Силно граѓанско општество е мојата животна определба: Интервју со Тања Хафнер Адеми
ТАЊА ХАФНЕР АДЕМИ е новиот тим лидер на чело на Проектот ЕУ ТАКСО 3 поддржан од Европска Унија, со канцеларија во Скопје, кој започна со работа од Јануари 2020 и кој ќе се одвива во рамки на две години до Декември 2021.
* Разговараме со Тања Хафнер Адеми одблиску, за нејзиното искуство, како и за тоа што значи да се биде на чело на ваков важен проект?
- По потекло сум од Словенија, но од 2003 година живеам и работам во Скопје. Образованието го завршив во Словенија, Америка и Унгарија и по струка сум магистар по меѓународни односи и европски студии. Како девојче бев сведок на распад на Југославија и Берлинскиот зид. Како студент и активист за човечки права запознав многу врсници од Балканот кои бегаа од војните во Хрватска, БиХ, Косово, Македонија итн. Улогата на посматрач никогаш не ми беше во природа, па така после студиите се определив да работам на поттикнување иницијативи на граѓани и граѓански организии, кои се обидуваат да помогнат во изградба на нови животи и општества по конфликтите и војните.
Иако причината за мојата преселба во Скопје беше приватна, веднаш се вклучив во работата на граѓанските организации, каде прво работно искуство остварив во Македонски центар за меѓународен развој (МЦМС). Водена од важноста на меѓународната соработка и интеграција меѓу државите, но пред се на граѓани, веднаш се посветив на тема на ЕУ интеграции на овој регион и улогата на граѓаните и граѓанските организации во тој процес. Го предводев основањето на Балканската мрежа за развој на граѓанско општество (БЦСДН) која собра клучни организации од поширокиот Балкански регион со цел со заеднички глас да се артикулираат потребите на граѓаните и граѓанските организации на европско ниво. Па така имав прилика да раководам со важни процеси како што се набљудувањето на состојбите и финансиската поддршка за граѓански организации кои работат во земји во пред-пристапен процес, со кои се поставени темелите на сегашниот пристап на Европска Унија и нејзините очекувања од државите што се во процес на пристапување кон ЕУ.
Па така стапувањето во улогата на Тим Лидер на проектот ЕУ ТАКСО 3 во 2019 година беше природен чекор со цел да дадам понатамошен придонес во промоција на важноста на граѓански активизам и зајакната улога на граѓанските организации во општествените.
* Која е важноста на Проектот ЕУ ТАКСО 3 за Северна Македонија, со оглед на тоа дека после 10 години од започнување на Проектот, централната канцеларија на Проектот е за прв пат во Скопје?
- EУ ТАКСО 3 е проект поддржан од Европската Унија кој ќе ја раководи техничката поддршка на граѓанските организации во Западен Балкан и Турција. Бројот 3 се однесува на третото продолжение на проектот, кој овојпат има седиште во Скопје.
Значајно е за Северна Македонија поради тоа што главните средби и состаноци ќе се одвиваат во Скопје Скопје ќе биде место на случување и прва точка од каде ќе се набљудува состојбата на граѓанските организации. Скопје ќе биде и главен логистички центар за набавки, а исто така канцеларијата вработува македонски кадар за поддршка.
Би сакала да верувам дека преку присуството на Проектот ЕУ ТАКСО 3 во Скопје ќе ги поттикнеме македонските институции на централно, но и локално ниво како и граѓанските организации, да продожат со позитивни чекори во градење односи и соработка со граѓани и граѓански организации, со цел да се подобрат состојбите во сите области на живеење.
* Која е улогата на Проектот ЕУ ТАКСО 3 за регионот на Западен Балкан и Турција, и кои се придобивките за граѓанските организации?
- Проектот EУ ТАКСО 3 е дел од програмата на ЕУ за поддршка на развој за граѓански организации (Civil Society Facility) за земјите кои сеуште не се дел од ЕУ. Програмата дава директна поддршка на граѓански организации преку грантови, но и на институции преку техничка поддршка со цел да ги зајакнат капацитетите и процедурите за полесна соработка и поддршка на организации. Од друга страна, Проектот ЕУ ТАКСО 3 има за цел да пружи иста таква техничка поддршка на граѓански организации преку обуки, менторства, размена на искуства и средб,и со фокус на регионални активности каде организациите од различни земји од регионот се вмрежуваат, разменуваат идеи, учат еден од друг и еден со друг за тоа како да станат поефикасни, поотворени, потранспарентни во остварување на целите на своите членови и целите на јавно добро. Како што граѓанските организации имаат важна улога за Европската Унија и се сметаат за клучни фактори во политичкиот и социо-економски живот во земјите членки на ЕУ, така ЕУ ТАКСО 3 цели да им помогне на граѓански оргаизации во Западен Балкан и Турција да превземат иста улога во нивните земји.
* Кои активности на проектот ЕУ ТАКСО 3 ќе се реализираат во рамки на следните две години?
- Агендата на проектот е супер интензивна. Можам да кажам дека јас и мојот тим сериозно ќе се занимаваме со унапредување на статусот на граѓанските организации во секоја земја на делување. Меѓу другото ќе понудиме опсежна програма на обуки, менторства и размена, дел планирани, а дел отворени со цел да ги поддржиме граѓанските организации во реализација на нивните идеи и да одговориме на актуелните потреби преку Програмата Луѓе за Луѓе (People to People). Исто така, ќе го фацилитираме процесот на подготовка на новиот инструмент на ЕУ кој што ќе се користи за набљудување на услови во кои работат организациите и нивни капацитети, со цел Европската Комисија да може да упати сугесии до Владите на Западен Балкан и Турција, како и да понуди соодветна финансиска поддршка. Понатака, ќе развиеме он-лине датабаза на сите проекти финансирани во рамките на Civil Society Facility програмата, со цел јавноста да има транспарентен увид во проектите. На крај, ќе помогнеме онаму каде што е потребно со консултации на клучни ЕУ документи или процеси од суштинска важност за вклучувањето на граѓански организации, како што е на пример подготовката на новиот прет-пристапен инструмент ИПА 3.
* Кој е експертскиот тим кој ќе работи за проектот ЕУ ТАКСО 3?
- Локалниот тим во канцеларијата на ЕУ ТАКСО 3 брои тројца експерти: експерт за градење на капацитети, експерт за програмата ,,People to People’’, како и експерт за комуникации – и сите доаѓаат од меѓународно подрачје. Со цел активностите да бидат усогласени со активностите на национално ниво, ЕУ ТАКСО 3 тимот вбројува и 7 национални координатори од секоја земја на делување: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Турција.