Се радуваме секоја година што сме живи и здрави и што можеме да прославиме заедно: Божиќно со браќата Филип и Раде Нуневски
Лудилото околу Новата година полека стивнува – забавите и прославите поминаа, лудите журки овој период се на пауза, а дека тоа е така потврдуваат и музичарите. „Каде и да си, за Бадник дома да си“ е изрека која се почитува и во семејството на браќата Раде и Филип Нуневски, кои за Женски магазин откриваат дека лепчето ќе го кршат фамилијарно – со нивните сопруги и родители, но ни открија и дел од традициите кои ги почитуваат на овој ден.
„Традицијата за Бадниковата вечер и тоа како се приготвува е наследена во нашата фамилија генерации наназад. Од сѐ што е на масата, нормално колку дал Бог, треба да се проба и секое овошје има некое свое значење. Кога сме разговарале околу обичаите и традицијата со нашите сопруги, верувањата и како тие ја приготвувале Бадниковата вечер биле слични на нашите. Новото време си носи некој нови вредности, но не треба да заборавиме на традицијата и на тоа зошто сме створени на овој свет.“
Браќата, Новата година ја поминаа работно со нивниот бенд, додека еден од најголемите христијански празници Божиќ ќе го поминат со семејството.
„Божиќ кај нас е најзначајниот верски празник. Секогаш сме емотивно приврзани и сакаме да сме заедно на тој ден. Се радуваме секоја година што сме живи и здрави и што можеме да прославиме заедно.“ – откриваат браќата, по што Филип ни посочи уште една причина, поради која Божиќ е значаен за него и неговата сопруга.
„Божиќ е за нас исто така значаен бидејќи на тој ден јас и Мими исто така ја прославуваме нашата годишнина.“
Дека Филип и неговата сопруга, Мими ја поминаа Новата година заедно, знаеме, бидејќи и таа е дел од нивниот бендот, а Раде сега ни откри дека и неговата сопруга, Ивана, заедно со нивната ќерка Миа била дел од новогодишната забава на која тие ги забавуваа обожавателите.
„Како и претходната година така и оваа имавме можност да биде заедно цела фамилија. Така што јас, Ивана, Миа, моите родители и родителите на Ивана бевме заедно и секако среќни што ја дочекавме сите заедно Новата.“
Дека малата Миа е миленичка во семејството откри и Филип, кој посочи дека тој и Мими секогаш со радост ја очекуваат во нивниот дом.
„Миа е среќата на сите во цела фамилија. Со радост секогаш ја очекуваме во нашиот дом. Иако е сеуште многу мала знае како сите да нѐ освои и да биде пак како таа што сака.“
Но, кога е нивниот професионален живот во прашање, не може да го занемариме фактот дека изминатата година за нив беше навистина успешна. Имаа голем број настапи, соработки со музички ѕвезди од соседството, а како јаготка на шлаг беше видеото за „Приказна за нас“ – песната, која Филип и Мими ја направија специјално за нивниот свадбен танц. Филип вели дека оваа година за нив е година исполнета со убави спомени.
„Навистина сѐ што сакавме и можевме реализиравме во изминатата година. Брзо ни помина, но беше исполнета со убави спомени. Секогаш има некои работи што ги сакаме повеќе или не сме ги исполниле, но за мене е најважно да сме среќни со тоа што сме и со тоа што имаме во овој момент.“
Кога се настапите и „тезгите“ во прашање, браќата велат дека не може да одреди кои гости се подарежливи – дали оние од соседството или македонските.
„Тука нема правила, некогаш каде што не очекуваме сме биле подобро пречекани и наградани. Секогаш имаме енергија и мотивација во нас да дадеме што сѐ можеме, а тоа народот го гледа и го цени и го наградува.“
За следната година веќе имаат планови, кои ги држат во тајност, додека не ѝ ги претстават на публиката.
„Публiката може да очекува уште многу повеќе од она што сме го направиле во нашата кариера досега. Кога е во прашање што можеме да понудиме ново, нашите желби се големи и сакаме што повеќе луѓе да нѐ видат, но кога се во прашање можностите правиме сѐ што можеме и дададеме повеќе од нас.“
За крај, на сите им посакаа во Новата година да бидат искрени и верни и порачаа да бидат среќни, бидејќи, како што велат, времето брзо поминува.
„Да бидеме среќни... Времето брзо поминува. Ништо не е поважно од фамилијата. Да бидеме искрени и верни едни на други, само така можеме да успееме и како нација и како личности.“
И. Мисајловска
фото: Приватна архива