Сара Мејс твори од карантин преку Facebook challenge: „Наше време“ е резултат на предизвикот
Уникатно, креативно и во свој стил, Сара Мејс во време на коронавирус издаде нова песна.
Песната тргна како музички мотив на харфа, која таа го објави на својот профил за време на изолација и предизвика еден од нејзините колеги музичари да отсвири бас линија врз нејзината тема. Музичарите продолжија да се предизвикуваат и до крај на денот тие стигнаа до дел од строфа која беше исто така објавена на Facebook.
Целосната песна ја имаме денес и се вика „Наше време“. Со неа и карантин видео - секој сниман во сосема домашни услови. Додека трае полицискиот час, во удобноста на домот се создава оригинална македонска музика, која со сигурност ќе го врати позитивниот дух кај секого.
Сара Мејс преку песната испраќа силна порака - еден ден сѐ ќе биде во ред и времето кое го живееме сега, ќе биде раскажувано од нашите деца во иднина. Песната има пријатна мелодија и длабок текст, што инспирира и дава надеж, за полесно да се поминат овие тешки денови на карантин и пандемија.
„Убав ден ќе биде, ќе нѐ грее сонце силно сите тогаш, некој ќе ни спомне, ќе ни раскаже како било некогаш“, вели Сара Мејс во песната. А, ние со сигурност ќе им раскажуваме на идните генерации за овие времиња кои што ги живееме. Некои со пишан збор, некои со песна како „Наше време“.
Тимски создадена, музиката на „Наше време“ е на Сара Мејс, како и изведбата на харфа, вокали – Сара Мејс, Теона Јованоска и Матеј Додевски, Симеон Ангеловски – бас гитара, Драган Теодосиев – тапани, Зоран Јагоридовски – конги, додека за звукот се погрижи Ивица Јанкуловски.
Уживајте во видео записот и убавата мелодија затоа што убав ден ќе дојде во ова наше време!
Сара Мејс – „Наше време“