Си одат во банка, во продавници, аптеки...само на работа не одат: Дали некој ги контролира позитивните кои треба да се во изолација?

Последниве неколку денови значително е зголемен бројот на новите случаи заразени со корона вирусот. Податоците само од последните три дена покажуваат дека во Македонија се регистрирани 1.818 новоинфицирани со Ковид-19. Министерот за здравство, Венко Филипче, уште во текот на викендот посочи дека причина за тоа е новата британска варијанта која многу побрзо се шири, а во текот на вчерашниот ден уште еднаш потврди дека британскиот сој на корона вирусот е присутен во 70 отсто од случаите, врз основа на анализите од приватната клиника „Жан Митрев“. Покритични градови кои претходно ги спомена се Охрид, Прилеп и Кавадарци, но граѓаните на Скопје пак се загрижени, како што велат поради друг проблем, кој според нив придонесува за големо ширење на Ковид-19.

Во редакцијата на Фактор стигнаа поплаки од граѓани кои истакнуваат дека знаат многу свои колеги, пријатели, па и роднини кои во моментов се активни случаи, односно се позитивни на корона вирусот, имаат решенија за изолација, но едноставно не седат дома, како што е утврдено според сите протоколи, туку напротив, слободно си ги вршат сите обврски.

-Решението за изолација поради зараза со Ковид-19, излегува дека го користат само за да не одат на работа, луто велат оние граѓани кои вчера се јавија во редакцијата на Фактор.

-Јас лично познавам најмалку десеттина, што колеги, што пријатели. Си ги носат децата во градинка, си вршат дневни работи, банка, дуќанче, банкомат, допираат храна, си плаќаат сметки во банка, допираат сешто и после некој ќе  рече “не знам кај сум се заразил“. Дали се уште оди некој по домовите да провери дали оние кои имаат решенија за изолација навистина седат дома? Револтирано прашува нашата соговорничка која инсистираше да остане анонимна и не сакаше да ги открие идентитетита на луѓето кои се позитивни и кои имаат решенија за изолација.

Повеќе по темата прочитајте на Фактор.мк

Фото: фактор.мк