Сите ги обожаваат моите јадења: Интервју со Иванна Хаџиевска

Добивај вести на Viber

Насмевката е украс на нејзиното лице. Истрајна во правдината за послабите и немоќните, да го добијат заслуженото во нашето општество. Енергично чекори во светот на својата професија. Ја паметиме како убава, харизматична и секогаш расположена од телевизискиот екран. На телевизија А1 остана лојална до самиот крај. Сака музика, прошетки. Ги сака и животните. Како дете сонувала да стане ветеринар.  Во својата динамична агенда, Иванна Хаџиевска, шефицата на протокол на премиерот Заев,  минатата година успеа да најде време за „Женски Магазин“ и на неколку интересни прашања ни даде уште поинтересни одговори.  

* Кого го сметате за гуру во вашата професија?

-  Во мојата професија не постои таква личност, луѓето кои го работат ова се „невидливи“, но работата, посебно грешките и тоа како се гледаат. Сепак заемното разбирање со личноста за која работиме е од исклучителна важност, во спротивно не следењето на протоколарните насоки или каприц и суета, се одразува на целосната слика на политичарот.Покрај личниот габарит на политичарот, гледајќи го односот, движењето, гардеробата и сè останато, сметам дека Макрон, Трудо и Руте имаат успешен протокол, и Заев, се разбира. 

* Каков е премиерот Зоран Заев како ваш надреден?

- „Надреден“ е погрешен збор, преферирам да кажам дека е прв во тимот, бидејќи никогаш не се поставил така за некој од нас да почувствува хиерархија. И покрај важноста на функцијата што ја има, обврските и одговорностите, остана ист, непосреден, близок со луѓето, многу поразличен од политичарите на кои навикнавме.

* Вашата агенда е прилично набиена. Како изгледа еден работен ден на Иванна? Кога завршува работниот распоред?

- Аларм, ладен туш за освестување, свежо цеден сок, смс пораки, бадеми, телефонски повици, чај, велосипед, мејлови, агенди, високи потпетици, состаноци, јаболко во лет, авионски билети, книги, вода, луѓе, трчање, разговори, возила, организации, задолжителна средба со убави лица и размена на реченица, две, три, за да ја променам положбата на неудобност од официјалната картонска кутија… игри со кучињата, со другарките, домашни обврски, подготовки за утре, сопруг… и ми се чини дека 24 часа ми се малку.

* Велосипед или автомобил, што е ваш избор?

- Иванна Велосипед. 

* Како ја дефинирате љубовта? Што според вас е пресудно за пеперутките во стомакот?

- Ми се чинеше дека ги убив пеперутките уште пред многу години, но еве ги, прелетуваат од време - на време, за да ме потсетат дека ми е убаво.

* Колку во името на љубовта, понекогаш ја намалувате својата брзина?

- Никогаш, дури нагазувам појако за да стигнам сè да направам за љубовта.

* Која земја посакувате да ја видите, а досега не сте ја вклучиле во вашите патувања?

- Сакам прошетки низ Аргентина, музика, танго, да ми зборуваат шпански, да ме смеат. Сакам во Бутан, единствената земја која има Министерство за среќа, каде не убиваат животни, не јадат месо, не ги сечат шумите. Сакам во саваните во Африка, меѓу сиот тој див свет да го пуштам адреналинот на најјако.

* Често споделувате фотографии од храна на социјалните мрежи. Кое е вашето омилено јадење?

- Сите кои ги пробале ги обожаваат моите јадења, во кои задолжително ставам зачин љубов. Во нашиот дом постојано има нешто зготвено или тазе сукано и испечено. Исхраната ми е исклучиво веганска и тоа е приближно сè што барам за да уживам во својот оброк.

* Сакате да готвите?

- Готвам и сакам да готвам, без домаќински притисоци. Влатко ми е одличен партнер и во кујната.

* А1 за вас е само убав спомен или?

- А1 за мене е животна лекција.

* Дали работа на телевизија беше вашиот сон како дете?

- Не. Кога бев мала сакав да бидам ветеринар и морам да признаам дека денеска ми е многу жал што не си го остварив детскиот сон, но секојдневното помагање на бездомните животни, сè уште ми ја одржува поврзаноста меѓу желбата и реализацијата. Главната професија низ дома кога на четири години научив да читам и пишувам, ми беше „читање вести“ од картончето од хулахопките на мајка ми, инаку А5 формат како на права спикерка, на кое со омилената розева боичка пишував исклучиво политички вести.

* Како според вас треба да изгледа еден современ политичар?

- Разоружан од предрасуди, маркантен, паметен и елоквентен, убаво исчешлан и намирисан, со точен број одело. Без стереотипи. Фин, стокмен фраер со убава позадина.

 За Женски магазин,

Вики Чадиковска.