САКАЈ НА НАЧИН ШТО ОСЛОБОДУВА И ВЕРУВА, А НЕ НА НАЧИН ШТО ЗАРОБУВА

Многупати сум пишувала за љубовта... и секогаш ми се отвора некоја нова димензија. Еднаш на едeн љубовник му напишав: „Кога се сакам себеси, можам да те сакам и тебе. Кога те сакам тебе, го сакам и светот“. Тоа е тој маѓепсан круг на љубовта...

Ви паднало ли некогаш на памет дека една од причините за љубовта е сакањето заради себе, а не заради другиот? Хм, кој би рекол дека и сакањето може да биде од себични причини? И дали егоизмот е другото лице на огледалото на љубовта? Се разбира, тука не мислам на оние шеми како во времето на викторијанството кога браковите се склучувале според конвенција и тоа најчесто од социјални мотиви (иако оваа практика не е исклучена и денес, во 21 век, особено во некои рурални средини), туку пред сè на психолошката сигурност што ни ја дава љубовта. На љубовта како единствен релевантен противник на стравот од смртта. Tокму стравот од смртта е еден од основните мотиви за опстанок и за репродукција. Ерих Фром пишуваше за љубовта како одговор на проблемот на човековата егзистенција. И ако се согласиме дека свеста за осаменоста и одвоеноста, како и беспомошноста пред силите на природата, е еден вид психолошки затвор за човекот, тогаш ќе се согласиме со она на Фром - дека луѓето имаат потреба да го напуштат затворот на својата осаменост со тоа што ќе се вљубат. А, има ли некој што не сака да љуби и да биде љубен? 


Ова прашање го мачи човештвото од своето рано детство. Уште во далечното минато луѓето во пештерите се спарувале за да живеат полесно. И, токму, како замка во пештера се отвора прашањето - каде се границите на себството во релациите со другите? Позната ли ви е состојбата: „Jас сум ништо. Постојам само онолку колку што сум дел од него?“ Верувам дека секој од нас барем еднаш во животот се нашол во ваква љубовна ситуација, кога сакањето станало опсесија, а љубовта горчина. Во секое партнерско спојување постои опасност од преклопување на сопствениот идентитет со туѓиот. Знаеме дека некои луѓе кога љубат, ги узурпираат границите на другата личност. Но, тоа е сосема спротивно на една од најубавите мисли за љубовта, дека љубовта е дете на слободата, а никогаш дете на доминацијата!

Најчесто сакаат да доминираат оние личности што се најнесигурни. И како што потребата за моќ често доаѓа од слабоста, така и коренот на посесивноста е всушност во недовербата во себеси. Љубоморните луѓе пред сè не си веруваат себеси, повеќе отколку на другиот, иако манифестацијата е обратна. Поседувањето или присвојувањето на љубовниот објект има корен уште во митологијата каде што е опишано како кенгур кој ги лови нимфите и потоа ги става на грбот. И свадбениот ритуал на старите Римјани е во сличен контекст. Невестата не стапнувала сама во брачниот дом, туку младоженецот ја внесувал на раце. Сите овие работи се ситни патокази кон поседувањето како една од можните манифестации на љубовта. Но, јас пак ќе речам дека коренот го наоѓам во несигурноста и незрелоста на личноста. 


Ќе ве потсетам на Дон Жуан, човекот кој постојано ја докажува својата машкост во сексот. Станува збор за маж чии карактерни особини се лабилни (бидејќи емоционално останал дете), па, често настојува да ја компензира својата машка улога во сексот. Теоретичарите на љубовта сметаат дека сексуалната желба може исто така да биде поттикната од тегобноста на осаменоста, од желбата да освоиш или да бидеш освоен, од суетата, па дури и од желбата да се повредува. И, ако сексот овозможува „да се излезе од себе“, тогаш ми доаѓа да го поставам прашањето - дали хипнозата и сексот имаат нешто заедничко? И дали сексот е излегување од себе или, пак, влегување длабоко во себе? 


Психијатарот Паул Шилдер смета дека постои тесна врска помеѓу хипнозата и љубовта. Тој објаснува дека активностите што овозможуваат пристап до хипнотичката состојба на умот имаат еден вид еротска вредност (или јас би рекла - еротски калории :) како што се нежното милување по рацете, сугестивен и истовремено смирувачки говор, заведувачки поглед и слично. И секоја хипноза е еден вид набљудување, а набљудувањето на другиот со кого сме во релација е неопходно бидејќи како што се вели - „ни зеницата не може самата себе да се набљудува“. Проблемот е што кога ги набљудуваме луѓето што сме ги одбрале за наши животни партнери, или генерално сите луѓе околу нас, обично ги разбираме преку себеси. Денот кога ќе научиме другите да ги разбираме преку нив самите, ќе се разбереме и себеси.

 И, да, знам, премногу филозофски звучи вака една работа каква што е љубовта, која е хемија и мистерија, и за која нема потреба од дефиниции и формули, оти се работи за чиста емоција и енергија, ама како што малото дете љубопитно ја расклопува играчката за да види што се крие зад неа, така и јас сакам да ги анализирам работите на начин на кој се доаѓа до нивната суштина. И секој човек што ќе го сретнеме на нашиот животен пат носи некаква лекција за нас. Ништо не е случајно и сè има своја причина и цел! Или како што еднаш порано во мојата книга „Сакам, значи постојам“ напишав: Секој разговор со другиот е средба, како лупење слоеви од егото, пливање кон брегот на вистината, казна за суетата, рандеву со болката, вадење маски, нуркање во најдлабокото, соочување со сопственото, разбирање на туѓото, егзистенцијален шах со животот... или со други зборови, средбите со љубениот се како наоѓање детелинка со пет листа!

Значи ли тоа дека нам ни останува дали средбите со саканиот ќе ни бидат исполнети со радост, доверба и спокојство или, пак, ќе ги претвориме во црни кутии на љубомора и мазохизам? Ако некого го сакаме од дното на своето битие, тогаш го сакаме на начин што ослободува и верува, а не на начин што заробува.

Затоа, сакај без да поседуваш, без да условуваш и без да заробуваш. Само така срцето ќе ти расне ко крофна, а очите ќе ти сјаат од радост.

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој