Секоја фотографија е едно помалку или повеќе совршено танго со светлината: Фотографката Кети Талевска за создавањето на лумен принтови
„Во Македонија никој не се занимавал со оваа техника и едноставно сметав дека е интересно да покажам што значи правење фотографија без фото апарат и дека и тоа е возможно. Едноставно можеме да цртаме (фотографираме) само со светлината“, вели фотографката од Битола, Кети Талевска која неодамна ја имаше својата прва самостојна изложба со наслов „Меѓу папратите“.
Се работи за изложба на лумен принтови, односно фотографии направени од фотоосетлив материјал, без употреба на фотоапарат.
Кети е добро познат фотограф во фотографските кругови, пред се по фотографиите препознатливи на нејзиниот начин на работа, во кои се чувствува нејзиниот талент и посебниот фокус на деталите, документирањето на настаните. Од минатата година започна да се занимава со лумен принт-техниката, која е една од најстарите техники за изработување фотографии. Лумен принтови – луминограми, се во суштина соларни фотографии кои се прават на фотоосетлив материјал без користење на фотоапарат. Резултатите се единствени и неповторливи. Во денешно време таквите фотографии реферираат на најраните фотографски експерименти од раниот 19ти век. Покрај претпоставените ограничувања,ваквиот начин на изработка на фотографии ни дава скоро бескрајни можности за експериментирање.
„Секоја фотографија е едно помалку или повеќе совршено танго со светлината. Повеќе или помалку свесна игра, во зависност од умешноста на танчерите. Неа не смее да ја има премалку, ниту премногу. Страста брзо пламнува но ако не се покаже потребното почитување и танчерот се препушти само на страста, како во случајот на Икар, танцот брзо се претвора во очаен пад во непознатото и бурно море“, вели фотографот Сашо Алушевски, кој и ја посочи оваа техника на Кети и додава- „Потегот на Кети Талевска-Бакревска, да се претстави со ваква поставка, со таканеречените лумен принтови -фотографии настанати без употреба на фото апарат го сметам за многузначно храбар и благороден. Храбар, затоа што отскокнува од клишеата и тоа без отскочна даска, без референца на која се повикува. Ваква поставка е бисер за македонската фотографија. Храбар, затоа што безмалку без поттик, сама се впушти во игра и истражување на можностите што за неа ги нуди медиумот и за релативно брзо време го најде сопствениот израз. Храбар е исто така, затоа што овие фотографии се многу деликатни и нам ни се обраќаат на еден многу суптилен начин, како шепот“.
Изложбата беше составена од 26 фотографии. Кети Талевска Бакревска со фотографија се занимава од 17-годишна возраст.
*Какво е чувството сега после изложбата?
К.Т.- После сите коментари, рецензии и критики кои што ги добив после изложбата сум премногу задоволна од целиот настан и неговата посетеност. Сепак најбитни се чувствата кои се присутни додека ги создавав делата и при поставувањето на целата изложба.
*Иако повеќе години се занимаваш со фотографија, оваа е твоја прва самостојна изложба( иако досега си била дел од групни изложби). Кој момент беше пресуден да се презентира изложбата?
К.Т.- Се беше едноставно и спонтано, како и фотографиите што се изложени. За време на пандемијата започнав да се занимавам со Лумен техниката и експериментирав со сите нејзини можности кои ми ги нуди. Во Македонија никој не се занимавал со оваа техника и едноставно сметав дека е интересно да покажам што значи правење фотографија без фото апарат и дека и тоа е возможно. Едноставно можеме да цртаме (фотографираме) само со светлината.
*Oд каде идејата за изработка на вакви фотографии?
К.Т.- Обожавам да шетам во природа и да барам интересни растенија. Секогаш ми се интересни тревките и растенијата кои што имаат интересни форми, бои и сл. За да можам да ги запомнам сите тие интересни форми започнав да создавам лумен- принтови каде што ќе ги зачувам трајно пред да се исушат или исчезнат.
*Каков е процесот за нивна изработка?
К.Т.- Процесот е едноставен на прв поглед, а колку подлабоко го проучувате толку покомплициран. Секое растение од кое што сакам да направам фотографија го поставувам на фото осетлива хартија. Потоа се става под стакло и се остава на дирекна светлина. Хартијата реагира од светлината и остава трага од тоа што е поставено над неа. На крај хартијата се става во фиксир кој го запира процесот на осветлување на хартијата и веќе ја имам конечната фотографија.
*Како ја научи оваа техника која не враќа на фотографските екперименти од 19 ти век?
К.Т.- Преку истражување и учење за старите алтернативни процеси за фотографија и со помош од мојот пријател Сашо Алушевски кој што се занимава со многу алтернативни фотографски процеси кој ми ја посочи оваа техника - така почнав да ја работам.
*Покрај ова Кети е препознатлив фотограф која освен што со својот фотоапарат ги документира најважните настани, препознатлива е и по портрет фотографијата, но и пејсажната. Како започна цела таа приказна со љубовта кон фотографијата?
К.Т.- Со фотографија започнав да се занимавам од 17 години. Првиот фото апарат кој што го имав беше Зенит кој е аналоген фотоапарат и така започнав да се занимавам со аналогна фотографија. Подоцна станав дел од Фото Кино Клубот Битола и започнав активно да работам, да учам и да учествувам на групни изложби.
*Што најмногу Талевска сака да фотографира?
К.Т.- Во зависност од периодот во кој што се наоѓам секогаш ме привлекуваат различни работи. Најчесто фотографирам културни настани, но ја сакам и работата со луѓе и некогаш експериментирам и со портретна фотографија.
*Која друга техника ти е предизвик?
К.Т.- Има многу алтернативни техники кои што сакам да ги пробам, но сепак засега ќе останам на Лумен принтот кој сеуште го истражувам и засега ми е најинтересен.
*Кои се следни фото предизвици на Кети?
К.Т.- Нареден предизвик ми е да ги направам лумен принтовите на поголем формат, за кое што ќе треба многу поголема работа и упорност.
*Кој совет би им го дала на оние кои сега започнуваат да се интересираат за магијата на фотографијата?
К.Т.- Да учат од старите техники, да истражуваат, да комбинираат стари со нови медиуми и нормално да се забавуваат додека создаваат фотографија.
Фотографии: Димитар Чунговски
Неда Маретиќ