Сѐ започна ненамерно: Искрено интервју со Марио Манов, момчето кое го освои Инстаграм
Марио Манов е 20 - годишно момче, кое во овој период е вистински хит на социјалните мрежи. Роден е во Македонија, но долго време живее во Германија. Моментално работи и студира истовреме, а неговото хоби (снимањето на видеа) му донесе многу следбеници на Инстаграм.
Тој во нашето интервју откри многу интересни работи, од тоа како ги снима видеата, од каде црпи инспирација за нив, но и каков е тој приватно.
* Твоите видеа дефитивно допринесуваат за позитивна енергија кај сите луѓе без разлика од возраста, особено сега во период кога сите сме приморани да бидеме дома. Но, од кога точно започна да се занимаваш со снимање на видеа?
- Мене, искрено ми е многу мило што примораноста да се седи дома периодов е барем малку олеснета со моите видеа. Така чувствувам дека имаме допирна точка со оние кои што ме следат. Според мене на сите нас ни требаат интересни и хумористични работи за да ја одржиме психата на некое коректно ниво во вакви времиња. Приказната за постирање на видеата се случи сосема ненадејно, бидејќи на мојот профил објавував само фотографии од мене и од моите пријатели. Но, веројатно така требало да биде, едно видео наместо во „close friends“ ненамерно заврши на стори и оттогаш започна сѐ.
* Од каде црпиш инспирација за видеата, бидејќи истите делуваат многу реално? Од сопствено искуство или од она што го слушаш од пријателите?
- Како што кажав и во претходното прашање, најважно од сѐ е креаторот и публиката да имаат допирна точка, а тоа единствено можам да го постигнам само со постирање на реални видеа. Инспирација црпам од секојдневието, случки што ги имам видено или слушнато.
* Исто така се занимаваш и со моделинг. Кога би требало да бираш, за што би се определил?
- Помеѓу тие две работи воопшто не сакам да бирам. Сметам дека и двете се дел од мене и ме креираат како личност. Едното е внатрешно, другото е надворешно, а тоа е супер комбинација што мене ме доловува во вистинско светло и ме прикажува токму таков каков што сум.
* Едно од најпопуларните видеа на твојот Инстаграм профил е дефитивно она што го објави веднаш по објавувањето дека наставата ќе се одржува по електронски пат. Коментарите воглавно беа позитивни, но имаше и некои негативни или пак можеби заканувачки?
- Немам навика да читам коментари, го избегнувам тој процес, но се радувам на секој позитивен коментар. Нормално дека секој има свое мислење и не секогаш тоа е позитивно, ама го почитувам бидејќи уште на почетокот знаев и бев спремен на тоа да има позитивни и негативни коментари. Воопшто не ми се допаѓа кога има навреди, бидејќи луѓето кои читаат коментари индиректно можат да се пронајдат во нив и да ги сфатат лично независно од тоа кон кого се упатени.
* Што според тебе те издвојува од останатите млади луѓе кои објавуваат слични објави како твоите?
- Мислам дека дијалектот е она што најмногу ме издвојува од другите. На почетокот не чувствував целосна подготвеност да правам видеа на мојот дијалект, но на крајот од денот секогаш ми е мило што луѓето токму заради тоа ме сакаат. Немам „влакна“ на јазикот и постојано го кажувам она што го мислам. Свој сум, не го кријам тоа од никој и горд сум поради тоа.
* Веќе имаш објавено и две видеа на јутјуб, дали можеби си решен да запливаш и во јутјуберските води?
- Јутјуб секогаш ми бил сон. Како мал гледав видеа и посакував еден ден и јас истото да го правам. Но, сега сфаќам дека снимањето за јутјуб навистина одзема многу време и е потребна уникатност и концентрација. Во моментов не ми е приоритет, но сакам да продолжам да снимам и да бидам колку што можам поактивен на таа платформа.
* Каков е Марио приватно?
Поголемиот дел од времето сум исто толку опуштен како што сум на видеата. На моменти знам да бидам и дрзок, но кој не е? На многумина можеби ќе им е чудно, ама приватно, Марио е срамежлива и затворена личност. Омилено ми е кога поминувам време со блиски пријатели и семејството, но претпочитам тие средби да се на мирни места или во домашен амбиент.
* Што е она што ќе ти остане во најдлабоко сеќавање од училишните денови?
- Училишните денови ги паметам по добри нешта, бидејќи сите моменти поминати со „школските“ се нешто што никогаш не се заборава. Обожавав да седам во прва клупа и да бидам најгласен во цело одделение. Ако веќе морам да издвојам еден момент тоа дефинитивно ќе биде полуматурата - вечер која никогаш нема да ми избледи од сеќавањето.
* Како ги поминуваш деновите во изолација?
- Мене искрено и не ми прави некоја голема разлика, со оглед на тоа што повеќе од времето го поминам дома. Најчесто гледам серии, снимам, фотографирам, подготвувам содржини за проекти кои ќе треба да излезат наскоро и слично. Не сум љубител на читање книги, ама затоа слушам музика постојано и гледам секој поминат ден дома да си го направам интересен за мене и луѓето околу мене. Во последно време поминувам доста време во кујна. Сакам да експериментирам со храна, а за целото тоа да биде уште по забавно, ја вклучувам и мајка ми во забавата.
* Каде се гледаш за 10 години?
- За 10 години отсега се гледам како самостојна личност со остварени животни цели, опкружен со луѓето што ги сакам и да сум среќен. Се гледам како успешен човек кој зад себе има кариера што ќе ме прави горд и ќе ме мотивира да работам уште повеќе на себеси и да достигам нови врвови.
* Кој хаштаг најчесто го користиш?
- Ретко користам хаштагови, а во последно време #funnyvideos некако ми станува омилен.
Ивана Мисајловска