Шерувајте љубов, да отиде што подалеку: Заеднички проект на Ана Бунтеска, Дац и Митевски

„Ејгиди“ е нов вокално-инструментален проект, заедничко дело на поетесата и наша редовна колумнистка Ана Бунтеска, авторот и продуцент Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац.

Станува збор за автентична музика со користење на елементи од легендарната изворна тема „Дејгиди, луди млади години“. Стиховите на Бунтеска маестрално ги рецитира Дац кој ни раскажа како настанал овој оригинален рефрен.

- Стиховите на Ана Бунтеска секогаш ме поместуваат од оска, но овие ме удрија како молња. Напишав „Браво“ на нејзиниот профил и веднаш му ги пратив на Митевски. Ништо не искоментиравме, другиот ден ми ја прати музиката со неговиот глас. Јасно беше што следува. Се најдовме во студио и производот е ова што го слушате. Луѓе, шерувајте љубов! Да отиде што подалеку! - вели Дац.

Александар Митевски и Драган Спасов-Дац се долгогодишни пријатели и соработници

Бунтеска не знаела за идејата на Дац и Митевски кои пријатно ја изненадиле кога ѝ ја пратиле нумерата како готов производ. Таа е презадоволна како нејзините зборови се преточени во музика.

- На 31 јули напишав песна во која се вели: „Сакам нов збор да најдам. Некој кој досега никогаш во песна не сум го ставила“. Еден од коментарите беше оној на Александра Танурова Тасевска која ми посочи дека никогаш не сум го употребила тој збор. И предизвикот почна да ровари - ни откри Ана.

Поетесата Ана Бунтеска е наша редовна колумнистка 

Во продолжение слушнете ја „Ејгиди“. Шерувајте љубов! Да отиде што подалеку!


Ѓ.С.