Сиде за семејства, Аланија за млади: Кои се најпопуларните плажи во Анталија

Анталија и оваа година е топ-дестинација за домашните туристи. Многуте хотели кои нудат „сѐ вклучено“ и „ултра сѐ вклучено“ концепт се една од причните за тоа, но и познатата турска гостољубивост и вкусната храна. Анталија нуди прилично долг морски брег, а добрата плажа е секогаш пресудна за избор на дестинација за летување. За најдобрите и најбарани плажи во Анталија, ни раскажа Сузана Зелениковска, одговорен менаџер за продажба во туристичката агенција „Фибула“.

Една од плажите во Коњалти

„Анталија има околу 400 километри долг брег, а плажите се популарни во зависност од местото кое нашите клиенти го бараат. Да почнеме од Кемер. Тој нуди преубави плажи кои што се сместени во залив.  Плажата не е само песочна, туку има и ситни камчиња, и токму поради тоа водата е прекрасна, чиста и бистра како солза“, ни раскажа Зелениковска. Поради тие заливи, додава таа, морето е мирно и нема бранови. Кемер го сакаат повозрасните, бидејќи на плажите има природни сенки од зимзелени дрва.

Една од плажите во Кемер 

„Анталија е исто така позната по плажите во Коњалти, каде што исто така има убава чиста, бистра вода.  Потоа доаѓа областа Лара, таму исто така има ситен песок, тематски хотели и прекрасно уредени плажи“, додаде нашата соговорничка. 

Плажата со фламинга близу стариот град во Сиде

Фото: Горан Бошковски 

Најубавите песочни плажи, според нејзиниото искуство се сепак во Сиде, и поради ситниот песок ги избираат семејства со мали деца. Белек го сакаат поради климата, средените плажи и хотелите со аква паркови, а го избираат и поради најголемите голф-терени кои што се таму. 

Белек 

Платформите често е користат во Анталија.- Јога инструкторката Ивана Стаменковска вежба на платформата на плажата на хотелот „Ic green Palace“ во Анталија 

Фото: Горан Бошковски

„ Една од најубавите плажи кои ги препорачуваме за младите, тоа е „Клеопатра бич“, која што се наоѓа во Аланија. Таа е многу долга и нуди многу забави преку ден, затоа ја избираат младите. Во Аланија има и други плажи како Обагој, Конакли, Магмутлар, и тие се сите најразлични. Некои се каменести, некои се комбинација на каменести со песочни, меѓутоа клиентите секогаш се задоволни од овие плажи и од морето. Таму каде што има камен, нормално е дека има и платформи, тие се користат многу во Анталија за сончање и од таму туристите да пливаат во едно тиркино и чисто море“, вели Зелениковска. 

Плажата Клеопатра поради забавите е омилена дестинација на младите 


М.Џаровска