Се борев сама пред операционата сала 12 часа и 30 минути: Валандовчанката Надица за нејзиниот син, херојот Лука

Добивај вести на Viber

Најголемиот мал борец Лука храбро издржа сè

Тоа што требаше да биде прва радост за Надица и нејзиниот сопруг, всушност беше прв удар и остварување на најголемиот страв за една мајка во блажена состојба - соопштувањето дека плодот заостанува со развивањето, а прогнозите на докторите беа дека дете од 700 грама не може да преживее - вака валандовчанката Надица, мајка на херојот Лука, пред две години во интервју за Женски Магазин, раскажа за нивната борба.

И кога на почетокот на годинава, родителите на Лука објавија среќни вести дека детето не е повеќе во болница, по само четири месеци, Лука имаше трансплантација на црн дроб во Италија. Но и покрај сите предизвици пред кои се најде оваа семејство, а пред сè малиот херoј Лука, денес, мама Надица е најсреќна мама, затоа што нејзиното дете храбро издржало сè.

Во емотивен статус таа сподели за најтешките моменти од оваа тешка борба која заедно како семејство ја пребродија.

„Со само 24 години сум мама на прематурно бебе, бебе со хепатобластом, бебе со трансплантиран црн дроб.
Да сонував ќе кажев,стоп разбуди ме,премногу е.
Кога веќе се соочив со сите овие работи, сфатив дека мама може буквално сè.
Мама се бореше во моментот кога се изгуби на моите раце, модар без воздух-заврши на респиратор.
Мама се бореше со непозната земја, непознат јазик, никој свој покрај себе.
Мама се бореше со низата хемотерапии и сè што тие носат.
Мама се бореше сама пред операционата сала 12часа и 30 минути.
Мама се бореше за ова, ова на сликата вреди за секоја моја солза, секоја моја болка. Кога тој издржа сè, не може ли мама?
Овој период константно ме враќа на прошлата година, која беше толку пеколна за нас.
Но вредеше, вредеше за денес да можам повторно да се радувам на моето малечко.
Повторно да бидеме со нашиот тато, нашето семејство, заедно да уживаме во будалештините на овој мал црв“ - напиша младата валандовчанка, мајка на Лука, Надица.


фото;instagram