Самоубиството е чин на прекин на врските со светот: Интервју со Ана Блажева, психолог

Добивај вести на Viber

Самоубиството зборува за лишување и бесперспективност, што заедно со други алармирачки податоци ја создава сликата за една крајно неповолна социјална средина во која постојат силни деструктивни влијанија. Отсуствува и сензибилитет, подготвеност и систем да се пресретнат оние на кои силите за справување со себе и стварноста им се при крај – вели психологот Ана Блажева

Трагичната смрт на две познати актерки изминатава година  фрла светло на една поразителна вистина – дека  луѓето со сериозни емотивни и ментални  потешкотии најчесто се оставени сами  на себе и дека дури и најблиските понекогаш не можат да ги препознаат знаците кои доведуваат до фатален исход.  За феноменот на самоубиството и можностите тоа да се превенира, разговаравме со Ана Блажева, психотерапевт во Здружението за психологија и психотерапија – Психотерапика и соработник-доцент при „Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје“

*Последниве години се` почесто се соочуваме со феноменот нa самоубиството. Реакциите се – шок, неверување, чувство на вина. Кој е начинот за справување со ваков вид траума?

 - Секогаш кога се соочуваме со шокот на прераната загуба, неизбежно се потсетуваме колку сме кршливи. Но шокот заради загубата на овој начин, преку радикалниот чин на прекин на животот дополнително вознемирува. Не` носи на место каде што сме збунети, ужаснати и лути, се обидуваме да ги најдеме причините, да реконструираме што се случило, се бориме со неверувањето дека е можно. Ова не` соочува и со прашањето дали можело нешто да се стори и повторно не` враќа кон тоа дека не можеме да разбереме ида прифатиме. И навистина, за оној дел во нас кој го вреднува животот, ваквиот чин засекогаш ќе остане неприфатлив. И тоа е сосема во ред.

Увидот во таа состојба, одлука, страдање е тешко, скоро невозможно да се направи. Една од причните е штонемаме директно пристап до личниот простор, до длабочините на нечија болка и не можеме да претпоставиме или замислиме на кој начин се доживуваат исти случувања или одредени околности. Често обидувајќи се да ја намалиме, олесниме болката кај себе и кај другиот, се обидуваме да ја минимизираме, да ја рационализираме и да ја разбереме. Од друга страна, колку и да немаме директен увид и пристап,сите ние сме поврзани на толку темелен начин, што ниту едно страдање не може да не влијае и остави силен печат врз другите. Многу луѓе се допрени и стануваат дел од еден неизбежен процес на тагување, кој во ваквите случаи има колективна димензија.


*Како професионалците ги толкуваат причините за самоубиството?

- Професионалците, кои се занимаваат со ова прашање имаат задача да се обидат да го разберат процесот, да ја осознаат внатрешната динамика, како и сигналите што можат некого да доведат до ваков радикален чин, да се обидат да интервенираат, превенираат, да спречат. Не сум лекар, и не можам да зборувам за тој начин на дијагностицирање или со тој јазик. Размислувам како психолог и психотерапевт за страдањето што се чини е неподносливо за луѓето што посегаат по својот живот, како единствен излез за да го сопрат. Моето размислување е дека се работи за темелен процес на прекин, траен прекин со светот и другите. Како нешто што се прекршува и после кое не може да се воспостави повторната врска. Иако јас длабоко верувам дека е можно да се репарира, но во еден одлучувачки момент , настанува  тој прекин кој може да биде последен. Врските со светот и другите и взаемноста што ја имаме преку сите релации, сензации, чувства и воопшто искуство, претставува основен извор за одржување на животот. Во моментот кога отвореноста кон размената со светот и другите е оневозможена, настанува затворање и живеењето може да стане неподносливо страдање. Ова не е сеопфатна анализа, туку еден поглед на феноменот, секако дека има и други објаснувања за самоубиството.

*Можеме ли оваа алармантна состојба да ја поврземе со економската беда и несигурност што ја живееме, извртените вредности, сеприсутната агресија, или пак станува збор  за изолирани случаи какви што отсекогаш постоеле и некаква индивидуална предиспозиција?

- Сите социјални фактори влијаат врз добросостојбата и тие не се одвоени од индивидуалните карактеристики и личната историја, од сите искуства од најраните до тековните. Моето мислење е дека нема изолирани случаи, има нетипични случаи, и во таа смисла може да се гледаат како искучоци, но не како изолиран случај во смисла дека  нешто се случува независно од социјалните фактори.

Насилството, лишувањето, оттуѓувањето и несигурноста се дел од деструктивните услови што во голема мера го дефинираат совеременото живеење. Тие претставуваат силен пробив врз нашите граници кои ни го овозможуваат функционирањето. Нашите граници се нашето тело, но и нашите вредности, го дефинираат тоа што е за нас прифатливо, подносливо и што не е.  Не можеме да го измериме „количеството“ на деструктивни влијанија што можат да го нарушат толку темелно и крајно функционирањето на нашите граници, особено затоа што тие не се исти кај секого. Сепак, треба да бидеме свесни дека сите искуства, условите во кои тие искуства се креираат, влијаат врз нашето здравје и добросостојба.

*Се чини дека под овој страшен јарем прво пукаат жените. Што говори статистиката?

- Статистиката покажува дека мажите почесто извршуваат самоубиство. Ова го гледам како еден од симптомите на патријархалните општества во кои од  мажите се очекува да бидат „силни“ што подразбира да не бидат чувствителни, да не ги изразуваат своите доживувања и емоции. Чинот на самоубиство, во таа смисла, може да се види и како ултимативен чин за прекин на чувствувањето што стасало до тој степен на страдање што  е невозможно да се поднесе, ниту изрази и мора да се сопре засекогаш.  Култура која не негува простор за емоциите, за нивно изразување и артикулација на различни начини, го изложува телото како последната граница на издржување и прекршување. Тоа што загрижува, а за кое се зборуваше оваа година кога се обележуваше денот на менталното здравје, се податоците што зборуваат дека се зголемува бројот на млади што го прекинуваат животот. Тоа зборува за лишување и бесперспективност, што заедно со други алармирачки податоци со кои секојдневно се соочуваме, ја создава сликата за една крајно неповолна социјална средина во која постојат силни деструктивни влијанија. Отсуствува и сензибилитет, подготвеност и систем да се пресретнат оние на кои силите за справување со себе и стварноста им се при крај.


*Кои се нарушувањата на менталното здравје од кои најчесто страдаат луѓето? Што зборува вашата пракса?

-Најчестите проблеми на луѓето со кои се среќавам се поврзани со анксиозните, паничните и депресивните искуства. Тие се резултат на несигурноста што ја спомнувате, која во голема мера произлегува од динамиката на промените, зголемениот притисок и очекувања како и од нестабилноста и постојаното соочување со можните закани, ако не се успее, ако се загуби работата, ако... Потоа нарушените релации се исто така голем проблем и извор на ваквите искуства, прекинати релации, немањето разбирање и успешна размена, немањето контакт со себе, немањето пристап до другиот, насилството, злоупотребата и манипулацијата, се исто така димензија на нашето современо искуство и живеење.

*Како чинот на самоубиство понатаму се одразува врз менталното здравје на потесното семејство?

- Ваквата загуба е една од најтешките и најдлабоките трауми со кои се соочуваат најблиските од потесното семејство. Искуството отвара многу процеси, превенствено е болката од самата загуба, што само по себе е долг и многу сложен процес исполнет со многу интензивни емоции и искуства. Следат многу комплексните и тешки процеси поврзани со одговорноста и чувството на вина. Што можев да сторам, дали направив доволно? Што требаше поинаку? Каде згрешив? Овие прашања честопати автоматски добиваат негативен одговор, резултираат со себеобвинување, или постои постојано преиспитување и навраќање. Тука се прашањата кои се поврзани со себе редефинирањето. Кој сум јас по оваа загуба? Што значи оваа загуба за мене? Често прекинот на животот може да повлече со себе доживување дека сме радикално отфрлени, напуштени, да не посомнева во љубовта што сме ја имале, чувствувале од другиот, дали постоела, дали била доволно силна. А ова не` носи на место каде најдлабоко се сомневаме во себе, дали сме достојни за љубов ако е можно да бидеме напуштени на овој начин. Сите овие процеси се исклучително комплексни и тешки, бараат големо трпение, време и нега. Бараат огромна поддршка и воспоставување на што е можно поголема сигурност и извесност дека другите релации нема да ги снема и да се распаднат, потврда и уважување на болката, но и на силата што ја вложуваме да ја носиме болката. Колку што е потребно развивање на сензибилитет, знаење и систем за превенција на самоубиството, толку е потребно градење на системи и процеси за лекување и надминување на искуството за најблиските.


*Постоијат ли извесни протоколи за справување со самоубиство?

- Во справувањето со суицид има специфични протоколи и професионалци кои се вклучуваат на различен начин. Колку што ми е познато, кај нас не постои ваков системски пристап и одговор, превентивни или интервентни програми. Ова остава многу простор за личните страдања да не бидат препознаени и адекватно третирани, но истовремено остава многу професионалци, лекари, психолози, социјални работници самостојно да се справуваат со проблем кој е многу специфичен, но за кој никој не треба изолирано да ја понесе одговорноста за исходот. Работам како терапевт во приватна пракса и за жал не сум дел од системот ниту на социјална ниту на здравствена заштита, не сум имала директно искуство, но додека размислувам повторно деновиве за оваа тема, согледувам колку се чувствувам и самата неподдржана да бидам во функција на луѓето што се во„критична фаза“. Потребно ни е градење на тимови од различни професионалци што заеднички би можеле да работат во вакви случаи за да обезбедат доволно услови и заштита која може да ја премости „критичната фаза“, прекинот и да дејствува кон зачувување на животот. Иако не постои совршен систем ниту поддршка што дефинитивно можат да ја постигнат оваа цел во сите случаи, тоа е единствената цел кон која треба да се стремиме. *Постојат ли начини за превенција кои би можело да ги преземе најблиското окружување со цел да се избегнат трагичните последици?

-Нужно треба да постојат системски начини на превенција и во тоа сериозно и трајно да се вложува. Она што може да биде превентивно е добриот контакт преку кој можеме да добиеме некаква информација, знак. Консултацијата и вклучувањето на матичните лекари и психијатрите во случаи кога има било каков знак за самоповредување и или назнака за критична состојба, е нужна. Потоа координирана поддршка од лекарите, психолозите и терапевтите може да биде вклучена во создавањето превенција или евентуална интервенција.

Мимоза Петревска Георгиева

Насловна фотографија: Борче Поповски