Секоја жена би се чувствувала поженствено при изведба на танц на шипка: Инструкторката Наталина Синдилиева за Pole dance-от како спорт
Нејзината професија е играње на шипка, иако дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, смер е-бизнис при Универзитетот Св.Кирил и Методиј. Наталина Синдилиева од Скопје е поранешен професионален каратист а во моментов е инструктор на Pole dance чии почетоци се од студиото Pole People Skopje. Во разговорот за нашиот магазин со Наталина зборуваме за тоа како почнала да се занимава со Pole dance, предрасудите со кои се среќава и ден денес, како и за самата дисциплина.
*Како почна приказната со Pole dance?
Моите почетоци со танц на шипка беа во Pole People Skopje со моите
инструкторки Цеце и Бојана кои што подоцна ме обучија да држам и јас часови и
да станам инструктор. Почнав со танц на шипка бидејќи ми звучеше доста
интересно и различно од карате. Сакав да се откажам од карате и не бев сигурна
што би правела потоа, па овој нов и различен спорт доста ме заинтересира.
Искрено кога почнав со танц на шипка никогаш не се замислував дека ќе бидам
инструктор или пак ќе имам елеганција и женствени движења. На почетокот се “тепав” со шипката како да имав спаринг партнер. Можам
да кажам дека до сега со сите овие години искуство како интруктор не сум
сретнала поголем антиталент од мене за танц на шипка.
*Кажи им на нашите читатели едноставно што претставува Poledance-от, дали е Dance спорт, танц или нешто трето?
-Pole Fitness/Pole dancе е составен од повеќе елементи и според тоа има различен тип на тренинзи. Натпреварувачки има 3 главни типа на категории и тоа:
* Pole fitness/dance - каде што имате ротирачка и статична шипка и треба да изведете различни слеани елементи на двете шипки во кореографија
* Pole Art - претставува артистичко претставување на шипка со облека, коцепт, приказна за тоа што се игра преку кореографијата
* Exotic pole - претставувањето на кореографијата и играњето е на високи потпетици (штикли)
Според ова може да се каже дека танцот/вежбањето на шипка претставува спорт кој што е составен од танц, акробатика, гимнастика, фитнес и се тоа убаво склопено во една кореографија.
*Какви беа реакциите во јавноста кога за прв пат видоа со што се занимавате, дали можеби наидовте на предрасуди и како се носевте со истите – многу често Poledance-от го поистветуваат со стриптиз – наидовте ли можеби вие на некоја таква осуда?
-Кога јас почнав со Pole Dance овој спорт сѐ уште не беше развиен, ниту пак се гледаше како спорт. На почетокот за мене претставуваше само еден тип на вежбање како на пример Пилатес па искрено не ни обраќав многу внимание на тоа како го гледаа луѓето. Меѓутоа од кога почнав сериозно да се занимавам со Pole Dance наидував на доста несоодветни коментари (кои што може да се случат и до ден денес), но со тек на време сфатив дека всушност се тоа се заснова на неинформираноста на луѓето. Би сакала да објаснам и за сите наши читатели дека разликата помеѓу Pole Dance и стриптиз е тоа што во Pole Dance не се соблекува облеката, односно вежбаме со кратки шорцеви за да може да имаме грип (кожата се лепи на шипката) , додека пак стриптизот претставува соблекување на цела облека од телото.
*Вашата дисциплина изгледа многу напорна. Дали е потребно жената да биде физички подготвена за да се занимава со Pole Dance?
-Нашата програма на Pole Dance за почетници започнува од основните почетнички движења. Почнуваме со движење околу шипка , па се до изведување на различен тип елементи. Не е потребна никаква претходна физичка спремност или пак тренинг бидејќи се што ви е потребно за Pole Dance го вежбаме на часовите.
*Од ваше искуство и од искуство на вашите гледишта, дали се чувствувате женствено, додека „вежбате на шипка“ ?
-Можам да гарантирам дека секоја жена би се чуствувала поженствено при изведба на танц на шипка. Како што кажав и на почеток - женственоста воопшто не беше моја јака страна пред да започнам со Pole Dance, но да бидам искрена секој тренинг се повеќе си се воодушевувам до каде сум стигната со моите движења и елеганција. А одговорот е Да, дефинитивно се чувствувам женствено.
*Колку Pole Dance-от е развиен кај нас?
На моја огромна среќа Pole Dance- от дефинитивно зема доста голем замав кај нас и покрај ситуацијата со Ковид. Имаме се повеќе заинтересирани кои што сакаат да доаѓаат и да вежбаат, меѓу кои се и жени и мажи без разлика на старосната граница.
*Како би ги убедиле жените кои немаат храброст да почнат да вежбаат Pole Dance? Што би навеле како негови предности?
-Покрај тоа што е доста интересно и не здосадува, Pole Dance- от е одличен како за физичкото така и за психичкото здравје. Од психичките придобивки најважното е тоа дека ја зголемува самодовербата, ги поместува сопствените граници на тоа што можете и не можете а тоа води до лична сатисфакција, задоволство и дефинитивно огромна среќа. Од физички аспект го зајакнува телото, ги издолжува мускулите и ги дефинира одлично бидејќи цело време вежбате со сопствената тежина.
*Според Вас, колку оваа рекреација го промени односот на жената кон своето тело и изгради нивна самодоверба?
-Историски гледано жените секогаш биле потиснати и требало да припаѓаат во системот, односно како да изгледаат, како да се однесуваат и што да прават. Pole Dance- от е одличен начин жената да излезе од кодексот на однесување и да се доближи до самата себе. Тоа значи дека сите жени се перфектни на свој начин. Pole Dance- от ја зголемува самодовербата со тоа што фокусот не е на тоа како изгледате туку што правите. Односно повеќе не се фокусирате дали имате целулит или некој килограм плус туку важно е тоа дека денес може да направите некое движење кое што не сте можеле да го направите вчера.
*Кој се доаѓа на вашите тренинзи? Вежбаат ли и мажи или не?
Во нашето студио можете да сретнете и мажи и жени, од помали до постари. Нема старосна граница. Што е доста голем прогрес од претходните години во Македонија.
*Како ситуацијата со пандемијата и се што се случуваше последнично, влијаеше на одржувањето на вашите тренинзи?
Искрено пандемијата доста лошо влијаеше на се што е поврзано со спортот, па така и со Pole Dance-от. Скоро цела 2020та година студиото беше затворено, немавме опција да држиме онлајн часови бидејќи не сите поседуваат шипка во своите домови. Оваа година студиото работи но со 50% помал капацитет од вообичаеното.
*Како изгледаат сега вашите тренинзи со оглед на новите мерки ?
Бидејќи шипките се на растојание поголемо од 2 метри, секој вежбач мора да стои на своето место-шипка без движење низ студиото и притоа да вежба со маска. Секој си носи своја престрилка и опрема која што е потребна и нема мешање и позајмување на опремата.
Ирена Ставрова