Шегите на сечија сметка не нѐ направија омразени: Интервју со Жаре од „1 на 1“ пред старот на новата сезона

Добивај вести на Viber

Од крајот на октомври, како и лани, секоја недела на „Канал 5“ ќе не развеселуваат Жарко Димитриоски-Жаре и неговите гости. Жаре и неговиот тим посветено се подготвуваат за 11 сезона на „1 на 1“. Во свој стил, домаќинот на шоуто вели дека е горд на постоењето на емисијата и контра безбројните случувања и феномени кои низ годините му дале мал милион причини за создавање на „1 на 1“. Жаре ни октрива многу детали за новата сезона, но се сеќава и на моментите кои со најголем мерак ги направиле претходните години.

* Нумеролозите велат дека бројот 11 меѓу другото значи потенцијал и моќ. Што очекуваш ти лично од сезона 11?

 - Wow! Токму тоа и го очекувам! Потенцијал и моќ!  Не сум знаел за ова и морам да ти речам дека ми се допаѓа. Вишок потенцијал и моќ нема да ни дојде лошо. Очекувам да си поминуваме супер на сите снимања и секоја недела на луѓето да им нудиме еден час безгрижност. Тоа е целата причина за нашето постоење. 

* Кога стартува новата сезона, со кои гости ќе ја отворите? 

- Сезона 11 започнува на 27 октомври во 18.30ч на Канал 5. Гости ќе се Перо Антиќ и Тодор Гечевски, а бидејќи знам дека огромен број луѓе ќе сакаат да се во публика, порака да не следат на фејсбук и инстаграм и да бидат будни за моментот кога ќе го објавиме за снимањето. 

* Видеата со доста прегледи од претходните сезони се игрите, зборувањето на хелиум.. Се враќаат ли популарните игри повторно во новата сезона?

 - На големо задовоство на тие чие големо задоволство би било да се вратат – да, се враќаат! Во која мера ќе видиме, но заклучивме дека тој тип на релаксирање пред напорната работна недела и имање на едноставно забавни сегменти без никаква претензија, глума или задни намери се одличен рецепт за добро поминато време пред екраните. А богами и на нас во студио нема лошо да ни дојдат. 

* Ќе понуди ли новиот старт други новитети, нови рубрики? 

- Новитети ќе има, секако. Некои сосема нови работи, а некои освежени. Пробуваме водителот да го промениме, но има многу јаки врски и никако да ни успее таа работа да ја доведеме до крај. Претпоставувам дека е тоа. Не ги знам деталите, но знам дека упорно се вади во последен момент и останува на позиција. Опасен е... 

* На што си најгорд од претходната 10 сезона, која емисија ти беше најдрага за подготовка? 

- Најгорд сум на нашето постоење контра безбројните случувања и феномени што низ годините ни дале мал милион причини да не го правиме ова што го правиме. И покрај сѐ ние сме сѐ уште присутни и со поголем ТВ рејтинг од било кога, влегувајќи во 11-тата сезона. Горд сум на тимот кој речиси непроменето работи од првиот ден, со иста посветеност како и порано. Горд сум што сме правеле шеги на сечија сметка и тогаш кога никој не правел, а сепак не сме станале омразени за ниедна страна. Горд сум што веќе постојат генерации кои “израснаа” со емисијата, а притоа речиси нема одење во супермаркет без да добијам пофален збор од некој повозрасен господин или госпоѓа. 

* Постои ли после 11 години домашен, регионален, светски музичар, спортист, уметник кој ти најголема желба да гостува во „1 на 1“, а никогаш не седнал до тебе на двоседот во студио? 

- Јелена Јованова. Со години наоѓа некои изговори што ја спречуваат да дојде, а многу сака! Бар така ми кажува... Мислиш дека не сака да дојде, нели? Само зборува дека сака... Така мислиш? Сериозно, нели? Кажи ми, слободно, не се лутам...

 * Што би ги прашал Џими Фелон, Џеј Лено, Лери Кинг..., кога би дошле во „1 на 1“? 

- Бидете искрени... Кој ве поткупи и со што за да бидете тука? 

Милица Џаровска