Родова рамноправност во компаниите: Жените во Филип Морис

Добивај вести на Viber

Иако секогаш актуелна тема, меѓународниот ден на жената е дополнителен повод да поразговараме на тема родовата еднаквост во Македонија.  Своето искуство ќе ни го споделат  две жени-професионалци кои секојдневно се соочуваат со предизвици и носат одговорни одлуки. Во името на таа професионалност, компетентност и секогаш неисфорсирана леснотија за решавање комплицирани ситуации зборуваме со Анита Блажевска, Менаџер за корпоративни прашања и Ивана Стојаноска, Супервизор за финансии во Philip Morris International. 

*Еден од фактите за вашиот професионален пат е дека и двете се вработивте во Филип Морис додека бевте бремени, што можеби е преседан во Македонија и говори за политиката на компанијата кон своите вработени. Може ли подетално да ни го споделите Вашето искуство? 

Анита: Навистина ова може да се смета за преседан, особено ако се земе предвид дека има информации за компании во кои работодавачите ги прашуваат кандидатките за приватните планови, за брак, раѓање, не водејќи сметка за нивното образование, искуството и квалитетите кои ги поседуваат, како и за тоа што можат да изгубат само затоа што се работи за жена која веќе има или допрва ќе оформува семејство. Во Филип Морис не е така, што се потврди со мојот прием на работа иако бев бремена. Бев многу позитивно изненадена кога на последното интервју од неколкуте кој ги имав со различни претставници на компанијата од различни сектори, кажав дека сум бремена, а одговорот кој го добив беше дека тоа нема да смета на донесувањето на конечната одлука за вработување. Кога после неколку недели ми се јавија дека ме избрале за позицијата која ја имам денес, воопшто не се двоумев да прифатам токму заради тоа што бев бремена, а Филип Морис покажа неизмерна ширина за тоа. И не само тоа, после само две недели на новата позиција, мојата бременост се искомплицира, бев итно примена во болница, а таму добив огромен букет цвеќе од компанијата и порака од целиот тим со желби за побрзо оздравување и поддршка во тие тешки моменти. Овие работи за некого би биле мали, но мене многу ми значеа во тие моменти од мојот живот. Кога и да сум се соочувала со некој голем предизвик во работењето, секогаш помислувам дека во компанијата е моето друго семејство кое секогаш е тука да ми ја даде поддршката кога ми била потребна. Еве веќе четири години сум овде и секој ден знам дека ја донесов вистинската одлука што го прифатив предизвикот да бидам дел од Филип Морис.

Ивана: И јас го имав истото искуство да бидам примена на работа во Филип Морис кога бев бремена, што за жал е необично за нашата средина, за што се доказ многубројните реакции на изненадувања кои ги добив и сеуште ги добивам кога го споделувам моето вработување во Филип Морис. За време на првичните интервјуа со оваа компанија, јас имав работа на раководна позиција во интернационална компанија, ја сакав мојата работа, бев ценета и успешна во тоа што го работам. Повикот за интервју во Филип Морис го сватив како можност да се претставам пред една сериозна компанија со која имав претходна професионална соработка и високо мислење за нејзините стандарди и  принципи кои ги негува. Процесот на регрутирање ми го потврди моето мислење. Помеѓу првичните интервјуа и еден телефонски повик од страна на мојот иден работодавач, поминаа неколку месеци, а во меѓувреме јас останав бремена со моето второ дете. Кога во текот на разговорот им соопштив дека сум во шестиот месец од бременоста и без никакво двоумење добив толку разумен одговор, знаев дека Филип Морис е токму таа здрава средина во која што сакам да работам, за се развивам и за која сакам да допринесувам. Сигурна сум дека меѓу останатаите фактори кои ги земав во предвид при донесувањето на одлуката, еден од клучните беше и ставот на компанијата кон мојата бременост, или да ги употребам зборовите на мојот тогашен претпоставен “… тоа е најдоброто нешто што може да и се случи на една жена. Честитам Ивана! …” И денес, после повеќе од две години кога зборувам на оваа тема не можам а да не бидам емотивна и горда што токму мене ми се случи ваква успешна приказна, која ме мотивира да го дадам најдоброто од себе за оваа компанија.   

Ивана Стојаноска, Супервизор за финансии во Philip Morris International

*Колку работата во голема интернационална компанија го дефинира вашето секојдневие и животот?

Анита: Работата во голема компанија носи можност за стекнување нови знаења и искуство и можност за постојана надградба. Иако има стриктни правила кои мора да се почитуваат, Филип Морис поттикнува изразување на сите свои  вработени без оглед на позицијата, се цени иновативноста во решавањето на одредни проблеми, агилноста и претприемништвото. Токму таа организациска култура прави секој ден да е различен, да биде исполнет со ново  искуство и нов предизвик. Ова наметнува секој вработен да има и континуирано да развива добри организациски вештини како би се испочитувале сите обврски и рокови. А од друга страна, ова остава време за најблиските што е многу важно во денешниот свет на брзи промени, напредна технологија и можности за комуникација. Тој баланс помеѓу работните обврски и приватниот живот за мене, не само како жена, туку и мајка на две прекрасни дечиња обезбедува дополнителен стимул во работењето.   

Ивана: Во интернационалните компании е секако важно да се биде посветен на работата, но притоа не треба да се заборави на приватниот живот. Филип Морис ја препознава важноста на балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот, и преку својата филозофија комплетно ги подржува и ги мотивира своите вработени да го одржат тој баланс. Мојата работа во оваа компанија е дефинирана со можноста да ги остварам очекуваните резултати преку обезбедување на алатки од страна на Филип Морис, наместо поставување на лимити. Јас ја сакам мојата професија и целосно ме исполнува она што го работам, а уште повеќе ја сакам мојата фамилија. Комбинацијата на двете работи е предизвик но тоа е тоа што ме прави среќна и ме мотивира да бидам уште поуспешна како мајка и како професионалец. 

*Што најмногу се цени и највисоко се валоризира од професионален аспект во една голема компанија или корпоративна средина каква што е Филип Морис?

Анита:  Филип Морис е голема глобална компанија која има високи стандарди, промовира дух на претприемништво и поттикнува иновациии и тимска работа. Тоа значи дека идеален кандидат треба да биде во согласност со тие карактеристики. Ако дополнително е агилен, има добри организациски вештини, подготвен е постојано да учи, да се унапредува себеси и своите деловни резултати во соработка со другите и ако е посветен на работата – тоа е вистински кандидат за Филип Морис.

Ивана: Квалитетот! Најдобар доказ за тоа е мојот личен пример и примерот на Анита, дека оваа компанија верувајќи во нашите квалитети и потенцијал, не додаде во својот тим на професионалци, додека бевме бремени. Под квалитет би ги спомнала способноста за брзо учење, отвореност кон нови предизвици и искуства, тежнеење кон врвни резултати, посветеност, демонстрирање на претприемнички дух и лидерство, но но во соработка со целиот тим. 

Анита Блажевска, Менаџер за корпоративни прашања 

*Светот на бизнисот се смета дека е „свет на мажите”. Дали и колку е тешко да се биде успешна жена во тие некои наметнати стандарди? 

Анита: Точно е дека во општеството во кое живееме се уште постои стигма дека светот им припаѓа на мажите. Кај нас во општеството постои родова нееднаквост и во политиката и во бизнисот. Па видете само колку малку жени има на раководни позиции во институциите, во политиката, во приватните компании. А од друга страна, тие кои што се на раководни позиции важат пак за исклучително стручни и спремни што значи дека само треба да им се даде шанса и поддршка. Филип Морис е можеби една од ретките компании каде еден од приоритетите е постигнување родова рамнотежа и фокусот е ставен на искористување на целосните таленти на жените на работното место. Во моментов во компанијата 42 проценти од вработените на глобално ниво се жени, на 35 отсто од раководните позиции се жени, а целта е до 2022 година процентот на жени менаџери да се зголеми на 40. Во филијалата овде во Македонија процентот вработени жени vs. мажи е 50% - 50%, што укажува на тоа дека во компанијата се прави проценка на квалитетот на секој кандидат индивидуално и на она што таа/тој може да донесе ново во тимот со цел остварување на заедничките цели и задачи без оглед на родовата, етничката или било каква друга припадност. Во компанијата се цени способноста и квалитетот што овозможува жените да бидат еднакво прифатени како и мажите. Политиките за родова еднаквост на Филип Морис би требало да бидат правило во општеството, а не исклучок.

Ивана: Податоците покажуваат дека организациите кои негуваат вклучување на жени на раководни позиции и промовираат еднаквост, ја зголемуваат ефикасноста и генерално покажуваат подобри резултати во работењето и практикувањето на политиките за општествена одговорност. Овие компании знаат да ги препознаваат, негуваат и охрабруваат различните идеи и лидерски стилови, без оглед за кој пол се работи. Компаниите кои се во состојба да препознаат подлабоката вредност на родовата различност и кои се вистински посветени кон промени, напредуваат. А токму таква компанија е Филип Морис чија стратешка цел е родова еднаквост и искористување на најдобриот потенцијал од секој поединец, без разлика на полот. За ова ПМИ поседува и сертификат од независната фондација EQUAL-SALARY како потврда дека има одржливи политики и практики за еднакви плати меѓу мажите и жените за иста работа, што има за цел создавање инклузивно родово-урамнотежено работно место. Затоа овде, не е битно дали сте маж или жена, туку колку сте квалитетни, способни и што можете да и пружите на компанијата. Оваа филозофија треба да биде прифатена од страна на сите работодавци, не само од големите интернационални компании, и треба да биде природна карактеристика на културата на една компанија и целото бизнис окружување, а не да зборуваме за исклучоци и за половата диверзификација како за привилегија. Тоа треба да биде нормативот!

*За да бидете успешни верувам дека континуирано вложувате во себе, го надградувате своето образование, ја градите својата самодоверба. Но што е тоа што ве мотивира секојдневно за да сакате да бидете уште поуспешни? 

Анита: Можеби звучи како фарса, но треба пред се да се сака работата која се работи. Се сметам за среќна жена бидејќи освен што имам семејство кое ми дава енергија и поттик, имам работа која ја сакам и која ме исполнува. Да се биде дел од успешен тим, каков што е тимот во Филип Морис го сметам за привилегија. Со многу кретивност, аналитичност, стратешко размислување, тимски дух и посветеност може да се постигне успех.

Ивана: Она  што најмногу ме исполнува е сознанието дека мојот придонес на работното место е препознаен и ценет, дополнето со желбата преку сопствен пример да ги мотивирам моите деца да ги следат своите визии. Истовремено ја имам таа привилегија, мотивацијата да ја црпам од слични на мојот, примери на успешни жени во моето најблиско опкружување, со кои можам да ги споделам моите искуства и предизвици, и да добијам корисен сoвет и разбирање. 

 *За крај, што сметате дека треба да се промени за да се постигне родово рамноправна Македонија?

Анита: Би рекла дека пред се треба да се смени менталитетот што е можеби најтешко да се случи. Во Македонија на хартија постојат бројни политики и програми кои имаат една цел, а тоа е постигнување на родова рамноправност и еднаквост на жените. Постои и Стратегија за родова рамноправност за периодот 2013-2020 година. Меѓутоа, моменталната ситуација е таква што на родовата еднаквост се гледа како на штиклирано кругче во сите општествени процеси, било да се процеси за вработување или други. Во услови на обременост на општеството од политиканство и секојдневна исполитизираност на сите теми без оглед на важноста, родовата еднаквост е ставена во сенка. При носењето на јавни политики во најголем број случаи се запоставува и родовиот аспект на општествените проблеми и се применува елитистички пристап, кој не ги зема предвид ставовите на жените или други засегнати страни. Жените се соочуваат со бројни предизвици во секојдневното живеење и континуиран стрес заради мислењето на средината доколку одлучат да продолжат со понатамошно образование и градење кариера наместо да основаат семејство, доколку одлучат да бидат самохрани мајки, се соочуваат со ситуација да ја планираат односно одложуваат бременоста со цел да не ја изгубат работната позиција, се плашат дали ќе добиваат редовен надомест за породилно отсуство и бројни други слични прашања кои се наметнати од општествената култура денес. И ова за жал не се изолирани случаи. Веројатно, сето ова е својствено за едно неразвиено општество како нашето и како и многу млади луѓе се надевам дека отворањето на преговорите со Европската унија што поскоро ќе наметне едни нови стандарди за родова еднаквост, но и ќе значи промена на менталитетот што ќе резултира со изградба на европско општество и држава по европски правила и стандарди.

Ивана: Морам да се сложам со Анита. Нашата култура и ниво на свест се најголемиот предизвик како за овој така и за многу други проблеми со кои се соочуваме во нашето окружување. Само би дополнала дека според мене едни од клучните фактори за да се постигне родова еднаквост на работното место се смело лидерство, зголемена транспаретност, флексибилност на работното време и работните сати со приоритет на балансот помеѓу приватен и професионален живот.