Руши стереотипи: Судијката Ангела дели правда на фудбалските терени
Моето судиско патешествие, кое веќе ја одбројува петтата година беше возбудливо, интересно, предизвикувачко, но и помалку тешко. Особено во почетоците, кога го правев првиот и најтежок чекор на излегувањето од зоната на комфор во тоа поле. Кога веќе излегов, сфатив дека ништо не може да ме сопре и дека останува на мене, со труд и многу работа да го доспеам посакуваното
Ако фудбалската топка и зелените терени ве асоцираат на посилниот пол, оваа приказна ќе ве убеди дека тоа не е секогаш така.
24-годишната судијка Ангела Рајчевска од Скопје е девојка која ги руши ваквите стереотипи. Таа се носи рамо до рамо со машките судии и дели правда на фудбалиските терени во Македонија и во светот. Рајчевска е дипломиран новинар на Правниот факултет во Скопје, иден Магистер по медиуми и комуникации, го сака фудбалот и истражувачкото новинарство и има желба да го прошета целиот свет.
За Женски Магазин, Ангела отворено раскажува за своето животно патешествие и досегашните судиски остварувања.
* Од каде љубовта кон фудбалот?
- Од мали нозе, пренесена од семејството. Израснав на терен, љубопитно следејќи го секој натпревар на татко ми и впивајќи ја магијата на играта што живот значи, за потоа и сама да посегнам по неа и да започнам најпрво рекреативно, а потоа професионално да се занимавам со истата. Започнав од игралиштето во моето маало, потоа срцето го оставав на терен за средното училиште во кое што учев, „Никола Карев“, за на крајот да ме освојат зелените терени и да станам дел од ЖФК „Респект“ и потоа ЖФК „Единство“.
* Како се одлучивте да станете судијка и колку е тешко?
- Одлуката да станам судијка дојде сосем спонтано, на мојот последен фудбалски натпревар. Во тоа време одлучив да престанам професионално да се занимавам со овој спорт а се' уште не бев подготвена да се повлечам целосно. Впрочем, подоцна сфатив дека и никогаш нема да бидам подготвена да раскинам со фудбалот. На последниот натпревар, набљудувајќи ги судиите што ја делеа правдата, се замислив себе си во таа улога. Нешто кликна, таа замисла ми стана толку реална што уште во истиот момент ги замолив да ме информираат каква е процедурата да се стане судија и веќе утредента го направив првиот чекор од моето судиско патешествие, кое веќе ја одбројува петтата година. Беше возбудливо, интересно, предизвикувачко, но и помалку тешко. Особено во почетоците, кога го правев првиот и најтежок чекор на излегувањето од зоната на комфор во тоа поле. Кога веќе излегов, сфатив дека ништо не може да ме сопре и дека останува на мене, со труд и многу работа да го доспеам посакуваното.
* Постојано се соочуваме со стеротипи дека жените не се за фудбал. Дали мислите дека полека исчезнуваат или пак се позасилени? Колку мажите прифаќаат жена да суди еден натпревар?
- Со стереотипите дека ,,Жените не умеат да играат фудбал", се справувам достоинствено. Оваа професија особено ми се допаѓа бидејќи со самото практикување секојдневно ги рушам тие стереотипи и придонесувам за истите да се намалат. Можам да кажам дека, од моите почетоци до сега, се повеќе се намалуваат стереотипите. Трендот на заштита на правата на жените расте. Застапен е насекаде и особено во спортот. Така, на луѓето им станува нормално да гледаат дами кои делат правда на фудбалски натпревари.
* Која била најтешката ситуација на која сте се нашле до сега на фудбалски терен?
- Секој натпревар има своја тежина. Секои наредни 90 минути ми се нов предизвик кој што понекогаш носи навистина тешки ситуации. Не можам да издвојам некоја особено ,,тешка" ситуација. Можам само да го наведам моето минатогодишно финале „Мажи У16“ на „Norway cup“. Натпреварот не беше тежок, но со самата големина на истиот чувствував особена одговорност за посебен професионален перформанс. Самото тоа што тој момент беше исполнет со огромна доза на позитивна трема ми беше помалку ,,тежок".
* Ваш натпревар од соништата што би сакале да го судите?
- Во соништата, би сакала да го отсвирам почетниот удар на кој било натпревар на „Олд Трафорд“. Домаќините ви се веќе познати.
* Што е потребно за една жена да биде успешна?
- Треба да верува во себе, но не напразно. Треба да има во што да верува. А за да има во што да верува треба многу да работи на себе, да се труди и да не се откажува, никогаш. Треба да верува во своите идеи, соништа и цели. И секојдневно да се труди и да работи на тоа да ги исполни истите. Да не дозволи никој и ништо да ја поколеба. Да сфати дека е жена и дека може се, рамноправно како и сите останати.
* Покрај судењето, сте и истражувачки новинар. Како балансирате меѓу овие две професии?
- Имам среќа што новинарството е 24/7 професија, а фудбалот најчесто е за викенд. Па успевам, некако, со огромна доза на ентузијазам и желба за работа, тоа 24/7 да го направам за 24/5 и останатите два дена да ги посветам на фудбалот.
* Кога би морале да изберете меѓу двете, од што би се откажале?
- Мислам дека не би се довела до ситуација да морам да бирам помеѓу овие две професии, или, ете, некоја трета. Бидејќи секогаш кога сакам нешто, со добар план и организација го реализирам до крај.
* Имате ли и некое друго хоби, пасија што ве исполнува?
- Покрај фудбалот и новинарството работам во Центарот за истражувачко новинарство СКУП, и сум активен младински работник во „Волонтерски центар„- Скопје. Пасија ми е животот убав кој се грижам за да го исполнам со повеќе природа. Сакам да патувам и запознавам луѓе од различни страни на светот. Често ги освојувам височините на планините. Сакам вода и го обожавам неприкосновениот Охрид.
* Која е Ангела Рајчевска во една реченица?
- Неуморен ентузијаст со многу цели кои доследно и принципиелно си ги остварува.
* Каде и како се гледате себе си за 10 години?
- За 10 години од сега се гледам полетна и исполнета, некаде каде што ми е убаво на душата, покрај најблиските.
Даница Караташова