Разводот ми беше болен и стресен: Искрено со Ева Нединковска, пејачка и претприемач

Добивај вести на Viber

Како исклучително талентирана пејачка, но и автор со целосно осмислена кореагорафија на настапите, на свои 16-17 години, охриѓанката Ева Нединковска се издвои на домашната музичка сцена. Сега е успешна жена претприемач, мајка на петгодишната Ена. Место самохрана, себеси сака да се нарече самохрабра мајка. Ева има неверојатна животна приказна, која за првпат ја раскажува јавно. Од сиромашните студентски денови, до моментот кога решила да ја остави музиката и стариот живот за кој вели дека ја водел во пропаст и сосема сама да започне нов бизнис, до разводот од човекот кој искрено го сакала, оваа храбра жена зборува во интервју за Женски магазин. Ева вели дека би била среќна ако нејзината приказна им биде поттик и инспирација на жените кои секојдневно ѝ пишуваат.  


*Кога ќе се сетиш на твоите музички почетоци, кои ти се најдрагите сеќавања, кога посериозно почна да пееш?

-Од овој агол кога ќе се присетам на моите музички почетоци ми доаѓаат сосема поинакви слики отколку кога би ви го одговарала ова прашање пред неколку години, а тоа се слики од моменти кои немаат само врска со музиката, туку со мојата животна филозофија и вредности како личност. Филмски моменти и пресврти кои ја навестуваа приказната на една храбра, жилава, издржлива, страстна жена полна со живот, верба и љубов за се’ она што го живее.Почнав на некои 16-17 години, но посериозно самостојно во мојата 18-та година како кантавторкана фестивалите “Канео фест, “Охрид фест” и “Макфест” , а исто и авторка на музика и текст за други изведувачи, на фестивалите. Се сеќавам дека музиката течеше од мене многу природно, многу лесно, а и целиот процес на подготовка на моите настапи од креирање костими за настап, кореографија итн беше неисфорсиран, гладок. Се сеќавам дека немав чувство на замор, чувство за време и тешкотија да направам било што, имав многу идеи, многу енергија. Се сеќавам на 17-годишна девојка во својата мала соба во Охрид (пред фестивалите) со тетратката со текстови пред себе, први снимки и без никакви контакти со луѓето од музичкиот свет. Еден ден, само зедов телефон, свртев Информации и ги барав контактите на уредниците на музичките редакции од ТВ куќите во Скопје за да им ја пратам мојата прва самостојна песна “Дали денот ќе е рај” и да ги закажам моите први ТВ и радио гостувања. Тоа беше работа за неколку часа, во еден ден. И ги добивав, и потоа испраќав музика и добивав покани. Хаха, лудо ми звучи сега (во време кога немаше Youtube, Facebook, Instagram), зашто немаше ни една мисла кај мене дека нема да успеам, верував дека имам нешто интересно и дека луѓето треба да го слушнат и се гледав на сцена за која знаев дека сум родена. И уште стојам позади тоа што го работев тогаш. Втората слика ми е по првите летни настапи на фестивалите, есен, веќе бев запишана на Филолошки факултет, во изнајмен стан сама кој не знаев како ќе го плаќам натаму хаха, и паралелно требаше да студирам, да заработувам за живеачката во Скопје и студиите, а исто и да ја градам музичката кариера. Веќе мојот талент и музички израз почна да се препознава и имав настапи, интервјуа, работни ангажмани за други пејачи во студио и се сеќавам на долгата низа саати без спиење, кога директно од настап одев наутро на факултет, се пресоблекував, вадев шминка и слушав предавања. Не одев по кафиња, по студентски журки, приватен живот нула, посветеност максимално на музика и факултет и работа.  И...предизвиците почнаа. Има многу за раскажување, во некоја наредна прилика. Се гордеам со таа Ева тогаш.


*Како се роди идејата за Центарот за обука Ева, што точно се изучува, и дали и ти си во улога на предавач?

-Идејата за Центар за обука ЕВА се роди од мојата желба да има едно место каде луѓето од сите возрасти ќе можат да учат многу работи што немале можност претходно. Како дете сонував да постувам такви школи и немав можност. Па, затоа сакав такво место да создадам. Пред некој месец славевме 10 години успешно постоење: ЕВА беше пионер, беше првиот мултимедијален уметнички, јазичен, кариерен и креативен едукативен центар кој стартуваше со школи и разни отсеци за странски јазици, музика, цртање и сликање, фотографија а потоа и со школи за убавина и бизнис. Драго ми е што многумина потоа се инспирираа и го заследија концептот. Моментално во фокус се последниве: школата за убавина и бизнис, а јас покрај менаџерка на Центарот работев активно како професорка за деловен англиски и стручни испити за  меѓународните сертификати за TOEFL и IELTS, a последниов период и работам како бизнис консултантка за разни компании и стручен предавач за бизнис развој, менаџмент, продажба, маркетинг, комуникации, што е во линија со моето практично претприемничко искуство како и магистериумот по економски науки.

*Кој момент беше одлучувачки да ја напуштиш поп музиката и настапите и да се посветиш на нов бизнис?

-Одлучувачкиот момент беше еден и единствен. Беше прашање на живот или смрт. Требаше да бирам помеѓу себе и мојата ренесанса или музиката и стариот живот кој ме водеше во пропаст. Се избрав себе, за да можам еден ден да создавам повторно. Што и да е, не само музика. Главната причина не е поврзанa со економскиот аспект и верувањата дека “од музика не се живее” туку со мојата одлука во даден момент која ја сметам за една од најхрабрите во мојот живот. Направив целосен и брз хируршки рез со тој начин на живот и опкружување и отворив нова, чиста страница што на почетокот значеше големо бланко и неизвесност, зашто немав никаков иден план. Прекинав да прифаќам понуди за интервјуа, настапи, гостувања, снимања и толку. Останавме недоречени со музиката, имав многу да дадам, а и таа мене, јас сакав страсно, а исто и сцената, живото изведувањето. Естрадниот живот не. Но од оваа дистанца знам со сигурност дека избрав правилно. Другото, создавањето и допирањето други луѓе, кое е една од работите за кои сум родена и ми е должност, знам дека не е завршено и дека допрва имам за давање.


* Колку години имаше кога започна и дали како млада жена која сама се впушта во сосема нов предизвик почувствува несигурност и страв од неуспех?

- Центарот го отворив кога имав 27 годиниво 2011, релативно млада и неискусна од аспект на претприемништво и економија, бидејќи бев дипломиран филoлог со фино предавачко и преведувачко искуство од претходните работни ангажмани за други школи, но со чувство за бизнис, јака мотивацијаи многу јасна визија. Во неизвесноста и несигурноста пливам многу добро, како риба во вода, тоа е мојата природна средина имајќи на ум дека доаѓам од претприемничко семејство на двајца родители кои имаа приватни бизниси, подеми и падови, а и со моето искуство од музичкиот бизнис. Трема имав, возбуда плафон, страв не, зашто знаев дека ќе успеам. А и немав таква опција да не успеам. Сум паѓала многупати и ме болело, но секогаш знам дека ќе бидам добро, имам усовршено станување, јас сум роден победник. Започнав со многу малку срeдства. Се’ што претходно заработив од музиката и работните ангажмани како филолог, потрошив во вакум периодот додека ја развивав бизнис идејата за ЕВА. Тие што ме познаваат знаат дека многу ретко и тешко барам помош од други луѓе за што било, но за ЕВА му се јавив на мојот (сега покоен) дедо да му побарам  некоја релативно помала сума, кој ми рече:“ако не ти успее биззнисот ќе ми ги вратиш до денар, а ако ти успее, не мораш да ми ги враќаш, подарок ти се од мене.” Главната поддршка за реализација ја имав од неколку пријатели стекнати на факултет, за време на музичкиот период и подоцна, кои веруваа во мене и кои знаат дека сум им неизмерно благодарна. Од браќата и родителите имав и секогаш имам жустра и цврста морална поддршка.


*Сега си веќе мајка. Колку години има ќерка ти, и каква личност би сакала да стане?

-Мајка сум на малата Ена, која пред два дена наполни 5 години и која со нејзиното раѓање ми даде уште една и најважна животна смисла и улога. Да воспитам, изградам и оставам позади себе добар човек со вредности, девојка па жена на која светот ќе и’ носи радост, а и таа нему. За неа сакам само едно - да порасне во племенита и среќна личност, зашто ако имаш среќа, што друго ти треба? А како до среќа? Таа не доаѓа сама, неангажирано. Е, тоа е школата и патот за детето и за родителот. Пат кој е уживање и предизвик да се оди со неа и за кој сум благодарна.


*Се раздели од долгогодишниот партнер, таткото на твојата ќерка. Колку промената во емотивниот живот те смени и те направи посилна?

-Со таткото на Ена бевме 4 години од кои 2 официјално во брак. Ена е многу посакувано дете, круна и симбол на силна љубов и други човечки вредности кои за мене ко личност се важни, а тоа е безусловно прифаќање, поддршка, лојалност, преданост итн. Ена е среќно и сакано дете, живее со мене а остварува редовни гледања со татко и.’ Иако сум разведена јас и понатаму силно верувам во љубов, зашто љубовта е двигателот и основата на се’. A верувам и во здрав брак и го сфаќам одговорно и сериозно. Нема ништо поубаво од тоа заедништво и сплотеност на две души кои сакаат заедно радосно да растат низ животот и предизвиците. Разводот за мене беше тежок, болен и стресен период кој не го посакував, но кој мораше во дадениот  момент да се случи. Тоа е уште една од тешките животни одлуки кои мора да се донесат за да се остане верен на себе и должноста кон себе за среќен животи драго ми е што не избегнав во право време да ја донесам. Ако себе се изгубиш ништо друго не можеш да имаш, ниту пак друг можеш низ животот да водиш или полезен за што било друго да си.


*Како денес се справуваш со предизвикот на самохрана мајка, во време кога си посветена на ќерката но и на сопствениот бизнис?

-Се’ на се’, се справувам одлично, благодарам. Имам нова кованица - самохрабра мајка, повеќе ми се допаѓа. Секогаш сум во трка со времето, жонглирам и со бизнис обврските и со домашните задачи, а најважно е дека сум присутна за Ена и нејзиниот живот целосно. Почнав да сум присутна и за мојот личен живот после деценија и повеќе и да си се навраќам себеси и односно да се откривам, променета, онака како што животот ме гради. Убавото од промената е дека повторно сум среќна, а и дека научив подобро да приоритизирам, да поставувам граници и да го намалам стремежот за перфекција. Научив да сум пореална и повеќе а балансирам. Исто, и да не сум толку строга со себе и со другите. Силна од секогаш си бев. Сега сум карпа.Но уште учам и допрва имам пат. А бидејќи сум човек од едукацијата, не ми пречи. :И учител и ученик вечен да сум.


*На крајот од денот, што те прави среќна, што е за тебе вистинска среќа?

-Ме прават среќна многу работи. Многу малку ми треба за среќа мене, зашто јас ја барам во себе постојано и така се тренирам секојдневно, да не зависи мојата среќа од друг или од надворешните случувања и околности. Најсреќна сум кога сум најблиску до себе, кога имам време да се слушнам, да се почувствувам. Среќна сум кога Ена е добро и кога е радосна. Среќна ме прават успесите на моите браќа и  мирот на моите  родители зашто им го знам срцето и патот кој го изодеа до таму. Среќна ме прават успесите и на другите пријатели но и непознати, кога гледам луѓе од разни возрасти што сакаат да растат и напредуваат и личносно и професионално. Успешните приказни од ЕВА ме прават среќна, кога лица кои се едуцирале кај нас и имале визија се движат кон реализација на своите соништа. Среќна сум кога едуцирам и инспирирам други. Кога отварам работни ангажмани или места за други луѓе. Среќна сум кога учам нови работи. Среќна сум кога премостувам мои слабости, кога тренинзите ми успеваат долгорочно, кога имам прогрес. Среќна сум во природа, на сонце и воздух најсреќна. Среќна сум кога сум блиску до Бог и го славам. Среќна сум кога трчам зашто трчањето ме учи. Од неодамна сум дел од Nike школата за трчање. Среќна сум кога имам време да пишувам, создавам и пренесувам на други. Среќна сум кога патувам....листата е долга.

*Размислуваш ли за враќање на музиката со барем една авторска песна? 

-Што сум поблиску до себе тоа и повеќе ме влече да создавам. Кога сум сама и во мир имам блиски средби со музиката и пеам. После долго време. Можеби, можеби...некогаш...некои работи не ги знаеме додека не ги дознаеме.


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива