Росана ќе стане баба на уште еден внук: Викавме од среќа кога дознавме дека Ивана е бремена

Росана Сариќ Тодоровска и нејзиниот сопруг, актерот Ѓорѓи Тодоровски-Трупче се среќни баба и дедо на Ноа, кој следниот месец ќе наполни три години. Но, за неколку месеци нивната среќа ќе се дуплира, затоа што ќерката Ивана и зетот Џејмс очекуваат уште едно бебе.

Росана на својот Фејсбук профил објави фотографии од излет на Водно, каде што Ивана и Џејмс пукајќи сини балони објавуваат дека чекаат уште едно момче, а Ноа ќе добие братче.


Познатата пејачка за Женски магазин раскажа дека оваа убава вест дошла во вистинско време, по стравот и неизвесноста која на сите ни ја наметна пандемијата изминатиов период.

-Во ова време на пандемија сме страшно внимателни и помалку разочарани, бидејќи животот некако се измести од корен... Предострожноста и стравот кај нас и тоа како беше присутен, но строго се придржувавме на мерките... Воопшто не е едноставно да не можеш да се видиш со најблиските, пријателите но тоа е... Се надевам дека нема да се повтори ова чудовиште- Короната. Се вакциниравме и сега некако и психички сме малку помирни“, ни раскажа Росана и продолжи на посреќна тема, моментот кога дознала дека ќе стане баба на уште еден внук.


-Што се однесува до сознанието дека нашата единица и нашата душа повторно ќе стане мајка,  радоста, среќата, па дури и викањето од среќа беше неизмерно добро чувство кое просто не се опишува... Благодарност до другарките на нашата Ивана кои вчера организираа сè да биде беспрекорно убаво, и заеднички да откриеме кој пол ќе биде бебето... Дури и ќерка ми и зетот не знаеја. Среќни сме, пресреќни и нека биде со лесно“, ни рече Росана.

-Ноа е уште малечок, за неколку дена ќе полни 3 години, и мислам дека уште не е свесен дека ќе има братче, но знае и кажува дека мама има бебе во мешето, хаааа. На сите им посакуваме да доживеат ваква среќа и радост“, ни изјави Росана.


Таа е среќна баба и на една внука, од нејзината сестра Маријана Новачевска која живее во Мелбурн, Ива која во април наполни две години. Ива е ќерка на Анастасиа и на Филип, синот на Маријана и на Тоде Новачевски.

М.Џаровска

Фото: Приватна архива