Се плашевме од неуспех на трансплатацијата, но желбата победи: Др. Стефанија Хаџиевска за Женски магазин

Иван Огненовски, првиот пациент кај нас на кој вчера му беше трансплантирано срце од донор е во буден и е во стабилна состојба, објави вчера министерот за здравство Венко Филипче. Целата јавноста деновиве беше сплотена како што одамна кај нас не се случило, откако тимот на клиниката за Државна кардиохирургија објави дека операцијата на Иван поминала успешно. Срцето на Емилија Донева која загина со сообраќајна несреќа продолжи да чука и му го спаси животот на Иван. За лекарскиот тим, предводен од Проф. д-р Сашко Јовев целиот чин бил многу емотивен, особено моментот кога слушнале дека срцето на Иван почнало да чука. Своето искуство од операцијата, за Женски магазин го сподели Стефанија Хаџиевска, анестезиолог на клиниката за Државна кардиохирургија, која е дел од тимот од  самото нејзино отварање, а од пред шест години раководител на одделот за анестезија на Клиниката.


„ Дента на самата трансплантација бев дежурна, и задолжена сум за подготовка на пациентот за операција,негово водење во текот на целата интервенција и постоперативно следење во интензивна нега. Се знаеше уште претходниот ден дека има потенцијален донор, и тогаш почна нашата подготовка, собирање на целиот тим, поделба на задачите. Иако за трансплантацијата се подготвувавме подолг период, сите со мала резерва пристапивме, затоа што знаеме колку не е едноставен целиот овој процес“, ни раскажа Хаџиевска.

Дури вечерта, на целиот тим им било јавено дека органите на донорот и реципиентот се совпаѓаат и веднаш потоа, двете екипи заминале во операционата сала.

„ Едниот дел од нашиот тим беше на експлантација, во салите на хирургија , а другиот дел во кој бев и јас, на трансплантацијата, во нашите сали. Истовремено започнаа и двете операции. Нормално е дека бев возбудена, нормално е да се плашиш од неуспех колку и да си теоретски спремен, затоа што никој од нас претходно немал искуство со ваков тип на операција и водење на ваков пациент. Меѓутоа, можам да кажам дека желбата, ентузијазмот и позитивната енергија меѓу сите нас преовладеа и моментот кога влеговме во сала, сè почна да тече во најдобар ред. Сите таму бевме со една цел, да се помогне на пациентот и да се започне еден програм кој што ќе биде од голема корист за сите пациенти со срцева слабост во државата, на коишто трансплатацијата на срце им е последна шанса за продолжување на животот. Самата трансплантација траеше пет часа, сè помина во најдобар ред. Моментот кога почна да чука срцето од Емилија кај нашиот пациент Иван, беше емотивен момент за сите нас“, сподели др. Хаџиевска.

Таа вели дека со семејството на донорот, Емилија Донева не успеала да се запознае. 

„ Со семејството на донорот не се запознав, таа комуникација ја има екипата од Карил, заедно со координаторот за трансплантација во Македонија, Маја Мојсова, меѓутоа се запознав со семејството на нашиот пациент, а и со него имав разговор пред оперцијата. Беше многу возбуден, посебно кога почнаа толку многу луѓе да се собираат околу него, во текот на подготовките. Пациентот е сега стабилен, срцето чука одлично, го разбудивме, меѓутоа сега почнува еден процес кој воопшто не е едноставен, процесот на лекување, за кој што сите ние се надеваме дека ќе помине добро“, ни изјави анестезиологот.

Таа вели дека и пред овој случај, секојдневно се соочува со емотивни моменти со пациентите и нивните семејства, ососебно затоа што работи на Хирургија каде што се изведуваат тешки и сложени операции и постоперативното закрепнување е долго и макотрпно.


„ Најубаво чувство е кога еден таков пациент, во кој што сме се вложиле максимално, ќе дојде на контрола и ќе го видите дека е добар“, додава Стефанија.

Таа од срце верува дека и Иван, по периодот на закрепнување ќе се врати на својот живот и на својата фамилија.

Милица Џаровска