Скопската елита на ревија кај Филиповиќ: Фатални убавици со машки сензибилитет

Добивај вести на Viber

Фатални убавици, од кои зрачеше машки сензибилитет, вечерва прошетаа меѓу убавиците-гостинки, како дел од ревијата на дизајнерката Јована Филиповиќ во Скопје, за која секогаш се бара покана повеќе. „Станица 26“  беше претворена во луксузен амбиент, како асоцијација на ноќен  клуб, совршена организација, кроевите повторно минималистички. Ревијата, за разлика од таа пред две години, беше од отворен тип, ама сепак меѓу пријатели.

“Сметам дека самата колекција бара таков тип на презентација, ни изјави Филиповиќ, која се врати на македонската модна сцена со ревија, по две години. Во меѓувреме, омилената креаторка на скопската елита, беше на мастер студии на универзитетот за мода, Полимода во Фиренца, Италија.

Моделите за сезоната есен-зима 2020, насловени ID-entity беа минималистички, монохроматски, во бела, сива и црна боја.

Беше уживање да се биде пак на гости кај Филиповиќ. Дотераните гости како за црвен килим, од сите сфери на јавниот живот, муабетеа и седеа распоредени низ ноќниот клуб, и како да беа дел од приватна модна претстава, само за нивни очи. Човек да посака пак да и дојде на гости на Филиповиќ. Таа секогаш ќе ве пречека и испрати како совршена домаќинка.

Л. Сабит