Сакајте се себе си, да се забележува: Инспиративна приказна на Рената Наумовска

Добивај вести на Viber

Рената Наумовска е специјалист по комуникација и работи како претставник за односи со јавност во компанијата за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х од самото основање.  Заради љубовта кон книгите и читањето има дипломирано англиски јазик и книжевност, но во тоа време немало формално образование за Односи со јавнос. 

„Најмногу научив во МИМ покрај Жанета Трајковска и нејзиниот тим. Тие ме обучија да бидам тренер за ПР. Како и да е, сепак запишав постдипломски, и повторно, не Односи со јавност, туку си реков: „Ај меѓународен маркетинг„. Тоа повторно не го поврзуваше тоа што го работев, а во тој период во ФХ3Х вработувавме и тоа со иновација: преку ПР бидејќи за ова што кај нас се работи не постоеше едукација, буквално создававме индустрија, од нула“, раскажува оваа успешна жена за својата професија. Во интервјуто за Женски магазин, таа открива и многу нешта за себе си, приватно.

* Во кој момент пројавивте интерес за вашата професија, знаевте ли од порано дека комуникацијата со луѓето е она во кое што се пронаоѓате?

- Искрено, не знаев. Имав среќа животот да ме прати да откријам и да научам во неколку маркетинг агенции во Скопје, со многу учење низ работа. Во првата, сопственикот Ентони Бадамоси препозна дека имам природна предиспозиција кон убавото комуницирање, за која понатаму во Публицис покрај Александра Дилева и Сашо Дуљанов, Зорица Црношија и многу други прекрасни луѓе, открив дека не само што имам склоност, туку и ме интересира и сакам тоа да го учам и да го работам. И така, еве веќе 20 години работам учам и секогаш имам најмалку по две работи кои ги терам паралелно, тоа е оној немирниот Близнак во мене, само да не е досадно . Многу е лесно човек да се вљуби во ваква професија во ФХ3Х: деновиве бевме во исчекување на објавата на номинаците за Оскар, учествувавме во изработката на визуелните ефекти на четири филма кои се претенденти за номинацијата и тоа „Црниот пантер„, Одмаздници: Војна за бесконечноста„, „Јура Светот: Паднатото Кралство„ и „Мери попинс се враќа„. Досега имаме работено на вкупно 135 проекти, од нив номинации добиле 17, во вторник таа бројка ќе се зголеми. 

Организацијата на работата во ФХ3Х ја движат жени менаџери, оние кои се скроени во лет да ги фатат сите конци и да ги придвижат работите напред во вистинскиот правец. Успехот на сите во компанијата, меѓу другите и мојот, зависи од оваа група. Од лево кон десно: Ирина Лазарова, Ана Јаневска, Тања Топузовска, Даниела Миладиновиќ, Ирена Георгиевска, Кристина Даниловска и Рената Наумовска

* Каква е според вас , положбата на жените во бизнис заедницата кај нас?

- Знаете, ако никогаш не запрете со учење и секогаш сте опседнати да го дадете најдоброто од себе, добивате почит, и таа доаѓа не зависи од родот, доаѓа од сите. Е сега, јас не сум сопственик на приватна фирма па да кажам како е, направив репутација во рамките на ФХ3Х, ама тоа е привилегирана и заштитена позиција, кога не сте вие на чело. Меѓутоа од оние жени кои ги гледам на чело и како одат напред и се се поуспешни, би рекла дека е се подобро .

* Лани зборувавте на настанот „Конференција на 200 жени претприемачки“ . За многу жени вашиот говор беше инспиративен и моќен. Што е најважното што би го издвоиле од тој говор, која порака ја испративте на дамите на конференцијата?

- Малку ме изненади реакцијата бидејќи јас на тренинзите кои ги држам гледам како алатка со која им помагам на луѓето да станат подобра верзија на себе, ете конкретно на таа конференција зборувавме за надминување на стравот од јавен настап. Вистински ме трогна реакцијата, особено затоа што жените имаат двојно поголем процент на страв од јавен настап отколку мажите. Тоа е заради традиционалниот начин на воспитување, вековната стереотипна улога на жената дека треба да биде убава и да молчи, а зборувањето да му го препушти на сопругот, таткото. 

Доживувањето да чекориш по стазата за трка во Монца, заедно со илјадниците фанови е неверојатно

Испратив три главни пораки на таа конференција: прво, дека сите го чувствуваме стравот од јавен настап, помалку или повеќе, не е ништо невообичаено. Второ, дека стравот не треба да те спречи да го искажеш она што го носиш во себе, и да веруваш дека ако некој побарал од тебе нешто да кажеш, тој некој верува во тебе, зарем нема ти да веруваш во себе? И трето, најважно, ова ми е најбитната порака до сите: сакајте се себе си, онака да се забележува. 

* Сте се чувствувале ли инфериорно како жена во условно речено, машкиот свет на бизнисот?

- Не, не сум од молчеливите жени. Се шегувам, но вистина е, не сум се чувствувала инфериорно бидејќи доаѓам од средина каде сум почитувана и признаена. Да, имало неубави моменти во ситуации со „надворешниот свет„ ама неблагодарно е да ги споменувам воопшто, наспроти жени кои тоа го живеат секој ден. 

* Што мислите, дали во работата на жените им помага поразвиената интуитивност и дали им одмага поизразената емотивност?

- Не сум сигурна дали и тоа не е стереотип: сѐ уште не знам дали е интуитивноста кај жените, или пак мекоста на карактерот кај личноста, тоа што го прави некого поуспешен да ги „испроцесира„ сите сигнали кои ги добива како невербална комуникација, па да го употреби тоа знаење како информација. Не е интензитетот на емоциите тоа што не разликува од мажите, во тоа сум сигурна, не е ниту емоционалната интелигенција, односно умешноста да се менаџираат тие емоции, умешноста да се менаџираш себе си и сопствениот живот, тоа одлично го прават и мажите и жените. Сѐ поубедена сум дека е индивидуална одлика, а не родова предиспозиција. 

* Која е Рената приватно, семејно?

- Приватно сум изгледа трагач по возбуди кој упорно тврди дека сака мирен, здодевен семеен живот, ама никако да стане здодевно, хаха. Семејно сум сопруга, мајка на една неверојатна Кристина, која ме воодушевува и која ме прави многу среќна кога гледам каков човек излегува од неа.

* На вашиот Фејсбук профил забележав дека сте љубител на добрите клубски забави, дека ги сакате животните, што друго ве прави среќна приватно?

- Јас сум човек кој е приватно опкружен со одлични диџеи и музички продуценти, а покрај Марга Сол, Дарлес Флоу, Казар и Скај Спирит не можеш да не бидеш љубител на одлична музика, искрено предновогодишната забава на Марга во Чилинг и на диџеј Казар на плоштадот во рамките на Винтерленд беа најубавите журки на кои некогаш сум била.

Отсекогаш сакав животни, но ова е првпат во мојот живот да вдомувам, посвојувам и да одгледувам животни, поискусните ме задеваат дека сега конечно од муабет преминав на дело. Во моментов дома живееме со две машки кученца од 4 месеци, водна желка, сијамскиот мачор Лате кој е исто така вдомен, го прибравме од улица кога имаше неполн месец и сега дома ни е село весело.  Минатата година вдомив едно кученце кое денес живее во Кавадарци со семејството Димови, се вика Честер и тие ми се еден постојан извор на среќа. 

Љубител сум и на цвеќиња и растенија, дома имам околу триесетина лимонови дрвца кои ги изртев од семче и во моментов 25 зумбули, распределени меѓу домот и канцеларијата. Кога на пролет ќе ми се разлиста и расцвета градината тоа ми се батериите кои ме полнат со среќа и позитивна енергија. 

Camping Giorgio е кампот на врв на планина во Тоскана

* Сакате ли да патувате, има ли интересна приказна од некое патување која би ни ја раскажале?

Патувањата ми се страст, хахаха. 

Неодамна си ја остварив желбата да ја истражувам Италија со автомобил и да присуствувам на трката на Формула 1 во Монца. На тоа патување доживеав неверојатни работи, Италија е многу заводлива и романтична. Една вечер во Соренто ми е најромантичното доживување кое го имам во животов. Доживувањето да чекориш по стазата за трка во Монца, заедно со илјадниците фанови е неверојатно. Но, за раскажување имам нешто друго: средбата со нашиот пријател Џорџо во еден камп на врв на планина во Тоскана. Баравме камп поблиску до Монца за да ги посетиме Модена, Болоња итн., а си најдовме пријател и место кое ќе ви го одземе здивот: спиевме покрај ливада од лаванда, гледавме зајдисонца од кои ни трепереа срцата, водата од планинската чешма имаше вкус на бозел, пиевме младо Просеко вино произведено од локалните мештани, а вкусот на домашното тирамису на темпераментната Моника, засекогаш ќе ми остане на непцата. Ова патување си го посакував едно десетина години, наредните две, кои ми се животни желби, се веќе оформени како идеја: да го возам патот кој се вика Isle of Man во Шкотска, и да ја видам поларната светлина во живо. 

* Има ли цел која до сега поради некои причини не сте успеале да ја остварите и кои ви се следни цели и замисли за оваа година?

- Има многу, зад секој успех имам најмалку десетици неуспешни обиди, не секогаш се оди подмачкано. А и приватно сум човек кој си поставува неверојатни цели: си зацртав да научам да скијам, а имам фобија од висина, ама на свои 42 години се спуштив на 7 километарската патека во Банско, со помош на стрмните делови, ама сепак. 

На конференцијата која ја споменавме, бев охрабрена да почнам да работам како life coach, мислата ми е свежа, засега само ја превртувам низ глава, нека созрее...До тогаш им се препуштам на личните желби и радости. 

Милица Џаровска 

Фото: Јане Темелковски