Сите го сакаат Оскар
Убав како Бред Пит,
амбициозен како Ди Каприо, шармантен како Клуни, моќен како Де Ниро, откачен
како Тарантино, мистериозен како Спилберг, мангуп како Џек Николсон, заводлив
како Ворен Бити, шегаџија како Ал Пачино...
Живее во Холивуд, не може секој да го има и се дружи само со најдобрите.
За него се постела црвен ќилим и се послужува само шампањско и кавијар.
Се парадира во луксузни тоалети и се организираат најгламурозни забави.
Сите глумат околу него за да му привлечат внимание, а тој е мртов ладен.
Го гушкаат, му велат злато мое и сакаат да го носат дома.
На тој што ќе го освои може да му донесе богатство, слава или почит.
Оскар ве води во вечноста или во заборавот.
Ама најчесто се добива како награда за заслуги.
Каде во Скопје да најдеш фраер како Оскар ?
Господин, а мангуп, богат а без досие.
Разведен, а привлечен.
Со деца, а плаќа алиментација.
Дотеран, а вас ве праќа во шопинг.
Самозатаен, а експониран.
Сериозен, а со смисла за хумор.
Шармантен, а стабилен.
Галантен, а не циција.
Внимателен, а не здодевен.
Ѓавол, со изглед на ангел.
Опкружен со жени, а не е п... во душа.
Страствен, а не е љубоморен.
Да заведува, а да не навредува.
Да пие , а никогаш да не е пијан.
Да е виток, а нон-стоп да ве носи на ручеци и вечери.
Да менува коли, а да нема казни за сообраќаен прекршок.
Патриот, а партиски неопределен.
Со дозвола за самоодбрана, а отпорен на куршуми.
Да не се лажеме, мажи како Бред Пит, Ди Каприо и Клуни постојат само на филм.
А животот пишува романи.
Ту комични, ту трагични, ту сапуници.
Зависи во каков филм сте.
Во реален или во измислен.
Годинава, Оскар оди кај...
Ако издржите по полноќ в недела, ќе дознаете дали дома ќе го носи екипата од „Медена земја“!
Лејла Сабит