Што ни ветуваат ѕвездите за 2019: Интервју со астрологот Тамара Грујовиќ

Добивај вести на Viber

За Тамара Грујовиќ верувам дека сте слушнале досега, насмеаната девојка која изработува професионални натални карти, и која е во супер однос со хороскопските знаци. Дека ова е всушност една голема пасија отколку работа, ќе ви се разјасни при првата средба со Тамара, и ќе забележите колку оваа девојка го прави сето ова со огромна посветеност и љубов. Секоја жена, па и припадниците на посилниот пол, често ги интересира што носи иднината, дали навистина ќе ни ги погодат деталите од минатото, што ни се случува во сегашноста, љубовните закатки, фамилијарните односи и уште многу други детали. Често се случува со нетрпение да го очекуваме месечниот хороскоп, да прочитаме нешто повеќе за наклонетоста на ѕвездите, дали ќе имаме повторно средба со бившиот партнер, или ќе се појави некој нов во животот. Дали ни следи работата од соништата или ќе имаме посебен пресврт во кариерата. Со Грујовиќ разговараме повеќе за наталните карти и нивното значење.

* Од каде и од кога потекнува пасијата за да се занимаваш со едно вакво необично хоби?
- Љубовта кон Астрологијата, која од хоби и пасија стана мое секојдневие и професија ѝ ја должам исклучиво на мајка ми која во себе носи огромно знаење.

* Што беше пресудно да одлучиш дека токму ова е работата што те исполнува?

- Истражувајќи и барајќи одговори на прашања за одредени околности во кои се најдов во мојата 20-та година, дојдов до сознанија дека Астрологијата е далеку покомплексна од рубриките хороскоп на кои налетуваме и дека сериозно може да помогне доколку соодветно се примени.

* Што е натална карта според дефиниција?
- Наталната карта е „замрзната“ слика на планетите и ѕвездите за денот и моментот кога една личност се раѓа. Тие ѕвезди и планети се распределени во 12 хороскопски знаци и 12 полиња кои претставуваат животни области подеднакво важни за секоја личност. Замислете дека некој ја сликал “состојбата“ на небото во моментот на вашето раѓање. Тоа е всушност вашата натална карта.

* Која е разликата помеѓу хороскопот и наталната карта?
- Наталната карта ја покажува основата, предиспозициите и на некој начин базата кои ни се предодредени со нашиот момент на раѓање, а хороскопот како механизам во Астрологијата укажува КОГА се активираат настаните прикажани во нашата натална карта. Хороскопот е практично прогностичкиот дел во Астрологијата.

* Колку луѓето се потпираат врз точноста на наталната карта?
- Зависно од искуството кое го имале. Најнапред, важно е податоците на личноста чија натална карта се изработува да се точни. На основа на точноста на тие податоци, се детектираат големите настани кои го дефинираат животот на една личност. Моето досегашно искуство ми укажа на еден здрав степен на свесност кај поголем дел на оние со кои имав прилика да работам.

* За да се изработи една натална карта, веруваме дека е потребно одредено време, но што се е потребно за изработка на една прецизна натална карта?
- Датум на раѓање, точно време на раѓање, град во кој е родена личноста и добра волја да се сослуша избраниот астролог (се смее).

* Што најмногу те исполнува, а што најмалку во оваа работа?
- Независноста, предизвикот што секојдневно запознавам нови и различни луѓе, чувството дека носам корисни информации, чувството дека можам да помогнам некому благодарение на она што го работам, ослободувањето од предрасуди, стереотипи и ограничувања, поместување на сопствените граници работејќи на себе, мудроста што ја добивам од секој кој ми ја укажал довербата, топлината и радоста на приказните кои со љубов се споделени со мене, димензија на учење која не сакам да заврши, искуството што запознав еден куп силни луѓе на кои им се восхитувам... искуството за тоа колку човештвото знае да биде мало и колку човекот може да биде голем - се само дел од причините поради кои сум среќна што ја работам оваа работа.
Од друга страна, знае да ме вознемири моментот кога некој е разочаран од информациите кои ќе ги соопштам, моментот на одбивање да слушнат нешто што не им одговара, особено кога некој сака да извлече информација која тој сака да ја слушне.

* По изработката на наталната карта и нејзиното објаснување на клиентот, кои се прашањата што најчесто ви се поставувани?
- Принципот на кој ја работам анализата е во форма на разговор, па така, додека трае разговорот, мојот соговорник секогаш има простор да праша и запише она што му е важно, при што поголем дел од прашањата се исцрпуваат во самата анализа кои се составен дел, но се случува да добивам интересни прашања од типот кој колку ќе живее, бројки за лото, резултати за обложувалница, дали некој може да ни ја смени наталната карта.. Да бидам искрена, пред да навлезам во учењето, и јас мислев дека можам да ги дознаам овие информации (се смее).

* Каде можат да ве најдат нашите читатели?
- Моментално најголем дел од моите астролошки текстови може да ги најдете на мојот фејсбук профил, како и на порталите со кои соработувам. Но, она што со огромна среќа сакам да го споделам е дека на почетокот на следната година ќе стартува мој официјален веб сајт на кој ќе може да ги следите сите астролошки актуелности, приказните раскажани од ѕвездите и планетите за сите хороскопски знаци, воедно и да се информирате околу тоа како со помош на Астрологијата може да ги „менаџираме“ настаните кои не’ очекуваат.

* Што ни ветуваат ѕвездите за 2019-та и што би им препорачале на нашите читатели?
- Во секоја година имаме фази во кои добро се снаоѓаме и периоди во кои не можеме да функционираме. Она што од ѕвездите треба да го научиме, е да ги прифатиме нештата со став дека сме во предност бидејќи благодарение на Астрологијата знаеме кога се случуваат и колку ќе траат...
Слушајте го своето срце и тело, следете ги „знаците покрај патот“ и бидете вие тие кои управуваат со ѕвездите кои Универзумот ви ги подарил.. Ве сака Тамара до Јупитер (се смее).