Сѐ повеќе млади користат терапија за смирување: Интeрвју со психологот Ивана Маринчек
Една од теориите на промена зборува за тоа дека промената може единствено да се случи кога енергијата која е потребна да се вложи за да се остане непроменет е поголема од енергијата која е потребна да се вложи за да се направи одредена промена.
Брзото темпо на живеење, како и секојдневните обврски и проблеми може да придонесат личноста да се изгуби во лавиринтот наречен живот. Велиме „Секоја планина своја тежина“, но всушност значењето на овие зборови го сфаќаме само тогаш кога товарот што го носиме е преголем за нашите плеќи.
Модернизацијата од една страна можеби го олесни функционирањето на дневна основа, но затоа од човекот направи роб на сопствените потреби и желби. Тогаш кога физичкото и душевното исцрпување ќе доведат до тонење во недоглед, неопходно е да се побара стручна помош.
Во последните години се прават напори за да се зборува јавно за теми кои претходно претставувале табу, а психотерапијата е една од нив. Не е срамота да се побара помош, бидејќи само храбрите луѓе се доволни свесни дека е неопходно да се најде решение од тешкотиите. Во продолжение ќе ви понудиме решение, односно гешталт терапија, која помага на секоја индивидуа да се пронајде себе си тука и сега, да живее во вистинскиот момент, да ги користи максимално своите капацитети и да ги надмине бариерите кои сам си ги поставува.
Женски Магазин минатата година на оваа тема зборуваше со Ивана Маринчек, лиценциран психолог и гешталт психотерапевт. Таа е дел од Психотерапика- здружение за психологија и психотерапија, како и член на Комората на психолози на Р.М., Европската Асоцијација за Гешталт Психотерапија (EAGT) и Европската Асоцијација за Психотерапија (EAP). Својата Гешталт диплома ја има стекнато во рамките на Гешталт Институт-Скопје, a во текот на своето досегашно гешталт патување имала можност да работи со голем број на светски реномирани гешталт психотерапевти. Во работата со своите клиенти во моментов интензивно ги истражува темите на лична добросостојба, будење на креативноста и развивање на меки вештини, односно надградба на личните капацитети и континуиран личен раст и развој.
* Што претставува гешталт терапијата?
- Гешталт терапијата претставува егзистенционална, холистичка и хуманистичка форма на психотерапија која ја нагласува личната одговорност на секој човек за животот кој го живее. Самиот збор „гешталт" е збор од германско потекло и значи целина или добра форма. Целосноста, т.е. холизмот е еден од постулатите на Гешталт психотерапијата и кој повикува секое човечко суштество да се гледа и третира како неразделно единство на сите телесни, ментални, психолошки и социјални аспекти.
* За каков облик на психотерапија се работи?
- Гешталт психотерапијата е облик на психотерапија кој е насочен кон индивидуалното искуство во моментот т.е. во тука и сега, кон односот помеѓу клиентот и терапевтот (и релацијата која тие ја ко-креираат заедно), како и кон теоријата на поле која го носи контекстот на социјалното опкружување на човековото живеење. Гешталт терапијата е психотераписки пристап ориентиран кон клиентот. Овој пристап на клиентите им помага да се фокусираат на сегашноста и да разберат што навистина се случува во нивните животи токму сега, наместо она што тие сметаат дека се случува, базирано на нивните предходни искуства во минатото.
* Каков однос треба да постои меѓу терапевтот и клиентот за да се добијат посакуваните резултати?
- Релацијата на меѓусебна искреност, отвореност и доверба е неопходна за воспоставувањето на добра тераписка релација и поставувањето на темелот за добар тераписки процес. Токму поради тоа лицето кое размислува да започне со психотерапија важно е овој процес да го работи со терапевт со кој ќе се чувствува добро, сигурно и опуштено за да може автентично и без задршки да се изрази себе си. При изборот на терапевт важно е да изберете личност која ќе ви одговара и која со своето професионалнио искуство и компетенции ќе може да одговори на вашата специфична потреба за психотерапија.
* На кој начин се насочува клиентот да стане свесен за сегашниот миг, а со тоа и да ја подобри самодовербата?
- Гешталт терапијата e терапија која својот фокус го става на тоа што се случува тука и сега. Нејзината цел е да му помогне на клиентот да ја зголеми својата свесност за самиот себе, своите мисли, чувства, постапки и релации кои ги гради со другите. Зголемувајки ја својата свесност за себе, процесот на терапија му овозможува на клиентот да ја зголеми својата самодоверба и да ги зајакне своите механизми на самоподдршка, како не би зависел секогаш од поддршката од околината. Низ терапискиот процес ова се остварува и постигнува преку специфичната комуникацијата и контактот кој во тука и сега терапевтот и клиентот го ко-креирааат заедно во рамките на терапискиот сетинг.
* Какви видови интервенции се користат во третманите?
- Интервенциите во гешталт терапијата се насочени кон подобрување на способностите на клиентот да воспостави квалитетен контакт со себе и со својата околина, како и да се повлече од истиот кога ќе му биде доволно. Техниките што ги користи еден терапевт варираат согласно личноста на терапевтот, како и личноста на клиентот, неговиот или нејзиниот вообичаен начин на контактирање, како и од природата на проблематиката поради која клиентот доаѓа на психотерапија. Гешталт психотерапијата располага со богата палета на интервенции, вклучувајќи "играње на улоги", експерименти со говорот на телото, експерименти со стилот на изразување или висината на гласот, како и користење на различни уметнички платформи за изразување.
* Колку кај нас се применува овој тип терапија и кои се придобивките од неа?
- Гешталт психотерапијата е еден од пораспространетите модалитети на психотерапија кај нас. Овој вид на психотерапија гледа на психолошките потешкотии како на резултат од блокираноста или искривеноста на контактот кој индивидуата го воспоставува со себе или со својата околина. Целта на гешталт терапевтот е користејки го релацискиот однос помеѓу него самиот и клентот да му помогне на својот клиент да најпрво стане свесен за начинот на кој тој е закочен во процесот на контактирање, а потоа поддржувајки го клиентот да експериментира со различни можни потенцијални решенија да му помогне самиот да изнајде најсоодветното креативно решение за надминување на настанатиот застој.
* Колку сесии се потребни за клиентот да почне да чувствува промени?
- Бројот на потребни сесии варира од индивидуа до индивидуа, и зависи од многу фактори. Првенствено зависи од самата проблематика поради која клиентот се обраќа на психотерапија. Потоа зависи од тоа дали клиентот има некакво предходно искуство со психосоветување или психотерапија или воопшто нема искуство. Исто така зависи од тоа колку е искрен клиентот со самиот себе си, колку брзо доаѓа до увиди и колку е спремен стекнатите увиди да ги имплементира во конкретни активности. Во зависност од тоа колку е клиентот спремен да работи на себе првите промени можат да се почуствуваат уште после првите неколку средби, но за истите да се вкоренат и да доведат до трајни резултати потребно е да се посвети повеќе време.
* Дискрецијата е суптилна за односот меѓу терапевтот и клиентот, но дали може да ни откриете кои фактори најмногу влијаат за една личност да се одлучи да побара помош?
- Една од теориите на промена зборува за тоа дека промената може единствено да се случи кога енергијата која е потребна да се вложи за да се остане непроменет е поголема од енергијата која е потребна да се вложи за да се направи одредена промена. Оваа теорија не важи само во физиката, туку во иста мера и во психологијата. Согласно тоа, една личност е спремна да вложи напор и да превземе акција со цел да предизвика одредени промени во својот живот тогаш кога останувањето непроменет бара поголем напор од напорот потребен за да се направи промената. Оттука една личност се обраќа за психотерапија тогаш кога има потреба од помош и поддршка во освестувањето, осмислувањето или имплементирањето на потребните промени во животот.
* Сметате ли дека кај нас се уште постои недоволна информираност за потребата од психолошки терапии и дека луѓето се срамат да признаат дека им е потребна помош?
- За среќа, табуто кое е поврзано со барањето на психотераписка поддршка полека се менува и се поголем број на луѓе, особено млади луѓе, се се поотворени и отворено зборуваат за процесите на психотерапија и психосоветување. Се разбира секоја дополнителна информација која доведува до подобра информираност на што поголем број на граѓани е секогаш повеќе од добредојдена. Од тој аспект огромна благодарност до Женски Магазин кој изрази иницијатива и интерес да ја актуализира и детабуизира оваа важна тема, а со тоа и да ја доближи до што поголем број наши сограѓани кои можеби токму сега се соочуваат со некаков проблем или потешкотија во животот.
* Се смета дека клучно за постигнување промени е желбата и вербата во нив. Колку вие како терапевт придонесувате за овие промени?
- Задача на терапевтот е да биде реален и објективен. Во текот на својата размена со клиентот тој прави проценка на капацитетите и способностите на клиентот, а истовремено и проценка на блокадите и задршките кои клиентот ги носи. Целта на терапевтот е да му помогне на својот клиент да стане што посвесен за себе самиот, за своите различни аспекти, за искуството кое го носи, за своите капацитети, но и за своите задршки кои го кочат во развојот. Тоа често пати бара од терапевтот да верува во својот клиент и тогаш кога кога клиентот се сомнева во самиот себе. Од тој аспект велиме дека терапевтот понекогаш му ги “позајмува” на клиентот своите капацитети да верува, се додека клиентот низ процесот на психотерапија не си ги реактивира и зајакне сопствените, кои во себе ги носи но во некој момент во животот ги подзаборавил.
* Сметате ли дека кај нас во последните години е зголемен бројт на луѓе кои стануваат зависни од апчиња за справување со психолошките проблеми и која старосна граница е најпогодена од нив?
- За жал бројот на лица кои подолго време континуирано користат медикаментозна терапија за справување со одредени психолошки потешкотии како да е во пораст. Најзагрижувачки е тоа што голем број од овие лица се млади лица.
* Знаете ли да поставите цврста граница на професионалното и приватното, односно колку работата ви влијае во секојдневното функционирање?
- Постоењето на јасна граница помеѓу приватното и професионалното е неопходен предуслов во психотераписката работа. Во суштина, свесноста за оваа граница е од клучно значење за секоја помагачка професија. Без ваквата граница секој професионалец кој работи помагачка професија ризикува да биде преабсорбиран од своите професионални активности и тежината на човечките судбини на луѓето со кои што работи. Ова од своја страна носи голем ризик од професионално согорување. Токму поради тоа јасната граница помеѓу приватното и професионалното, како и практикувањето на активности насочени кон грижа за себе е неопходно да бидат составен дел од професионалните задолженија на секој оној кој работи помагачка професија.
* Како ви започнува и завршува денот, односно постојат ли чекори кои ги следите за поедноставен, а подобар живот?
- За мене лично е многу важно да го живеам она што го зборувам, па оттука практиките на само-грижа кои ги работам со моите клиенти се неизоставен дел и од моето секојдневие. Денот сакам да го започнам со мирна и спокојна енергија, па затоа најчесто станувам порано како би имала време за неколку утрински практики на само-грижа. Наутро ми е важно да се хидрирам веднаш штом станам, потоа следува кратка утринска медитација и задолжителен појадок. Веќе неколку години редовно се рекреирам со пливање неколку пати неделно. Поминувањето што повеќе време надвор и во природа е нешто што лично ми е многу важно. Кога е времето убаво сакам да возам велосипед на кеј или да шетам во градскиот парк. Пишувањето дневник и цртањето се две практики на само-грижа кои исто така се обидувам редовно да ги практикувам. Денот сакам да го завршам во иста атмосфера како што сум го започнала, најчесто со топол чај и добра книга.
* Приватно што е тоа што ве исполнува и што ви е најголем двигател во животот?
- На ова прашање ми е навистина тешко да дадам краток и концизен одговор, бидејки постојат толку многу нешта кои ми се лично многу значајни и кои силно ме придвижуваат во животот. Силни двигатели ми се стремежот кон континуиран личен раст и развој и желбата секој ден да бидам подобра од она што сум била вчера. Силно ме придвижуваат идеите, движењата и животните филозофии низ кои сум раснела и во чие што растење сум имала чест да учествувам, како и личните приказни на луѓето со кои што секојдневно работам. Но сепак како најголем двигател би ги издвоила самите луѓе. Луѓето со кои работам и чиј фидбек ме стимуира да бидам уште подобар професионалец. Тоа се луѓето кои ми се блиски и драги и кои имаат посебно место во моето срце, луѓето кои ми ја хранат душата, кои ме мотивираат и инспирираат и кои на “дождливите денови” ми ја враќаат вербата во човештвото и во можноста за подобро утре.
* Најдобра лекција во животот која би ја препорачале на нашите читатели?
- Најдоброто нешто кое можете да си го подарите самите на себе си е што почесто да бидете вкотвени со свесна присутност во тука и сега. Тоа ќе ви даде најдобар темел за се друго што ќе посакате да направите или постигнете во животот.
Б.Н.