Секоја една ми ја извади душата надвор додека читаше: Промоција на „Најди ми име“ и „Понеделнички муабет“ на Ана Бунтеска

Добивај вести на Viber

Си одиш ти без збор

без надеж за допир

како безумност

низ која тивко чекорам.

Ми оставаш бол

кој жедно го пијам

за да преживеам 

во овој живот без тебе

да самувам

без тебе до мене.

Со овие стихови нашата и ваша Ана Бунтеска ја отвори промоцијата на своите две книги „Најди ми име“ и „Понеделнички муабет“. Стихови кои ги напиша за Биба Додева, стихови за кои Владимир Дојчиновски ги направи аранжманот и музиката, стихови кои придонесоа за на Охрид фест 2019 Биба да ја земе првата награда и стихови кои се дел од „Најди ми име“.

Локалот беше претесен да ги собере сите обожаватели и пријатели на авторката, но секој си најде место за да ги ислуша стиховите на Ана. Истите ги рецитираа седум дами, Драгана Левенска, Марија Кондовска, Катерина Шехтанска, Татјана Алексиќ, Соња Р. Јовановски, Ирена Спировска, Емилија Пападимитров, кои дадоа еден посебен сјај на стиховите на Ана. Специјалната гостинка, Биба Додева, беше задолжена за музичкиот дел и наместо да рецитара, таа ги отпеа стиховите од победничката песна.

„Овие дами се баш едни од оние моите машки жени, ретки жени, убави жени, карпа жени...“ - вака Ана ги опиша своите гостинки, кои дефитивно ја направија оваа вечер посебна.

„Секоја една ми ја извади душа надвор додека читаше, секоја една е посебна и ви должам благодарност на сите што сте тука, што често пати на моменти ме сакате повеќе отколку што се сакам јас себе.“ - со благодарност и солзи во очите писателката го затвори официјалниот дел.

Долгиот и громогласен аплауз на присутните беше знак за успешно реализираната промоција. Пријателите и обожавателите чекаа во ред за да и честитаат на Ана за новите дела, но и за потпис на кориците од тазе отпечатените книги.

Во продолжение погледнете ја фотогалеријата од промоцијата.

Ивана Мисајловска

фото: Вангел Тануровски