоа, децата знаат силно да се разочараат кога нема да знаат од каде им доаѓа коренот, а тоа искрено, многу од посвоените деца интимно го посакуваат.

ПРВИОТ КОНТАКТ СО ПРВОТО ПОСВОЕНО ДЕТЕ - ЌЕРКИЧКА

- Првото дете беше 3,5 месеци. Ја земавме од домот од Битола, беше прекрасно бебе, таа слика ќе остане со мене цел живот, бидејќи ја видов љубовта и животот како ми се насмевнуваат срамежливо. Со своите мали и исплашени рачиња се вкопа во мојот сопруг и не го пушти, како мајмунче што се приклештува за својата мајка. Откако влеговме во автомобилот да одиме накај Скопје, да се враќаме дома, таа силно се исправи и за прв пат го погледна светот надвор од дома. Стоеше воодушевено, со огромна љубопитност го голташе новиот свет. Кога стигнавме дома, јас се здрвив незнаејќи како да се однесува една млада мајка. Маж ми тука повторно беше похрабар и ја превзеде целата работа додека мојот грч полека се топеше. Кога јас веќе бев сигурна дека сум нејзина мајка, почнав многу повешто и послободно да комуницирам со неа и со светото за неа. Како што она растеше така растеше и нашата љубов. Неможам да се замислам поинаку сега, а искрено мислам дека нема многу разлика со реакциите на биолошките родители. И на децата и на родителите им треба и простор и време да се прилагодат.

ЖЕЛБАТА ЗА ГОЛЕМО СЕМЕЈСТВО, МОТИВАЦИЈА ЗА УШТЕ ЕДНО ПОСВОЈУВАЊЕ - ОВОЈПАТ СИНЧЕ

- Отсекогаш сме сакале да имаме поголемо семејство, а второто дете дојде во вистинско време кога првото почна поинтензивно да се одвојува/осамостојува од нас, да влегува во тој предпубертет, во кој ние како родители стануваме се помалку интересни и потребни. Од друга страна целиот наш свет беше насочен само на неа, и сметавме дека ќе биде убаво да има со кој да го дели, да има некој со кој ќе може да се разбере многу повеќе себе си и своето место во животот, отколку со нас. Сепак кога дојде второто дете се појави многу разбирлив отпор и одбивност. Како нема да се појави, ние не можеме да се свестиме дека за еден ден добиваме дете, а тек она, која за еден ден доби нов состанар. Искрено ја вознемируваа кога ќе ѝ речеа дека има братче, таа силно се бунтуваше на тоа, ние ја разбиравме, ѝ рековме дека не треба да ѝ биде брат или било што се додека она не одлучи што сака да биде тој за неа. Сега за сега ѝ рековме тој е наш состанар, и ние се грижиме за него како што се грижиме и за неа. Имавме и период на враќање, неколку пати сакаше да го врати, но тоа беше многу нормална реакција, и повеќе беше реакција на притисок на прифаќање од пошироката околина отколку од нас самите. Поради тоа, после некое време се случи да омекне реакцијата, нашето синче веќе е силно заљубен во неа, ја имитира во сè, таа за него претставува модел на однесување, тоа нејзе ѝ годи, да биде повозрасната, и ѝ помогна да се оддели многу побезболно од нас, ја втурна во новата авантура на пубертетот многу посоодветно отколку било кој од нас да се обидуваше.

НИЕ ГО УЧИМЕ НЕГО И ТОЈ НЀ УЧИ НАС

- Синчето беше година и четири месеци кога дојде кај нас од згрижувачко семејство, во кое го викале „директорот“. Значи е дете со поимпулсивна и подиректна природа, многу побучен, побрз, некој од пријателите го нарекоа и „струја без гајтан“. Ние бевме научени на покротка природа од девојчето, а тој ни донесе ураган, плус некако сами со сопругот за сè се грижиме за нив, и веднаш после две недели го сместивме во градинка во која одлично се адаптираше. Не сум сигурна дека би знаела што да правам доколку ја немавме градинката како опција. Тие навистина прекрасно се грижат за него. Кога дојде прв пат дома, беше силно исплашен, здрвен, многу сомничав, постојано се штрецнуваше на секој повишен тон, за да после некое време се опушти, почне да се гали.. Многу е јасен кога сме му потребни, нè бара, со маж ми многу е поврзан. Од друга страна ние имаме многу помалку енергија да трчкаме по него отколку по неа. Така да практично он самиот се чува, доста е спретен, љубопитен, сака да се докажува, да биде главен, бучен, да плаче кога ќе добие „Не“...ние го учиме, и тој нè учи нас, но после 9 месеци, веќе е прилично адаптиран и прилагоден на нас и ние на него. Јас сè повеќе се впуштам во улогата да бидам мајка на брз тодлер, на машко дете... За сè што не ми е јасно прашувам, а искрено и доста ја консултирам сопствената интуиција и мојот сопруг.

ВО МАКЕДОНИЈА Е НИСКА СВЕСНОСТА ЗА ПОСВОЈУВАЊЕ - КАКО РЕАГИРА ОКОЛИНАТА

- Средината реагираше супер. Нашите најблиски реагираа како што ние реагиравме. Сите беа пресреќни. Јас сум мајка која не сака да крие работи од светот, а најмалку од своите деца. Јас силно верувам во капацитетот за прифаќање на мојата околина. Јас сум промотор и адвокат за што е повеќе можни посвојувања. Светот преку нашата љубов осознава дека воопшто не е тешко, и дека напротив е вистинска благост и задоволство. Предрасудите се топат, многу повеќе кога не ја криеме реалноста и вистината. Децата имаат право да ја знаат нивната вистина, ние имаме право да бидеме нивни горди родители, но исто така да сме свесни дека не сме нивни биолошки креатори. Ние, сме партнери во процесот на живеење. Се обидуваме така да се поставиме и да функционираме. Откако посвоивме нудам советување на парови кои се во процесот на посвојување, и многу ме радуваат кога ќе видам дека им се остварува родителството и дека нема простор за страв и грижа.

ПОСВОЈУВАЊЕТО Е ПРИВИЛЕГИЈА НА ДЕТЕТО ДА ИМА ДВЕ СЕМЕЈСТВА

- Децата треба да ја знаат својата вистина, колку и да се мали, тие знаат, чувствуваат и ние како нивни родители имаме дожност да им ја соопштиме на соодветен на возраста начин. Така јас на ќерка ми прво ѝ ја раскажував вистината, ѝ смислував приказна.. потоа дојдоа незгодните прашања, за стомакот на бремената жена и од каде дошле, па јас ѝ даваав одговори дека не е дојдена од стомак туку од моето срце. И тоа отвараше други дискусии и теми. Сакам да им препорачам на посвоителите да не ја притискаат вистината, да не ја таат од сопствените деца, затоа што е многу значајна и е одговор на нивната природна љубопитност. Воедно е значајно родителот да има искрен и отворен однос со негователите и наставниците на сопственото дете и да ги охрабрува да зборуваат за посвојувањето како добивка и можност, а не како загуба и ограничување. Така ги сензитизираме и сите околу нас за поинакви вистина, а креираме и разбирање за нашите деца неплашејќи се самите од вистината. Е сега, битно е да се постават ограничувања на таа вистина, на пример кога ќе ме праша ќерка ми кога ќе ја запознае мајката што ја родила, јас ѝ велам дека е премногу рано, но дека кога ќе биде полнолетна, мама и тато ќе ѝ помогнат да добие повеќе информации за неа, и доколку има можност и да се сретне со неа. Јас навистина сметам дека посвојувањето е привилегија на детето да има две семејства, едно кое го родило, а друго кое го расне и воспитува.

ПОСВОЈУВАЊЕТО НЀ ПРОМЕНИ СИЛНО, И СЀ УШТЕ НЀ МЕНУВА

- Од една страна родителството силно нè менува, без разлика за каков вид на родителствување станува збор. Ние станавме подобри луѓе поради тоа што сме посвоители, стравовите кои порано постоеја, оние дека можеме нешто да поседуваме, веќе ги немаме, затоа што знаеме дека не можеме ништо да поседуваме и да контролираме. Дека многу работи се вон наша контрола. Нашите деца ги гледаме како своевидни херои кои уште на најрана возраст го спознале капацитетот да си веруваат на себе, ние им помагаме само да ги најдат соодветните верзии на себе, оние во кои тие се победници над животот, а не само губитници. Посвојувањето ја зајакна довербата помеѓу нас како партнери, и воопшто односот со нашите деца, гледаме да е однос на искреност и разбирање. Се обидуваме да не бидеме семоќни затоа што тоа е невозможно, ниту пак живееме во постојаната вина и загуба кои ја имаат доживеано. Свесни сме дека секој од нас живее или учи да живее со сопствените загуби, и свесни сме за нивната сила да учат како да живеат со сопствените загуби. Јас неможам да направам ништо повеќе од она што тие ќе го направат со себеси. Ми се допаѓа таа позиција на пуштање на нештата да бидат она како што треба да бидат, без притисок, форсирање и претварање.

КОГА НЕКОЈ ТИ ДОВЕРУВА ДЕТЕ ДА СЕ ГРИЖИШ ЗА НЕГО ТОА Е ОГРОМНА ЧЕСТ

- Ние сме задоени дека биолошкото е императивот на релацијата, од страв дека може да ја загубиме моќта, доминантноста, не веруваме во репарација на релацијата, во релација која обострано нè расте и развива. Културата нè убедува дека вистински родител е тој кој те родил, не тој кој те негува, се грижи за тебе и те воспитал. Баш поради тоа што некако биолошкото е дадено, потфрлуваме да го цениме и да го негуваме. Кога некој ти доверува дете да се грижиш за него, тоа е огромна чест и привилегија. Не секој ќе ја отвори душата за другото, туѓото, различното, потребна е голема храброст, но и голема љубов, пред се за себе а после и за децата кои ги воспитуваме, знаејќи дека никој никому нема да биде целосно негов/нејзин, ние живееме во поголема слобода од очекувањата од себе и од нашите деца. Од друга страна јас сум нивниот заштитник и цврсто стојам позади нивните чувства, потреби и очекувања, им верувам и им обезбедувам простор во кој ќе се чувствуваат свои, а не отуѓени и од себе самите.

ПОСВОЈУВАЊЕТО ЌЕ ВЕ СООЧИ СО ВАШИТЕ ОГРАНИЧУВАЊА, НО И ТОА Е ЗА ЛУЃЕ

- Бидете искрени во што можете да се снајдете, во што не. А, ако сакате да осетите како функционира прашајте го оној кој посвоил, побарајте совет, побарајте насока. Нормално е да сте збунети на почетокот. Тоа е долга процедура, ништо не се случува преку ноќ и треба да проверите што вашето срце ви зборува. Ако кај било кој од партнерите има отпор, треба да се валоризира тој отпор, да се види дали може да се промени и како или не може да се промени. На крајот од денот, многу парови одлучуваат да функционираат сами и во согласност со она што им носи животот. И тоа е опција, нели! Ако се отворат сите можни опции, сепак полесно сите ќе дишеме. За нас посвојувањето беше единствена опција да станеме родители, за други можеби внатрешното гласче им кажува нешто друго. Посекако пробајте, разговарајте и имајте контакт со посвоителни семејства за да го демистифицирате целиот процес во својата глава или од друга страна да не го романтизирате премногу. Побарајте психолошка помош и поддршка затоа што одговорноста е за навек и не е моментално остварување.  


Љубица Иванова