Секој ден одам на работа и не сум исплашена: Беира Салифоска, лице со целосно оштетен вид за коронавирусот

Беира Салифоска, позната како Беки, има глауком (целосно оштетување на видот од раѓање), препознатлива насмевка и магични раце. Оваа млада и позитивна девојка потекнува од Пласница, а веќе повеќе од 12 години живее во нашиот главен град, од кои 10 работи како масерка во Институтот за физикална и медицинска рехабилитација во Скопје.

И во време на вондредна состојба во нашата држава поради КОВИД-19, Беки секојдневно работи со своите пациенти, но и ги почитува препорачаните мерки за заштита. Како тоа изгледа, таа раскажа за Женски Магазин, па читајте во продолжение.

* Како се промени Вашиот ден во ова време на коронавирус?

- Секојдневно одам на работа и ги завршувам моите работни обврски. Ситуацијата воопшто не е лесна за никого, но мора да се издржи и да се справиме со тоа. Се заштитувам на начин како што советуваат од министерство за здравство, постојано мијам раце и користам дезинфекционо сретство, а кога е неопходно ставам и маска, пијам вода и многу течности и јадам овошје и зеленчук. 

* Меѓу луѓето е присутна паника поради која пазаруваат неодговорно. Како Вие се снаоѓате со пазарувањето во вакви потешки услови од обично?

- Во однос на пазарувањето и снабдување со храна, јас имам среќа што го имам најдобриот персонален асистент, кој слободно можам да го наречам- брат и најдобар другар. Секојдневно ми се јавува и прашува што ми треба, така да се што е потребно околу пазарување ми купува и ми носи и сум многу благодарна на него, посакувам секој да има асистент и пријател како Димче Миланов. Воедно тука им се заблагодарувам и на дел од колегите мои кој постојано ме прашуваат дали ми треба нешто и кој ме носат и понекогаш земаат од дома, па одиме заедно до работа, а исто така сакам да се заблагодарам на оние пријатели кој ми се јавија за да ме прашаат како сум и дали имам потреба од нешто. 

* Дали Ве плаши новонастанатата вондредна ситуација поради коронавирусот?

- Искрено не се плашам, но секако дека ова воопшто не е лесно, мислам дека повеќе сум загрижена, отколку исплашена, сите ние имаме родители кои се повозрасни, а и пријатели и роднини кои се во ризична категорија, односно возрасни, а кои многу ни значат и ги сакаме, загрижена сум затоа што 80 проценти од мојата фамилија е во странство, па ги мислам и нив. Како што напоменав ова е ситуација која сите треба сериозно и одговорно да и пристапиме, треба да ги послушаме што ни зборуваат, односно да применуваме она што ни се кажува, секако дека треба да внимаваме од каде стигнуваат тие информации, јас на пример- околу оваа ситуација ги следам препораките од министерството за здравство и ги гледам изјавите кој министерот за здравство кои ни ги дава на секој прес. Читам и некои портали, кои мислам дека се релевантни, не дека непролистувам на Фејсбук што ќе пишат, но гледам тоа да го земам со резерва и неверување. 

Беки минатата година ја посетила Италија, земјата што сега најпогодена од коронавирусот

* Што правите за да ја „убиете“ досадата додека сте во домашен карантин?

- Драги мои, не знам дали ќе ви послужи, но јас вака некако функционирам во време на изолација, одам на работа и се враќам, потоа гледам малку да одморам, постојано го чистам мојот дом и пребришувам насекаде, некогаш знам и да си зготвам нешто или некоја салата да направам, секојдневно си правам смути. За да не ми биде досадно- читам материјали што ми се од факултет, исто така имам некои англиски книги за читање, затоа што сакам да си го доусовршам мојот англиски, секако дека слушам и музика. Постојано комуницирам со моите родители, гледам да им се јавувам почесто за да не се чувствуваат осамени, затоа што тие живеат во Пласница, а јас не можам да ги посетам, не би го ризикувала тоа, исто така постојано сум во контакт со моите сестри и брат, а и роднините кои живеат во странство, секојдневно комуницирам со пријатели од странство, кои сум ги запознала преку Еразмус+ програмите, па разменуваме информации за состојбата во нашата држава, а и во нивните исто така. 

* Ваши препораки како здравствено лице?

- Луѓе мои, изолацијата не е лесна за никого, но размислете малку, има луѓе кои за жал целиот живот го поминуваат во изолација, ние да се потрудиме да ги издржиме овие тешки денови. Ве молам слушајте и почитувајте, односно применувајте што ви се кажува, ве молам информирајте се од релевантни портали и места, не ги земајте сите информации здраво за готово. Ве молам останете дома, не се групирајте, има многу работи што можеме да ги правиме- посветете се на вашите семејства, на оние кои најмногу ви значат, да не бидеме себични да мислиме на повозрасните, затоа што благодарение на нив ние сме тука на овој свет, да бидеме општествено одговорни и ако може на било каков начин помогнете на тие што имаат потреба, не размислувајте само за вас, гледајте да пазарувате во нормални количини, затоа што позади вас и другиот сака да купи намирници. Огромен поздрав до до сите здравствени работници кои несебично и макотрпно работат за доброто на сите нас. 

* Порака до нашите читатели.

- Драги мои, ви посакувам многу здравје, што побрзо да ја надминеме оваа криза, посакувам да заврши во најдобар ред, да се видиме сите среќни и здрави и да се изгушкаме и да надохнадиме за времето кое сме го поминале во изолација. Ве сакам многу и останете дома, заштитете се себеси и сите околу вас, седењето дома ќе помогне на сите.

Даница Караташова


Верувам во Дедо Мраз, желба ми е да дипломирам: Интервју со Беира Салифоска, лице со целосно оштетен вид