Родителите не смеат фобијата од стоматолог да им ја пренесат на децата: Д-р Сашка Б. Симјаноска за Женски магазин
Првата вистинска посета на стоматолог пожелно е да се случи кога ќе никнат сите млечни заби. Тогаш ќе бидете обучени како да ја одржувате хигиената кај детето, а тоа стекнува позитивна навика и пријателски однос со неговиот стоматолог. Тој однос е неоптоварен со траумите кои ги доживуваат оние деца кои за прв пат се сретнуваат со својот доктор кога се во голема болка и не знаат што ги очекува во ординацијата.
На темата прва посета на стоматолог, и како да се разбие стравот од првата средба денеска разговараме со Д-р. Сашка Благоевска Симјаноска од Поликлиника Др. Благоевски, специјалист по ортодонција и ТМД дисфункција.
*Посветуваат ли денешните родители значајно внимание на оралната хигиена и редовната посета на стоматолог на своите дечиња и која возраст е најсоодветна за прва посета на стоматолог?
Д.р Сашка: Една од загриженостите на сите родители е и токму првата посета на детето на стоматолог и неговата реакција. Но, потребна е голема едукација и голем труд на сите нас да го промениме општо прифатеното мислење дека одењето на стоматолог е болна и стресна работа. Најголемата улога ја имаат родителите кај нивните деца, но и нивните другарчиња од градинка, школо, парк ... како и изреката дека добриот глас брзо се шири, а лошиот уште побрзо. Нечие непријатно искуство со стоматолог најбрзо ќе го запамтат децата и ќе си го поврзат со нешто непријатно и непосакувано место.
За тоа би требало детенцето да го посети својот доктор можеби уште на 2-3 години кога сите млечни забчиња се уште здрави, да се запознаат, низ една интересна приказна да ги запознае детето нашите инструменти за работа, зависно од психолошкиот тип на детето, може да се исполираат забчињата уште при првата посета и секако ќе се едуцираат родителите за правилната орална хигиена и како да ги сочуваме забите здрави и убави. Значи целта не ни е да имаме пломбирани забчиња туку здрави!
*Колку чести треба да бидат контролите ?
Д-р. Сашка: Овие посети треба да бидат почести, како расте детето така се подобро да се запознава со својот доктор, со новата средина, со огледалце да се прегледуваат забите, секојпат, во зависност од расположението на детето може да се направи некоја безболна интервенција, флуорирање...да се охрабри и нормално награди детето за неговото убаво однесување. Но, никако нема потреба да се присилува, потребна е огромна трпеливост и од докторот и од родителите .Доколку не сака да седне на стоматолошкиот стол, може да седне со мама, мора да му понудиме сигурност и најважно доверба на детето. А довербата треба да се гради. И ние возрасните од еднаш не можеме да имаме комплетна доверба кај нашиот стоматолог, но кога станува збор за повеќе години тоа веќе е нераскинливо пријателство кое се темели токму на довербата и убавиот однос стоматолог-пациент. Веќе кога имаме убаво изграден однос дури и да треба да се поправа забче соработката ќе биде многу подобра.
Во денешно време современата стоматологија нуди огромни можности сите интервенции да бидат многу попријатни и безболни, ласерската стоматологија е скоро безболна и без примање на анестезија ...но се тоа е безначајно во една психолошка фобија која комплетно е вкоренета кај индивидуата, а која се провлекува токму од неговото детство.
* Кои се најчестите грешки кои ги прават родителите во однос на врската стоматолог-деца?
Д-р Сашка: Основно нешто што треба да направат сите родители е да се потрудат да не ги спомнуваат можеби своите лоши искуства со стоматолог од детството или сега пред децата. Тие немаат никакво предзнаење за одење на стоматолог и треба да се потрудиме во нивните главички да создадеме убава слика за одењето на стоматолог...Дека забчињата ќе ни бидат здрави, убави...Никако не смееме како родители да дозволиме нашата фобија да им ја пренесеме на нив. И најчести грешки кои ги прават родителите пред првата посета на детето на стоматолог, нормално сакајќи да го охрабрат, се речениците: Не се грижи ништо нема да те БОЛИ, и не се секирај не е ништо СТРАШНО! Во тој момент Вашето дете ќе ги слуша само зборовите „боли“ и „страшно“, уште ако плус првата посета е поради болка на забче, тогаш е многу веројатно дека ниедно дете нема да соработува и одењето на стоматолог ќе биде траума.
Затоа препораката е освен што нема да слуша непријатни искуства од своите родители и роднини, да ја направиме првата посета на стоматолог на детето навистина пријатна, да го задоволиме љубопитството кај детето и да го испратиме со насмевка и задоволство.
*Така наречената леплива храна е најголемиот непријател на детските заби. Што да избегнуваат родителите за да нивните деца имаат што поздрави заби?
Д-р Сашка: ајважно е нормално да се сочуваат забчињата здрави, правилната орална хигиена која додека детето е мало е одговорност на родителите, а подоцна и на самото дете, а за тоа секако се едуцираме на тие први посети на стоматолог. Правилната исхрана секако многу допринесува за здравјето на забчињата, чоколадцата не се забранети, но може да се јадат еднаш во денот после ручек, кај малите дечиња проблем е со пиењето сокчиња преку шише и во текот на ноќта, така шеќерите подолго време остануваат за забчињата и се одлична подлога за настанување на кариес, лижавчиња, гумени бомбони, шеќер би требало многу ретко да ги дозвлуваме, не можеме на детето да му ги забраниме сите овие работи, сладолед во лето е задоволство за секого, но тоа да биде умерено и нормално оралната хигиена да биде редовна и правилна уште со никнењето на млечните забчиња. Колку подоцна во животот детето се соочи со потребата од вистинска стоматолошка интервенција толку поуспешни сме во градењето на убава слика за одењето на стоматолог и најважно никако да не дозволиме првата средба со стоматолог да биде поврзана со болка и страв.
* Како да се разбие стравот од стоматолог?
Д-р Сашка: Одговорноста е на сите и на родителите и на стоматолозите да бидат поупорни во едуцирањето, да бидат максимално пријателски расположени кон љубопитните пациентчиња, трпеливи и полни со разбирање за можеби оправданиот страв на детенцето. Секоја успешно завршена стоматолошка интервенција кај дете е како освоена војна, во која сите сме победници, а најголеми дечињата. Потребна е заедничка љубов и труд, тие дечиња да ги засакаат своите доктори.
Ирена Ставрова