Сања Лукаревска: Дедо Мраз ми беше многу страшен - наместо да се радувам, се заледував од страв

Иако короната наметна, специфично функционирање, Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи, горда е на многуте мерки што ги спроведоа како даночен орган, а резултираа со позитивни коментари и извештаи од релеватни меѓународни институции. Од аспект на професионален план, во Новата Година, посакува да се реализира се она што го зацртале како институција - во делот на дигитализацијата и модернизацијата на деловните процеси.

Приватно сака да и се исполнат неколку желби- да оди на патувања , почесто да се гледа со своето друштво и да си посвети повеќе време себеси.

Луѓето кои ја познаваат велат дека не е само голем професионалец, туку и добар човек. Лесно се стапува во контакт со неа. Лукаревска е отворена , срдечна и пред се искрена во комуникацијата. Подготвена е да открие и дел од приватноста, без да ве ограничува. Уште еден факт за почит како соговорник.

* Се одбројуваат последните денови од 2020 година, една од најтешките на глобално ниво, поради пандемијата со корона вирусот. Кога ќе направите ретроспектива на професионален план, дали сте задоволни од сработеното? Го остваривте ли тоа што си го зацртавте како цел?

- Многу предизвици имав и јас и моите колеги од УЈП оваа 2020 година. Исто така, ако го земам во предвид и мојот краток ангажман како пратеник во Собранието на РСМ и тоа го ставам во многуте професионални предизвици и искуства. Короната наметна, едно многу специфично функционирање.

Горда сум на многуте мерки кои што ги спроведовме како даночен орган, позитивните коментари и извештаи кои одеа во приилог на нашето работење, а дојдоа од релеватни меѓународни институции.

И во време на корона , како тим во УЈП, задоволни сме од наплатата на сите даноци. Ќе ги споменам исто така одличната наплата на придонесите и мнгуте надминати проблеми со даночните обврзници. Секако, знаеме и да се искритикуваме, верувам дека и тие наши превиди , во следниот период ќе ги надминеме. Достоинствено го прославивме и Денот на даночниците - ,, Св.Матеј ,, . Комплексна е нашата работа , многу сензитивна, а сепак мораме да излеземе во пресрет на проблемите на граѓаните. Не доживуваат на момени како ,,пречка ,, но во повеќе наврати сме граделе ,,мостови,, .

* Велат дека мудроста е уметност на живеењето. А за да се биде мудар, човекот пред сè треба да биде задоволен од тоа што го има и од тоа што е. Со оглед на тоа што ја напуштивте пратеничката функција и се вративте на претходната позиција, директорка на УЈП, задоволството е видливо. Дозволувате ли вашата посветеност кон работата да премине во пожртвуваност?

- Имав едно претходно интервју во кое насловот беше , дека дадов предност на професионалното наспроти приватното. Следната година ,2021 година, ќе се трудам да биде обратно.

Како што споменавте, да се биде мудар, пред се треба тоа што го работиш да те исполнува . Некако во УЈП се чувствувам своја на своето , или барем така мислам .Тука се колегите , тимски ги тераме работите, нескромно може ќе звучи ако кажам дека даваме се од себе .Уште сум во фазата на посветеност , има денови кога сум во фазата на пожртвуваност, но тоа е ретко. Сепак човек кој што е пожртвуван во работата не значи дека е најдобар. Оној кој знае добро да ги изменаџира работите , тој е успешниот.

И пратеничката функција има своја убавина. Имав одлични колеги пратеници и пратенички. Таму сме сите тим, нема поединци и суети. Таму тимот води напред, таму секој е дел од успехот .

НОВА ГОДИНА НЕ ЈА ЧУВСТВУВАМ КАКО ПОСЕБЕН ДЕН, ТУКУ КАКО НОВ ПОЧЕТОК

* Празниците кои се наближуваат се време за оддишка, за дружба со најблиските, за мир во душтата. Каков е вашиот став кон дочекот на Нова Година, најпосакувана и најлуда ноќ, или обична како и секоја друга?

- За мене Новата Година е само еден обичен ден , но ја сакам . Не се подготвувам нешто специјално , не одам на специјален дочек и не правам ништо специјално. Го сакам Бадник, тоа е најсемеен ден. Така да за мене на прво место е Бадник. Празниците за мене се еден нов почеток.Рестартирање, филтрирање на многу работи , испраќање на се она што не ми се допаѓало во изминатата и желба за посреќна и поуспешна следна година. Велат, 365 нови денови, за 365 нови предизвици , ќе се трудам да ме води ова мото .

Кои се првите спомени и слики што ви навираат од детсвото, а се поврзани за новогодишните празници? Наоѓавте ли подароци под елка кои ви ги донесол Дедо Мраз?

- Дааа. Најубавиот сегмент од сите новогодишни празници заедно .Подароците под елка се радост за секое дете .Како помала верував во Дедо Мраз, подоцна како растев оставав моите родители и моите баби и дедовци , да веруваат дека верувам. Многу се радував ако добијам сликовници . Но се лутев кога моите родители , ме оставаа кај баба ми и дедо ми за дочекот на Нова година , бидејќи ме тераа рано да си легнам . И како одминуваа годините, Нова година не ја чувствував како посебен ден. Ја чувствувам како нов почеток , барем така си зацртувам дека ќе биде.

СЕ МАЧЕВ ДА ЈА СФАТАМ ФИЗИКАТА, УЖИВАВ НА ЧАСОВИТЕ ПО ГЕОГРАФИЈА

* Вашиот татко, докажаниот актер, Ѓокица Лукаревски, беше дел и од многу новогодишни претстави. Бевте ли како дете присутна на сите?

-Мислам дека бев мноу возбудена кога требаше да одам на новогодишна претстава во која глуми татко ми, заедно со тогашните мои другари од основното училиште ,,Димитар Миладинов". Се сеќавам, кога бевме на такви претстави, најчесто во Универзаланата сала, на крај на претставата тој ќе ме пронајдеше во публиката и дискретно ќе ми мафнеше. Тоа го гледаа моите другари, а јас бев пресреќна. Имаше и такви случаи кога, тој ме носеше на доделување на пакетчиња во Драмскиот театар. Тој Дедо Мраз таму, ми беше многу страшен и наместо да се радувам, бев заледена од страв. И за да ми надомести, Ѓокица знаеше да дојде дома, преправен како Дедо Мраз, да ми даде пакетче и да си оди. И тој знаеше колку е искрена таа детска радост.

Младоста е единствена работа која вреди да се има рекол Оскар Вајлд. Каков беше вашиот стил на живот во тинејџерските денови. Бевте ли бунтовник по природа?

- Ако го земам во предвид фактот дека бев постојано претседател на класот во средното училиште ,, Никола Карев ,, и лидерски се борев за нашите права како ученици, изгледа дека сум била на некој начин бунтовник. Тинејџерските денови беа навистина прекрасни, безгрижни. Денес се смеам кога ќе ми текне , какви проблеми сум имала тогаш. Всушност тоа не биле проблеми, туку едни убави грижи . Не ми одеше физиката, не ја сакав , ама се мачев да ја сфатам . Уживав на часовите по географија. Глумев во претстави во средно школо , пројавив некоја амбиција за глума, но остана се само на желба и ништо повеќе.

ПОЛИТИКАТА МИ ОДЗЕМА МНОГУ ОД ПРИВАТНИОТ ЖИВОТ

* Во кој период од животот политиката стана ваш избор?

- Сосема случајно и сосема спонтано политиката стана дел од моето секодневие. Кога бев студент, прва година на Правниот факултет, активно се вклучив во подмалдокот на СДСМ и од тогаш до сега сум дел од партиското функционирање.

Политиката покрај тоа што ми создаде многу нови пријатели, одзема многу од приватниот живот. Политиката знае да е добар , но и многу непријатен учител во животот. Но, се е една добра лекција .

Сега во овој период сум горда што има многу жени политичарки, силни жени на високи позиции, успешни жени.Се надевам дека таквиот тренд ќе продолжи и понатаму.

Сите величини на овој свет не се толку вредни, колку еден добар пријател. Какво е вашето размислување за пријателството во денешно време? Поточно, дали вашата политичка определба и функција го намали или го зголеми бројот на пријатели?

- Во денешно време искрените пријателства се реткост и богатство.Имам неколку искрени пријателства кои траат со години.Тие се истите и пред функцијата , а верувам дека ќе траат и по завршувањето на функцијата. Дојде време пријателите ,во кои имаме доверба да ги броиме на прсти само од една рака. На моменти хороскопскиот рак , знае да направи да ме надвладее емоцијата, наместо рациото, но сепак искуството налага дека она што е вистиснко пријателство , не може да потклекне на ниедно искушение. Се радувам на секое испиено кафето со другарките, на секоја прошетка и им благодарам што без било какви замерки го толерираат моето отсутво на некои битни моменти.Тие се мои критичари, и најголем подржувачи.

ПОСЕБЕН АКЦЕНТ СТАВАМ НА НАКИТОТ

Конфучие рекол: „Радоста се наоѓа во сè. Треба само да ја извлечеш.“.Може ли ситници да ве направат среќна?

Искрено, само ситници ѝ ме прават среќна. И секако најблиските да се здрави и живи. Добар збор, убава вест за мене или некој мој близок, за мене е среќа. Убав разговор со другарките е среќа. Подарен и добиен подарок е среќа. Дури и убава музика, убава песна ме прават среќна. Во овој период сега, украсените излози, плоштадот, накитените елки ме прават среќна. Племенитите луѓе, вистинските другари, искрените муабети ме прават среќна.

Оставате впечаток на убава и уредна жена, која секогаш ги прати модните трендови. За да се стекнат овие епитети потребна е желба, цврста воља или божја дарба? 

- Од сите три по малку би рекла. И секако позитивна мисла. За мене најубава облека е насмевката и убавиот кажан збор . Инаку, да, ги следам модните трендови, преферирам повеќе класичен стил, заради работните обврски, но уживам и во спортска варијанта. Внимавам на тоновите на боите,иако денес оние бои кои не можеше да се замисли да се комбинираат, сега се веќе моден погодок. Посебен акцент давам на накитот. Знам да ја искомбинирам гардеробата со некој впечатлив брош, како и со убави , модерни чевли.Претпочитам да носам ведри,светли бои.Тие мислам дека и даваат посебна ведрина ,дури и во тмурни денови.

* Што посакувате да ви донесе Нова година на професионален. А што на приватен план?

- Пред сè посакувам добро здравје за сите. Да ја победиме короната и да се вратиме во нормалниот начин на живот. Приватно сакам да ми се исполнат неколку желби .Во 2021 година сакам да одам на патувања , за да надоместам за изминатиот период . Почесто да се гледам со моето друштво, да слушам убави вести и секако да си посветам време повеќе на себе .

Од аспект на професионален план, доволно е да посакам да се реализира се она што сме си го зацртале како Управа за јавни приходи , во делот на дигитализацијата и модернизацијата на деловните процеси. Добра наплата на даноците и уште многу нови реформи.

Среќна Нова Година на сите Ваши читатели.

Соња Алексоска Неделковска