СЕКОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ ФИТ
Ги гледаме познатите спортисти, атлети, кои изгледаат совршено, како да се надлуѓе, како да се надвор од овој свет и не ни помислуваме или не веруваме дека и ние можеме. И не само преку телевизиските приемници, интернетот, туку и во нашето најблиско опкружување, уште од нашата најмала возраст, кога почнуваме да се спознаваме себеси и сé она што е околу нас, гледаме други дечиња, други луѓе, кои се приближно на наша возраст, а на маалските натпревари, училишни натревари, некои се малку, но некои многу, побрзи, посилни, подобри од нас во една или повеќе работи. Дел од нас имаат натпреварувачки дух и не можат да прифатат дека тоа е тоа и тука треба да се помириме, а други едноставно се помируваат, мислејќи дека едноставно толку можат.
НО, ДАЛИ Е ТОА Е НАВИСТИНА ТАКА, ДАЛИ ТОЛКУ МОЖЕМЕ...?!
Уште од самото раѓање сите ние сме ПОБЕДНИЦИ! Од милиони сперматозоиди, во таа најголема трка која значи ЖИВОТ, сите ние кои сме се родиле, во своето „натпреварувачко портфолио“ ја имаме НАЈГОЛЕМАТА ПОБЕДА, НАЈВРЕДНОТО ПРВО МЕСТО! И како и во животот, така и во спортот или како и во спортот така и во животот, многу е тежок патот до победничкиот пиедестал, но уште потешко е да останеме таму. Но каде е замката?! Откако ќе стигнат таму, многумина се губат на тој пат... и почнуваат да паѓаат!
Но, животот не е во тоа колку победи ќе нанижеш, туку колку пати ќе паднеш и поворно ќе станеш, ќе ја „истресеш прашината“ и ќе продолжиш понатаму!
Некои имаат проблем со тежината, сакаат да се поправат или да ослабат, да намалат телесно масно ткиво, некои сакаат да го обликуваат своето тело, некои пак имаат други проблеми или желби кои мислат дека се недостижни. И дел од решението можеби е добра справа за вежбање, добра спортска опрема, теретана со сите можни справи и реквизити, стручен и докажан тренер, но РЕШЕНИЕТО лежи длабоко во ВАС! ВИЕ СТЕ РЕШЕНИЕТО НА СИТЕ ВАШИ ПРОБЛЕМИ! САМО ВИЕ СТОИТЕ НА ПАТОТ ПОМЕЃУ ОНА ШТО СТЕ И ОНА ШТО САКАТЕ ДА БИДЕТЕ ИЛИ ДА ПОСТИГНЕТЕ! Сé друго се само придружни „алатки“ . Важно е да се „разбудите“, да донесете одлука, да си поставите цел, да направите план и секако, најважното - АКЦИЈА!
И верувајте ми, целта не е да бидете подобри од другите, да ги победите. Важно е денес да бидете подобри од вчера, а послаби од утре! Започнувајќи го тој процес, вие ќе налетате на низа препреки, а барајќи начин како да ги совладате, во целиот тој процес, вие учите како да ги совладате тие препреки, но учите и за себе. Тоа е процес на спознавање и на самите себе, учите како да реагирате и да се справувате со успоните и падовите, притоа созревајќи и станувајќи подобра верзија од себе и тоа секој следен ден.
Јас, како спортист и натпреварувач имам многу успеси и често многу мои спортски противници, мои вежбачи, луѓе кои ме следат, знаат да кажат: „Тебе ти е лесно. Имаш дарба, предиспозции, ти си супер спремен, итн“.
Но, вистината е сосема поинаква. Уште од кога знам за себе, како мало детенце, се замислував себе си како супер херој, дека сум најдобар, најсилен, најхрабар... Фантазија што ја има и секое друго дете. Но, во реалноста бев најнизок, најспор , најслаб, а на маалските и училишите натпреварувања бев инфериорен, последен на СИТЕ натпреварувања и тоа убедливо! Имам практикувано многу спортови затоа што ги сакам сите. Но, постојано налетував на препреки од типот: „преногу си висок за гимнастика“, „премногу си низок за кошарка“, „премногу е доцна да почнеш да се занимаваш со...“, но едноставно НЕ ПРИФАЌАВ НИШТО ПОМАЛКУ ОД ПОБЕДА! Таа моја одлучност ме пренесе преку сите препреки и ме донесе таму каде што сум, од една страна да бидам успешен спортист, тренер, педагог, а истовремено и добар човек, а пред се, добар родител. Секако не совршен и безгрешен, но секогаш тежнеејќи кон тоа да се биде подобар!
Еве еден совет од мене: пронајдете го дететето во себе, разбудете ја таа детска фантазија, Доволете да ви се врати страста и жедта. Пронајдете го супер херојот во себе, затоа што вие сте центарот на вашиот свет, вие сте ГЛАВНИТЕ во вашиот универзум и само вие можете да одлучите по кој пат ќе одите!
Поради големиот број прашања што сум ги добивал во текот на кариерата, во сферата на спортот,рекреативното вежбање,мотивацијата, исхраната, итн., одлучив да го споделам моето знаење и искуство во колумна и во авторска книга во издание на Просветно дело. Доколку имате дилеми и прашања поврзани со темата истите може да ги пратите на нашите социјални профили, а дел од поставените прашања ќе бидат одговорени во самата книга.
Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес
Сите права се задржани