Си ја прекинавме сопствената свадба: Интервју со актерската двојка Ристов
Да се трудиш да го насмееш, да сакаш да се „глупираш“ со него иако не ти се годините за тоа. И најважното – никогаш да не престанете да си давате нежност и да си кажете дека се сакате и дека животот никогаш не би бил доволно исполнет без него. Потсетувајте се, луѓе! Сакајте се! Кажете си! Смејте се! Животот е краток за да сме себични.
„Има една среќа во животот. Да сакате и да бидете сакани.“- вака напиша француската новелистка Џорџ Сенд. Роберт и Мирјана Ристов се едни од оние среќни луѓе кои во целост ја разбираат и живеат оваа порака.Тие се партнери и на „даските што живот значат“, но и во домот што значи сѐ на светот. Како актерски пар со безброј заеднички проекти зад себе, го минуваат целото време заедно, но и по 12 години брачна заедница, секојдневието не им е монотоно. На работа се колеги, а дома се родители на 7-годишниот Василиј.
За Женски Магазин, открија детали од својата љубовна приказна, посветена на семејството, театарот и среќата.
* Како се запознавте и како започна вашата љубовна приказна?
Р: Сѐ почна во ТЕАТАР! Со разговорите по претставата, за претставата, за живеењето на сцената и за живеењето надвор од сцената!
М: Роберт Ви одговори погоре.
* Колку сте слични, а колку различни, со оглед на тоа што имате иста професија?
Р: И двајцата сме посветени на семејството, и двајцата сакаме театар, сакаме да гледаме добра претстава, сакаме да сме дел од добра претстава, сакаме предизвици, сакаме да патуваме заедно и ред други работи кои се навидум обични, а знаат да те направат необично среќен.
М: Двајцата ни ги исполнуваат срцата навидум малите нешта: патувањата, поминување време со нашиот син, „глупирањето“ и подмладувањето со него, гледање добар филм, добра претстава…Она во што можеби сме различни – во театар, најверојатно машко/женската енергија. На пример: Роберт пред почеток на претстава сака да се повлече и да си ја почувствува енергијата со која ќе излезе на сцената, додека јас за да се сконцентрирам морам да зборувам и да „замарам“ некој.
* На колку заеднички проекти сте работеле до сега, дали паметите кој бил првиот, а кој е последниот, а пак кој омилениот?
Р: Пред официјално и двајцата да станеме дел од ТЕАТАР КОМЕДИЈА, со години игравме заедно во претставите на приватниот театар „ТЕАТАР КРИК“. Сигурен сум дека тоа е една од многуте претстави за деца. Последната соработка ни е во претставата „Жена ми се вика Борис“, во која Мирјана ми ја игра „шваљерката“.
M: Не можам да се сетам на колку проекти сме работеле заедно. Навистина се премногу. Првиот проект беше детската претстава „Бети на село”, а последниот – „Жена ми се вика Борис“. Кога станува збор за тоа кој ми е заеднички омилен проект, не можам да издвојам, бидејќи секој проект со него ми е омилен (мелем да го работам). Како во приватниот така и во професионалниот живот, ние двајцата се надополнуваме, несебично се поддржуваме и безрезервно разменуваме идеи. Тоа е прекрасно и токму поради тоа се раѓаат претстави на кои заедно со нас ужива и публиката. Кога таа гледа дека се забавуваш и уживаш, фидбекот е неминовен.
* Како е кога играте директни партнери на сцена, пример во претставата „Прво ќе ме земеш, после ќе ме...“ ? Дали се гледате како Роберт и Мирјана или пак?
Р: Во суштина се гледаме како Кети и Ѓорѓи и дејствуваме на сцена онака како што ни наложуваат нашите карактери. Но, ќе бидам неискрен ако кажам дек за време на целата претстава ја немам свесноста дека ова е театар и дека партнерката пред мене е Мими. Тоа се оние моменти кога гледаш дека динамиката на сцена е нарушена, па треба да ја забрзаме или интензивираме енергијата во играта, моментите кога на сцена ми се јавува или ѝ се јавува мал блок при дејствувањето, па се обидуваме еден на друг да си помогнеме со „упадица“ од текст или сл. , кога се случува добра или лоша импровизација, моментот кога од технички причини не се вклучува гитарата или микрофонот, кога ќе сетам дека е веќе уморна или јас сум со последните сили... Во таквите ситуации, реагираме од име на ликовите, но размислуваме како Роберт и Мими, и бараме начин како да реагираме за да ја извадиме дадената ситуација, или очекуваме од партнерот на сцена да преземе дел од товарот и да помогне да „се извадиме“.
М: На првиот дел од прашањето делумно одговорив во претходното. Дали се гледаме како Роберт и Мими, кога ќе кренам поглед му го гледам лицето и знам дека е тој „хахахаха“, но реакциите, изненадувањата, енергијата е нешто што ти оди од внатре како дејствувачко лице (Кети во случајов) бидејќи си „навлезен во ликот“ (како што ние велиме) на сцена сите реакции се веќе од таа призма, со така „наштелуван“ мозок.
* Дали си давате критики еден на друг за глумата, или пак само пофални зборови?
Р: И едното и другото. Но секогаш знаеме дека секоја критика упатена еден на друг е добронамерна и е упатена како конструктивна. Понекогаш за да си потврдиме дека сме на вистинскиот пат во градењето на ликовите/претставата, а понекогаш за да си алармираме дека тоа не е најдоброто што го можеме, дека не е доволно креативно или уверливо.
М: Доколку само се фалиме, напредокот нема да постои. За да има успех на професионален план, не е ништо поразлично од приватниот. Да пофалиш кога треба и да искритикуваш кога треба. Тоа е еден круг. За мене можам да кажам дека никому не му верувам како што му верувам нему. Затоа и сакам да ме погледне на некоја проба. Бидејќи си посакуваме успеси, напредок, добро креирана улога, одиме до секакви ситници. Што би се рекло – бараме влакно во јајцето.
* Дали знаете „да глумите по дома“ , односно колку може да препознаете кога едниот нешто сака да излаже?
Р: Јас не сакам кога лажењето се поистоветува со глумењето. Ние тоа по дома тоа си го викаме лажење. Искреноста е таа врз која ја градиме довербата. Тоа е она на што го подучуваме и нашиот син, да биде искрен и кога ќе погреши.
М: Глумата не е добра ако глумиш, тоа сите го забележуваат. Доколку искрено не настапиш, со искрени емоции ќе те засенат. Нема лага. Од тука произлегува дека и домот кај нас е исполнет со искрени комуникации и чувства, ако некој се обиде да излаже, тоа и комшиите ќе го забележат, не само ние.
* Веќе 12 години во брак. Која е тајната на успехот што ја одржува љубовта по толку време?
Р: Најверојатно свесноста дека воспоставените работи не значи дека се и трајни работи. Свесноста дека бракот и односите во бракот, како и ние, еволуираат. Сè додека си значиме треба да се трудиме да се приспособуваме, но и да ги препознаваме и да си ги дозволуваме работите кои нè прават среќни. И разговор, многу разговор.
М: Љубовта, искреноста, разговорите поминати со часови заедно за да дојдеме до резултатот кој двајцата ќе нè исполни и ќе нè направи среќни. Отвореноста за компромис. Енергијата. Среќата. Трудењето околу партнерот полесно да помине некоја криза, бидејќи во животот ништо не е глатко и поминуваме низ секакви стресни ситуации. Да се трудиш да го насмееш, да сакаш да се „глупираш“ со него иако не ти се годините за тоа. И најважното – никогаш да не престанете да си давате нежност и да си кажете дека се сакате и дека животот никогаш не би бил доволно исполнет без него. Потсетувајте се, луѓе! Сакајте се! Кажете си! Смејте се! Животот е краток за да сме себични.
* Дали може да се сетите како изгледаше вашата свадба, дали имаше некој интересен детал?
Р: Нам ни беше супер! Знам само дека околу полноќ имавме потреба да се осамиме. Прославата беше во ресторанчето под „Св. Пантелејмон“ на Водно. Со светнати очи, што од возбуда, што од алкохол, гледавме во хоризонтот накитен со светилките од големиот град. Споделивме дека ни е најубавата вечер, но и дека веќе сме уморни од луѓе и дека имаме потреба да сме сами... Музиката беше договорена до раните утрински часови, а јас на увце побарав од маестрото за кратко да објави дека ова е крајот на свадбата. И имавме право на тоа. Сепак тоа беше наша вечер.
М: За нас – најубава свадба на светот. Опуштени, весели, среќни, опкружени со луѓето кои имаат посебно место во нашите животи. Но факт е дека се заморни. Од сабајле – до сабајле. Поради тоа одлучивме да си ја скратиме, односно порано да ја завршиме. Не познавам никој што сам си ја прекинал својата свадба. Се разбира, освен ние.
* Која карактеристика најмногу ве нервира, а која најмногу ја сакате еден кај друг?
Р: Си се имаме веќе прифатено такви какви што сме, но дури имаме и „попримено“ доста еден од друг. Не би ги генерализирал карактерните црти како лоши и добри, зашто некоја во одредена ситуација може да биде предност, а во друга мана.
M: 12 години брак и многу долги години претходно во врска, мислам нема нешто што не го знаеме еден за друг. Од тука веќе ни се научени работите и реакциите. И сè зависи од ситуацијата: некогаш некоја реакција нема да ти се допадне, а понекогаш на истата се фасцинираш и викаш браво.
* Што се промени кога се прошири вашето семејство, дали синчето Василиј има афинитети за актерство како мама и тато?
Р: И на овие години со став знае да даде мислење за тоа дали и зошто му се допаѓа или не му се допаѓа претставата според некои негови критериуми и аргументи кои знаат да нè остават подзинати. Сега за сега на театарот гледа како на пречка поради која во одредени периоди мама и тато се помалку или повеќе отсутни. Не ретко е со нас на проби, претстави, патувања... Мислам дека СМАЧЕНО МУ Е од театар.
М: Многу работи се променија. Животот ни стана поисполнет, посреќен, поведар и поорганизиран. Внесе свежина во нашите животи. Такво дете е реткост. Интелигентен е, хиперактивен, дете кое сака и сака кога го сакаат, сака да игра, и (на мама) многу да зборува. Го интересираат теми кои многу од неговите врсници не ги интересира. Иако е само 7 години, омилена тема му е историја. Она што нè фасцинира е тоа колку добро гледа театар и филм. Знае да каже и да одбрани со факти што му се допаднало, а што не и зошто. Обожава кино. Од 4 години седи во кино и кога му се оди во тоалет трпи и седи, не мрда од седиштето само за да не пропушти некоја важна сцена. Има афинитети за актерството, но мислам нема да ги искористи во животот. Има аверзија кон таа професија, бидејќи од многу мал сфати дека бара многу труд и време, и мама и тато знаат често да се отсутни. А тоа не го сака ниедно дете нели?
* Кој е поголем авторитет дома, а кој на сцена?
Р: Како во бракот така и во театарот, авторитативноста ја сметам за лоша карактерна црта. Тоа во превод значи дека некој е авторитативен, а другиот подреден. Аргументите се тие кои одлучуваат при донесувањето заедничка одлука кога постојат спротивставени мислења. Во нашиот случај не постојат воспоставени правила и генерализирани односи.
М: Ни животот ни сцената не трпат авторитети. Сите бараме луѓе со кои можеме да комуницираме, никој не се чувствува убаво кога животот му носи да трпи авторитет и доминација.
* Зошто ја сакате Мирјана/ Зошто го сакате Роберт?
Р: Поради... многу големи и мали причини. Во одредени ситуации, и најситните нешта знаат да изгледаат толку посебно и величествено, така што не би знаел од каде да почнам, а се плашам дека дел од нив неправедно ќе заборавам да ги споменам.
М: Поради сè. Поради тоа што е Роберт и поради тоа што никој друг не е достоен за мене да биде РОБЕРТ.
Даница Караташова