Сите мои животни улоги се изгаснати кога сум на терен: Мицева за новинарските предизвици во време на пандемија
Со Сузана Мицева - новинар со долгогодишно искуство, зборувавме со какви промени се соочува во професијата за време на пандемијата и како таа ја доживува новонастанатата ситуација, покрај тоа ни раскажа и за неодамнешниот пожар во кој изгоре Телевизија ВИС - Струмица, најстарата приватна телевизија од осамостојувањето, што дополнително им го отежна работењето на неа и нејзините колеги од телевизијата, при известување во време на пандемијата.
Кога станува збор за нејзините издадени книги и пишувањето, таа вели дека тоа е нејзино најубаво прибежиште, а подготвува и нова книга.
- Вистина е дека живеењето во време на пандемија е како да сте пред новооткриена пештера во која е забранет влез. Така некако го чувствувам овој период, во кој сите се повлекуваат во домовите, а новинарите треба да останат надвор, во непознатата средина, да кружат и од најбезбедната страна да пријдат и да го опишат пештерскиот влез. Од почетокот на коронакризата сум на терен со колегите, се трудиме да донесеме што повеќе приказни, да ја тргнеме стигмата од лицата во самоизолација, во карантин или инфицираните лица. Но, тешко е, засегнатите тешко прифаќаат да зборуваат. Мислам дека стравот, непознатото во врска со КОВИД 19 е она што ги кочи сите. Луѓето се затечени, особено во малите средини каде што се научени на многу комуникација, слободно движење насекаде. Сега не знаат што да очекуваат, не можат да предвидат како ќе се развива ситуацијата понатаму и се претпазливи.
*Од аспект на жена новинар дали оваа ситуација сте ја доживеале како стресна во даден момент?
-Јас не гледам на професиите од родов аспект. Не размислувам за својата работа од гледиште: јас сум жена, како ќе бидам прифатена, како ќе влијае ова на мојот живот, туку: јас сум човек треба да сум човечна и професионална. Сите мои животни улоги, сите идентитети се изгаснати во моментот кога сум на терен.Тогаш ми е најважно да не се направи некаква грешка, да се повреди некоја личност, иако има пропусти во ваков вртлог на настани. Верувајте кога си ја работите работата и се држите до своите начела, полесно е. За стресно, стресно е. Но кој новинар не е најпродуктивен кога работи во спрецифични услови?!
*Покрај целава ситуација со коронавирусот, имавте и немил настан во ТВ Вис, какви се штетите во телевизијата, успевате ли да функционирате нормално или работите во дополнително отежнати околности?
- Телевизијата е пепел. Од физички асект – не постои телевизија, инаку најстарата приватна телевизија од осамостојувањето. Зрачи од 11.10.1991г. Пред ВИС имало само уште една локална теелвизија која за жал е згасната. Од аспект на дух, никогаш не сме биле посамоуверени дека знаеме кои сме, која ни е задачата и дека мора да истраеме. Додека стоевме со сопругот и колегите пред зградата на касарната каде што бевме сместени, тоа е најстариот објект во Струмица, тивко се збогував со ВИС на којшто дотогаш бев навикната. Но, кога конечно по 7 часа стивна огнот, седнавме такви уморни и исчадени со колегите пред урнатините на објектот и рековме дека во услови на пандемија она што ни се случи е трагичен настан, не е никаква конечност и не смееме да сме патетични. Затоа што луѓето се исплашени за своите животи и за иднината, тие треба да добиваат информации од стабилни новинари, не да ги заморуваме дополнително со нашите неволји.Така, истиот ден колегите кои се репортери за националните телевизии направија прилози за пожарот, а вечерта излеговме и известувавме од регионот од отворено. Сега снимаме вести на отворено, а монтираме во една мала канцеларија во Дом на АРМ што ни ја отстапи општина Струмица. Не е едноставно, но на тест сме и гледаме дека знаеме што е примарно. Тоа е јавниот интерес.
*Во Струмица има еден случај на дијагностициран со КОВИД-19, каква е општата состојба во градот, се почитуваат ли мерките?
Струмица, фото: Георги Кончалиев
-Да има еден
случај засега. Тоа не предизвика некоја позначајна паника кај населението.
Многу понапумпани се реакциите на социјалните мрежи, каде сите се послободни и
понеодговорни во начинот на комуникација, отколку во реалноста. На пример имаше
неверојатно грди коментари, па и заканаи
на Фејзбук за граѓаните кои пристигнаа во државен карантин во Банско. На
терен немаше ништо. Генерално граѓаните
на Струмица и околината ги почитуваат мерките, освен ранградинарите кои мора да
се во своите пластеници и во подоцните часови. На пример, да ја одржуваат
температурата за посеаните култури. Струмица важи за жив, раздвижен и енергичен
град. Многу е необично да го гледаме вака смирен, но кога е во прашање повисока
цел, мислам дека таа е вистинската и најубава глетка во моментов.
*Покрај новинарството како професија, пишувате и поезија и сте автор на неколку книги, дали сè уште оддвојувате време и за тоа, дали можеби подготвувате нова поетска книга?
- Пишувањето е
начин на живот. Отсекогаш пишувам. Не само поезија. И проза, есеи, критика.
Читањето, постојаното учење нешто ново ме исполнуваат, а пишувањето е само
начин низ моите сетила да го пресоздадам она што сум го осознала. За пишување
не одвојувам време. Едноставно не запирам со пишување и тоа е моето најубаво
прибежиште. Новата книга е во подготовка, тоа е поезија за деца во издание на
Просветно дело.
За крај, за читателите на Женски Магазин, Мицева сподели неколку стиха од нејзината поезија.
Крик
Кога див звук ја покорува ноќта
и пишти отаде улицата,
а не е време на парење на мачките,
спиј спокојно.
Тоа се само туѓи,
недовардени срца.
Сите емоции
што сме ги пуштиле од себе
Напуштени домови
Сите емоции
што сме ги пуштиле од себе
еден ден ќе ни се вратат
како птиците преселници во пролет.
Ќе го бараат своето место
и во нашите тела
ќе соѕидаат нови гнезда.
Од твојата насмевка,
од моите зборови,
нашите надежи,
сѐ ќе вткаат и ќе издигнат
тврд бедем во нас.
А потем, децении од тој ден,
немо ќе се одминуваме
кога ќе се сретнеме
и ќе си мавтаме кришум
од прозорците на заедничките куќи.
И пак неуки ќе го напуштиме светот
не препознавајќи
во колку души имаме дом.
*Љ.И