Родена во Казахстан, пораснала во Русија, омажена во Битола: Марија ни раскажа за уникатниот накит што го изработува
Собирајќи цветови од природните убавини на Македонија, но и на Русија, инспиративната и креативна Марија која во последните 4 години животот го поминува во Битола прави уникатен накит. Родена во Казахстан, пораснала во Русија, а како што ни раскажува, судбината сакала да живее во Македонија, иако никогаш не ни помислувала. Неодамна се остварила во најубавата животна улога, и станала мајка а она што ни го привлече вниманието е нејзиното хоби, кое прераснало во професија која со воодушевување ја работи. Марија, за Женски магазин, раскажува дека за прв пат во Македонија дошла откако се запознала со нејзиниот сопруг, кон крајот на 2016 а тогаш она што не го очекувала од нашата земја, вели дека е студот.
-Дојдов во Македонија откако се запознав со мојот сопруг. Прв пат дојдов во МК на крајот 2016 година и тогаш беше премногу студено, не очекував такво нешто од Македонија (се смее) . Живеам во Битола со сопругот и мало бебе 11 месеци.
*Раскажи ни ја вашата љубовна приказна , како се запознавте со сопругот?
-Со сопругот се запознавме на одмор во Барселона. После неколку месеци јас дојдов во Македонија и така и почна нашата љубовна приказна. Не правевме голема веселба, бидејќи и двајцата не сме љубители на големи и традиционални свадби. Регистрацијата на бракот ја направивме во Македонија, а венчавка во црква направивме во Москва.
*Дали сонуваше дека еден ден можеби ќе живеете во Македонија, како те прифатија најблиските, пријателите на твојот сопруг.
-Претходно многу малку знаев за Македонија така да не сонував за Македонија (се смее). Блиските ми прифатија многу добро.
*Што ти беше најтешко кога дојде да живееш во Македонија
- Неколку работи ми беа тешки, меѓу кои и ако доаѓаам од Русија каде што е студено, проблем ми беа студените станови и куќи во зима, бидејќи во Русија секаде има централно парно греење, а најтешко беше далечината од мојата фамилија во Русија.
*Изработуваш уникатен накит. Рачна изработка, со природни цветови. Од каде потекна оваа идеја, од каде најчесто ги собираш цветовите...
-Во Москва имав друга работа во офис, работев како менадџер со мебел за големи маркети како Икеа. Бидејќи тука нова околина, нов јазик, решив да почнам да работам со рачна изработка која што ме претходно беше само хоби. Конкретно за оваа работа со накит се навлеков од една моја пријателка, русинка, која што изработуваше таков накит. Бев воодушевена од изработките и така започна мојата работа со накит.
Ги собирам цветовите од различни места во Македонија, како околината на Битола, Пелистер, во Охрид, Маврово и Русија. Пред извесно време се вратив од Русија каде што собрав најразлични цветови кои што ги нема во Македонија.
*Колку време ви е потребно да направите едно ланче или еден комплет обетки, одзема ли многу време, раскажете ни ја процедурата?
-Изработката не е брза и едноставна, потребни се неколку денови, работата е составена од неколку етапи, најпрво започнува со собирањето и и сушењето на цветови. Се започнува со течна смола која што се става во калапи и која што се додава во слоеви и потоа се ставаат цветовите, овој процес трае 3-4 дена. Кога ќе се стврдне смолата , се почнува со шмирглање и потоа на готовиот производ се врши полирање за да го добие сјаниот изглед. На краjoт се аплицираат метални држачи и ланчиња, во зависност од накитот и желбата на купувачот. Сакам да нагласам дека за да се добие квалитетен и долготраен производ потребно е да се користат квалитетни материјали како смолата и останатите додатоци кои што ги купувам исклучиво во Русија. Имам многу идеи, но сега немам доволно време за да посветам на накит како претходно, бидејќи имам бебе и можам да работам само кога тој заспива (се смее) .
*Како ви се допаѓа Македонија, лесно ли се навикнавте да живеете овде?
-Во Македонија ми се допаѓа климата и прекрасната природа која што е разновидна на толку мал простор. Првата година беше тешко да се навикнам, потоа како што одминуваше времето се навикнував се повеќе и повеќе.
*Што мислите за Македонците, како ви се допаѓа храната и културата тука, дали ги следите традициите и обичаите?
-Македонците се многу дружељубиви и многу време посветуваат на одмор, многу време посветуваат на кафулиња, ресторани, свадби и друго. Ние во Русија особено во големи градови како Москва немаме толку време за кафе муабет. За се е потребно време на привикнување како за храната така и за културата. После 4 години во Македонија можам да кажам дека повеќето од македонската храна ја прифатив (се смее) .
Ирена Ставрова