Сакам да снимам песна за Каролина Гочева: Матија Дедиќ ексклузивно за Женски Магазин

Еден од најдобрите хрватски џез музичари, Матија Дедиќ, добитник на повеќе од триесет награди, годината ја започна со уште една плус. Виртуозот на пијано како што го нарекуваат, често истакнува - „Важно е да веруваме во подобро утре, дури и самите да се убедуваме секојдневно во тоа.“.

Со оглед на тоа што израснал во семејство на врвни музичари, Габи Новак и Арсен Дедиќ, од мал бил изложен на различни музички влијанија. Пијано започнува да свири уште од пет годишна возраст. Освен за своите состави, компонира музика и за филм и театар, а минатата година настапи и на Скопскиот џез фестивал.

Покрај актуелните акции за помагање на луѓето од регионите погодени со земјотресите во Хрватска, Дедиќ започна акција за помош на музичките училишта во Петриње и Сисак.

Ќе се запрашаме која е тајната на Матија Дедиќ. Во музиката, емоцијата од сцената, или сето тоа заедно? Тука ќе ја додадеме и душата ,емоцијата, она што публиката и тоа како го чувствува дека доаѓа од неговите изведби.

Препознатлив како музичар кој достојно ја претставува оригиналната музика во светот, музичар кој дава голем придонес во промоцијата на истакнати хрватски, но и светски музички автори, Матија Дедиќ, ексклузивно за Женски магазин ни ја отвори својата душа и ни откри колку ја сака македонската музика и колку обожава да соработува со македонските музичари.

* Годината ја започнавте со наградата Песна на годината, наградата од еден од најценетите музички уредници - Златко Туркаљ, за песната Потпри се. Што значи оваа награда за вас?

Покрај наградата заедно со Матија Цвек, ја добив наградата од Туркаљ и за Албум на годината за Тајна вештина од Џибони. Ми значат многу , а и судејќи по тоа прашање сезоната започна одлично.

* Говорејќи за наградите, да се потсетиме дека сте добитник на повеќе од триесет награди Порин, но и други професионални награди. Тука ја додаваме наградата Мирослав Седак-Бенчиќ од Хрватското друштво на композитори, кое го добивте за 25-годишнината од уметничката активност во Хрватска и во светот како автор-изведувач. Како го доживеавте ова признание?

- Првиот Порин на 29 годишна возраст и тоа за дискографскиот првенец е нешто што е незаборавно. Од друга страна секако и наградата од Хрватското друштво на композитори ми претставува голема чест и гордост.

Наградата е доделена и за авторскиот албум Influences (Влијанија), снимен за американската продукција (Alliance Records) .

По тој повод, Матија одржа концерт во живо преку лајв стрим во ЗКМ. и потсети на почетокот на неговата кариера и работа во Boilers квартетот,а покрај него настапија и Саша Несторовиќ на саксофон, Круно Левачиќ на тапани, Звонимир Шестак на контрабас и Давор Крижиќ на труба.

* Да се ​​вратиме на македонската публика. Настапувавте минатата година на 39-то издание на Скопскиот џез фестивал. Кои се вашите впечатоци од тој настап?

- Беше одлично.Јас го сакам Скопје и имам многу пријатели таму. Самиот фестивал можам да кажам е организиран на највисоко ниво.

Имено на овој фестивал Дедиќ го претстави албумот Матија го изведува Арсен, за кој во 2016-тата освoи дури 6 награди Порин.

* Што мислите за македонската, но и воопшто за балканската џез сцена?

Џез сцената е во иста состојба како и воопшто културата на овие простори. Постои една група на млади, одлични, нови таленти, кои за жал се најдоа во време во кое сите племенити работи потполно се миноризираат.

* Говорејќи за таа сцена, она што не може да остане незабележано е Вашиот настап на 36-от Белградски џез фестивал, заедно со уште еден виртуоз Влатко Стефановски. Кажете ни малку повеќе за тоа.

За белградскиот фестивал пред се да кажам секоја чест што и во овие луди околности, успеа да се организира. Настапот со таква легенда како Влатко многу ми значи.

Публиката беше апсолутно импресионирана и фасцинирана од заедничкиот концерт. Извонредните музичари заедно имаа концерт како дует, иако тие се пријатели многу години и биле дел од заеднички настапи, но овојпат била создадена идеална можност да учествуваат во уметничкиот проект како омаж на македонските традиционални песни и посвета на безвременските дела на Арсен Дедиќ.

Дел од концертот беа и македонските песни: Јовано, Јованке, Gypsy Song  од култуниот филм Gypsy Magic и други.

* Познато е дека ги обожавате, ако можеме така да напишеме, македонските традиционални песни. Како ги доживувате истите и дали имате други омилени?

- Јас го обожавам македонскиот мелос. Често имав можност да го изведувам со Мерима Кључо и Горан Бојчевски.

* Во листата на соработки со македонски музичари, ја додаваме и онаа со Горан Бојчевски, како што веќе споменавме, Мартин Ѓаконовски, Васил Хаџиманов. Кажете ни малку повеќе за овие соработки и дали имате желба да соработувате со некој друг од Македонија?

- Тоа се сега засега моите омилени изведувачи. Би сакал да снимам песна за Каролина Гочева.

* Во еден разговор неодамна истакнавте: Од мојата осумнаесетта година, јас сум заљубен во џезот, тоа сум јас во длабочините на мојата душа. Што за Вас значи овој музички жанр?

Тој музички жанр ја претставува мојата слобода и сила. Средство за функционирање во реалниот живот.

* Проектот / ДВД: Матија го изведува Арсен, исто така, го привлекува вниманието на љубителите на добриот музички звук. Кажете ни нешто повеќе за тој проект, кои емоции беа присутни за време на работата на истиот?

Овој проект беше реалност на мојата состојба тогаш и едноставно се роди од моите прсти, емоции и потполно други видови на концентрација.

* Поврзано со тоа, кои беа (се) најдобрите совети на Вашите родители во врска со музиката?

Најважно е што видоа дека од најмала возраст напорно работам и вежбам и беа среќни што увидоа дека музиката исто ќе биде моја професија без разлика за кој жанр се работи.

* Вие давате и голем придонес во промоцијата на истакнати хрватски автори чии песни и композиции ги изведувате и на кои им имате посветено албуми. Овде ќе ги споменеме: Дора Пејачевиќ и Џибони. Каква беше соработката со Џибони и работата на албумот Тајна вештина( Tajna vještina)?

- Со Џибони сме пријатели од 2004 година.Повеќе пати сме настапувале заедно. Не поврзува пред се взаемното почитување, така што одличив да снимам соло пијано со неговата музика во Коларец, благодарение на Јасна Димитријевиќ.

Музиката на Џибони е восхитувачка и привлечна, музика за душа, па не е изненадувачки што Матија по втор пат посегна по песните на големиот автор. За прв пат ги изненади публиката и критиката во 2004 година кога го издаде албумот Темпера, а на новиот албум, објавен од Croatia Records, избра девет нови песни потпишани од Џибони.

Skopski jazz fest/Tatjana Rantasha

* Иако светот во 2020 заради светската пандемија за миг застана, за Вас оваа беше година со многу награди, концерти и проекти. Што очекувате од 2021 година?

Не сум единствен со награди за оваа година, но еве тргнав меѓу првите. Од 2021 очекувам иста година како и 2020, со многу успеси и падови.

Матија Дедиќ со својата виртуозност и вештини за изведување, им вдахна нов живот на големите и добро познати хитови. Од почетокот на својата кариера па до денес, успеа да изгради одличен рејтинг во музичките кругови, на балканските и светските сцени, па со право ја носи титулата Виртуоз на пијаното.

На сето ова ќе ги додадеме и големиот број на соработки со високо етаблирани светски музичари со кои настапувал и снимал за американски и европски издавачки куќи, но и настапите на фестивалите од Јужна Америка до Африка .

Неда Маретиќ

Насловна фотографија:Skopski jazz fest/Tatjana Rantasha

Фото: www.matijadedic.com