Секогаш сум отворен за соработка со македонските диџеи: Ексклузивно за Женски магазин, Диџеј Тери Францис од Лондон пред настапот во Битола
„Секогаш сум отворен за соработка со македонските диџеи, еве можеби после овој настап, ќе се реализира некоја нова соработка”. Вака го започна разговорот еден од најпознатите диџеи на лондонската сцена, Тери Францис, кој вечер настапува во Битола.
Првичниот план беше да настапи како специјален гостин во рамките на Балкан Гала фестивалот, но поради лошите временски услови, концертот се одложува, а тој заедно со диџеј Сашо Ресид ќе настапи во ноќниот клуб Hush.
После настапите и турнеите во Америка, Австралија, Нов Зеланд и крајниот исток, неделни патувања во скоро секоја земја во Европа, Франсис сепак најде време да дојде во Битола.
Веќе 23 години е ресидент диџеј во еден од најпознатите клубови во Лондон, Фабрик, светската сцена ја освојува со Freedom ep,Took from me; Pagan,Smokey room; Strong woman, и многу други, за продукции како Alien recordings, Checkpoint recordings, и слично.
Од освојувањето на наградата за „Најдобар диџеј“ во 1997 година, Тери Франсис го имаше она што може да се опише само како метеорско достигнување на слава, па ги освои срцата и на оние што дотогаш не биле запознаени со неговите диџеј беспрекорни вештини.
На крајот на краиштата, секое етикетирање на стилот на Тери е прилично бесмислено, бидејќи она што тој го прави е она што го прават сите најдобри диџеи, создава музички сетови од срце.
Балкан Гала Фестивалот е уникатен тридневен фестивал единствен на овие простори.
Се работи за три различни концертни вечери со многу гости артисти од целиот Балкан, придружувани од Камерниот Оркестар на Битола составен од над 30 музичари.
Идејата на организаторот е да се создаде уникатна можност да се чујат омилените песни, артисти да се слушнат и видат во сосема нови симфониски аранжмани, а токму на третата вечер насловена како Електро симфонија, на сцената како специјален гостин беше најавен диџеј Тери Францис, заедно со легендарните македонски диџеи Сашо Ресид и Соња Исмаил.
Ексклузивно за нашиот магазин со Франсис поразговаравме околу настапот во Битола, ремиксите и албумите и многу повеќе.
Т.Ф.-Ме контактираше диџеј Фани, која ме претстави на екипата од организацијата, на Владимир и момците од фестивалот и еве во договор со нив ја реализиравме оваа соработка-истакна Франсис за неговото гостување во Македонија.
*Што е она што публиката ќе има можност да го чуе од Вас, каков диџеј сет подготвивте?
Т.Ф.-За настапот пред битолската публика се одлучив за поенергичен техно сет.
Дел од Детроит техно стил, европско техно итн, но ќе видам каква ќе биде реакцијата на присутните, за да знам со што ќе продолжам да ја загревам енергијата.
*Како го поминавте периодот на lock down и пандемија? Имавте ли време за нови студио проекти?
Т.Ф.-Јас бев доста зафатен со работа дури и во тој период.
Работев на мојот концептуален албум, под влијание на музиката на која пораснав, фанк, соул, електро и брејкови, сите оригинални траки.
Го промовирав " Каде си“ , плус две изданија на BandCamp, работев некои поткасти и различни сетови, така што бев доста активен.
*Долги години сте ресидент диџеј во еден од најпознатите лондонски клубови. Какво искуство е тоа за Вас?
Т.Ф.-Да, точно, 23 години, и сè уште сум таму еднаш месечно. Клубот повторно се отвора на 24 јули, што е одлична вест.
Сите овие години да се настапува таму беше фантастично, имав музичка слобода да си го направам својот сет пред голем број на публика. Тоа е задоволство !
Франсис соработувал со повеќе музичари, продуценти, вокалисти од целиот свет, меѓу кои-Hive 71 ((Дарен Грин), Miss C и Сара Мејсон Харис на неколку различни изданија.
Го запрашавме дали можеме да очекуваме соработка со македонски диџеи.
Т.Ф.- Сѐ уште не сум соработувал со македонски диџеи и музичари, но секогаш сум отворен за предлози. Она што го паметам е дека имате одлични диџеи кои настапиле со одлични сетови.
*После наградата во 1997, за која музичката критика вели дека после неа буквално се вивнавте на музичката сцена, што истата значеше за Вас?
Т.Ф.-Токму така, тоа беше одлично искуство и дефинитивно ми даде поттик за мојата работа. Почнав повеќе да настапувам низ целиот свет и патував на некои убави места и настапував во одлични клубови.
Наградата и ја дадов на мајка ми и таа беше многу горда. Сега ја користи за да ја задржи вратата отворена во влезната соба.
*Кои фестивали се на Вашата листа после Битола?
Т.Ф.-После Битола настапувам на Loveland, во Холандија, We love summer festival, the secret island festival и други.
Изминатиов период направив многу ремикси, околу 17, но сега завршив за да имам време да се вратам на настапите. Веројатно ќе се вратам на уште неколку ремикси за неколку месеци.
Неда Маретиќ