Семејното насилство во Македонија во пораст: Жртвите во карантин со насилниците

Сопругите - најчести жртви на семејно насилство. Во услови на карантин жртвите имаат намален пристап до сервис, поголем дел од денот се дома заедно со насилниците, и не се охрабруваат да пријавуваат. Се предвидува дека бројот на пријавени случаи ќе ескалира по ослободувањето на рестриктивните мерки за движење.

Бројот на жртви на семејно насилство годинава се зголеми за 37, во споредба со лани истиот период.
Зголемен е и бројот на пријавени прекршоци во вркса со семејно насилство, а и на поплаки.

Со цел заштита и превенција од ширењето на коронавирусот, земјите ширум светот ги воведоа мерките за самоизолација и останување дома, односно секојдневен полициски час и повеќечасовен карантин за време на викендите. Иако како мерки придонесуваат за штитење од едно зло, од друга страна постои можност од нив да произлезат други несакани последици.

Додека психолозите зборуваат дека останувањето дома, позитивно ќе се рефлектира на меѓуодносите во семејствата, односно им се дава простор на семејствата, сопружниците, паровите да се запознаат подобро, да ги зацврстат односите, од друга страна неизбежно е дека постојат семејства кои опстануваат присилно, кои избегнувале да поминуват време заедно, агресивни членови на семејство кои бесот го истураат врз нивните најблиски, особено сега, со воведувањето на овие принудни мерки се влошува ситуацијата кај нив. Едноставно сега жртвите се затворени со насилниците, па напротив домот за многу не е безбедно место за живеење. 

Загриженоста за жртвите први ја изразија граѓански здруженија и организации според кои карантинот може, и, доведува до зголемен број на семејно насилство.

Граѓанската организација Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство пред речиси три недели воведе телефонски линии, од загриженост дека семејното насилство ќе биде во пораст со новонастанатата ситуација. Отворени се линии за правна помош, психолошко советување и советување за социјални права.

 

Елена Димушевска - извршната директорка на Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство вели дека во однос на бројката на жртви немаат статистика, и не би можела да коментира, меѓутоа додава дека дури и статистиката да покаже дека нема зголемен број на семејно насилство, не значи дека не се случува. Самата граѓанска организација го истакнува токму тоа, дека жените во овие услови имаат намален пристап до сервис, поголем дел од денот се дома заедно со насилници и дури и да се жрти на форма на насилство, не се во можност да го пријават истото. 

„Упатуваме апели до Владата за да се изнајдат начини да се информираат сите жени дека треба да пријават насилство, без разлика што е полициски час тие можат да го напуштат домот, бидејќи во такви случаи и нема да подлежат на санкции.“

Димушевска потенцира дека загриженоста оди во насока на тоа дека сега државата и да не се справува со зголемен број на пријави, за жал тоа секако ќе се случи откако ќе заврши вонредната состојба, односно, кога, колку толку ќе се нормализира функционирањето на коешто сме навикнати од претходно.

Податоци од МВР, како одговор на барање по слободен пристап за информации од јавен карактер, споредбите се однесуваат за периодот јануари-март 2019/2020 година:

Кривични дела во врска со семејно насилство 
Вкупниот број од јануари до март 2020 година е 241 кривично дело, додека истиот период лани бројот изнесувал 207.
Бројот на жртви годинава изнесува 254, во 2019 година изнесувал 217
-од нив бројот на жени жртви годинава изнесува 207, лани бил 165
-од нив бројот на мажи жртви годинава изнесува 47, лани изнесувал 52

Кога станува збор за сродството, најголем број од жртвите се сопруги - 102 годинава, минатата година повторно сопругите биле водечки жртви со нешто помал број од годинава. 
Годинава најголем број кривични дела во врска со семејно насилство се пријавиле во СВР Скопје, па СВР Битола, СВР Тетово, следуваат СВР Куманово, СВР Штип, СВР Охрид, СВР Велес, и најмалку во СВР Струмица.

Кога станува збор за прекршоци во врска со семејно насилство годинава се регистирирани 109 пријавени прекршоци, во споредба со минатата година - 105, споредба за периодот јануари-март 2019/2020.

Поплаки во врска со семејно насилство  
-Годинава се пријавени 920, со вкупен број на жртви 934.
Од нив 592 жртви биле жени, 342 мажи 
-Лани истиот период биле пријавени 780 поплаки, вкупно 794 жртви.
Од нив 523 жени, 271 од жртвите биле мажи.
-Најголемиот број на поплаки биле адресирани од жени-сопруги 307 годинава, 265 лани.

Од Првиот семеен центар на Град Скопје - специјализирано советувалиште за директно или индиректно засегнати од насилството, кој нуди социјална поддршка, сеанси од психолог, и ги поддржуваат и упатуваат жртвите да пријават, ни изјавија дека во регуларни услови, телефонот звони секојден, по повеќе пати, откога е воведен карантинот, до средина на април имале пријавено два случаи.

Министерството за внатрешни работи, на 10 април, во врска со претходно поднесени барања, донесе одлука, за време на ограниченото движењето - да не се санкционираат лицата што пријавуваат кривично дело и жртвите да се охрабрат да пријават кривично дело на бесплатниот телефонски број 192 или во најблиската полициска станица и за тоа не им е потребна посебна дозвола за движење, тие непречено можат да се движат до најблиската полициска станица.

Пораст на случаи на семејно насилство поради рестрикциите ширум светот, се бележи во повеќе држави, некои од нив се: 

- Бугарија - од фондација „Анимус“ соопштуваат дека од јануари до средина на април над 555 луѓе побарале помош на телефонска линија
-Црна Гора –националната СОС линија бележи пораст од 20% на повици во март
-Франција –скок од 30% на случаи на насилство, за време на карантинот

На ниво на целиот свет, вклучен е алармот за зголемен ризик од семејно насилство. Меѓународните организации како Организацијата на обединетите Нации и Советот на Европа упатуваат на зголемено внимание кон семејното насилство во услови на криза и итни мерки за справување со истото.

„Глас против насилство“ поденесе барање за донесување на итни мерки за заштита на жени и деца жртви на семејно насилство додека трае вонредната состојба, со предложени мерки чие итно донесување ќе овозможи заштита освен во услови на оваа криза, туку ќе го подготви системот на заштита за постапување при случаи на семејно насилство и по завршување на кризата.


Љ.Иванова