РЕКТОРОТ ПРОФ. Д-Р НИКОЛА ЈАНКУЛОВСКИ СТАНА ВИТЕЗ ОД НАЦИОНАЛНИОТ РЕД ЗА ЗАСЛУГИ НА РЕПУБЛИКА ФРАНЦИЈА

Амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, г. Сирил Бомгартнер на 31 јануари 2023 година на свечен начин на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски му додели Орден за национални заслуги на Франција. Со ова високо признание ректорот Јанкуловски стана Витез од Националниот ред за заслуги.  Орденот за национални заслуги на Република Франција е воспоставен во далечната 1963 година од страна на генералот Шарл Де Гол, како едно од најпрестижните француски одликувања со кој се наградуваат лица, Французи или странци, кои имаат особени заслуги за Република Франција.

Церемонијата се одржа во присуство на блиските, соработници, пријатели, министер за здравство г. Беким Сали, министерот за образование и наука д-р Јетон Шаќири, гувернерката на Нардодна банка на РСМ д-р Анита Ангеловска Бежовска, г.г. Стефан, Архиепископ Охридски и македонски, католичкиот бискуп монсињор Киро Стојанов, и  гости од економскиот и културниот живот во земјава.

Францускиот амбасадор , г. Сирил Бомгартнер нарекувајќи го ректорот Јанкуловски голем пријател на Франција во својата пригодна беседа го истакна следново: Покажавте голема отвореност за различни форми на соработка со Франција. Од вашето именување за декан на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје во 2009-та, благодарение на добрата соработка Францускиот институт успеа да реализира повеќе настани во амфитеатарот на Деканатот како „Празникот на науката“ и бројни конференции од областа на физиката, медицината и радиофармацијата. Од вашиот избор за ректор на УКИМ во 2016 година оваа соработка вклучува и нова димензија. Тука мислам на потпишувањето на Договорот со Универзитетската агенција за франкофонија кој овозможи отворање на Центарот за универзитетска успешност во септември 2018 година во кругот на кампусот на Универзитетот – проект кој се чекаше со години а се реализираше благодарение на вас.

Амбасадорот Бомгартнер, исто така, ги нагласи заложбите и несебичната поддршка на ректорот Јанкуловски за издавањето двојна диплома по применети странски јазици помеѓу УКИМ и Универзитетот во Кајен. Тој, исто така, говореше и за ангажирањето во процесот на деблокирање на средствата на г. Константин Стојанов во рамки на Фондацијата што го носи името на овој наш сограѓанин кој живеел и работел во Франција и кој на УКИМ му остави значителен износ на финансиски средства кои се чуваат во реномираната француска Банка Сосиете Женерал, кои ќе се користат за стипендирање и универзитетската мобилност со Франција на студентите од Катедрата по француски јазик и книжевност.

Заблагодарувајќи се на високата чест укажана со доделувањето на Орденот за национални заслуги на Република Франција, ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски рече: Ова одликување за мене е голема чест и  мотив да продолжам по патот кој го одбрав -  да и служам на мојата земја со сиот свој личен и професионален капацитет и сето свое знаење и енергија да ги употребам во продлабочување на соработката на нашата земја со Република Францијапосебно во делот на академската соработка која отвора нови хоризонти за нас, која создава дополнителни вредности а тоа се слободната мисла, демократија и просперитет. Мојата цел е да придонесам колку што можам во зацврстувањето на европските вредности на нашиот универзитет, но и на мојата држава.