,

Скромна новогодишна желба и благодарност до сите хумани луѓе: За Женски Магазин медената Атиџе

Добивај вести на Viber

„Не сме сите створени да правиме големи работи. Но, затоа можеме да правиме мали работи со многу љубов.“, гласи еден од цитатите, кои останаа запаметени од Мајка Тереза. Ова е мотото по кое се водат многу познати личности, за кои хуманоста секогаш е на прво место.

Денес, бевме сведоци на една хумана акција, акција започната со многу љубов и надеж за да се обезбеди подобро утре на жената поради која светот слушна за нашата држава. Местото на настанот беше „Бифе Тафталиџе“, а како што веќе претпоставувате главната причина поради која сите патишта водеа до овој локал беше Атиџе Муратова, ѕвездата од документарниот филм „Медена земја“.

Кутија за донација, а покрај неа книги од неколку автори, колачи, слатко, но и уметнички слики со ликот на нашата Атиџе можеа да се видат во ќошот од терасата на овој локал, а хуманите граѓани не престанаа да приоѓаат. Зад целата оваа хумана организација стои Сузана Турунџуева, познатата водителка и пејачка, која се потруди со сите можни средства да ѝ помогне на Атиџе. Таа вели дека сето ова не би успеало без помошта на сите инволвирани луѓе, за што им е бескрајно благодарна.

-  Ништо не е тешко со добри и хумани луѓе. Толку многу лесно и со леснотија ние се поврзавме, со четири – пет пораки кои што ги разменивме, со две кафиња кои ги испивме и со насмевка си споделувавме кој што сторил, кој со кого искомуницирал, кој што нашол, кој што обезбедил и уште толку луѓе патем ни се придружија, што јас сум восхитена за тоа колку добрината не е умрена работа на Балканов и дека не се секогаш потребни само пари, понекогаш е потребен и убав збор и добра волја и да размениме идеи за да си дадеме насока каде, како можеме да ги истераме некои работи. Мислам дека ако така функционираме, светот ќе биде поубаво место за живеење, истакна Сузана.


Покрај желбата да им помогне на сите луѓе кои од неа бараат помош, таа се одлучи за Атиџе, а тоа е така поради сите позитивни особини кои таа ги има.

- Па, искрено јас не сум човек кој е во некоја голема благосостојба за да можам да им помогнам на сите луѓе кои од мене бараат од мене помош и искрено жалам поради тоа што во оваа наша земја, иако сум јавна личност не сум во состојба да можам да издвојам буџет од мојата заработувачка и да го наменам на многу повеќе луѓе од во случајот Атиџе. Но, пријателството со неа, условите во кои таа живее, пораката која таа ја прати, нејзиното добро срце и благодарноста како особина која што ја поседува за она што ѝ го дал Бог, животот ѝ го дал Бог и можноста да преживее во такви услови ме поттикна за со сите расположливи сили и средства, да екипирам добри луѓе околу мене, да ги повлечам за заеднички да се обидеме да направиме нешто повеќе и точно така тргна целата оваа приказна, посочи Турунџиева, а потоа додаде:

- Оние кои многу добро ме познаваат, моите пријатели знаат дека јас се трудам да помагам и тогаш и кога не можам ни себеси да си помогнам. Многу пати животот ме донел во ситуација во која можеби и мене ми била потребна помош, но моето достоинство и вербата во себе и Бог не ми даде да паднам и не ми даде да покажам дека јас можеби би сакала или би ми била потреба некаква помош и поддршка. Не зборувам за финансиска, туку мислам за онаа човечки подадена рака, која на сите нас ни е на моменти потребна. Животот ме фрлаше многу пати во големи падови, многу губитоци доживеав, многу неправди доживеав во животот, но секогаш ме држеше вербата во Бог, секогаш ме држеше силата која фабрички ја поседувам и веројатно ми е дадена и знам дека мојата мисија не е само на овој живот да дојдам и да пеам, туку и да им помагам на другите луѓе.

Атиџе видно задоволна им се заблагодаруваше на луѓето за помошта, но од нас не ја сокри ниту скромноста која ја поседува.

- Јас сум многу задоволна, колку ќе биде толку. Значи не е проблем за тоа, секој колку има толку, ни кажа таа.

Деновите со Сузана ѝ поминуваат во заеднички дружби за кои навистина се радува, но истакна и дека водителката и пејачка навистина ѝ помога кога ѝ е тешко.

- Многу убаво ни поминуваат заедно деновите. Заедно пееме и знаеме дека нешто поубаво ќе направиме, старите песни ќе ги враќаме назад - македонски и турски. Многу сум задоволна што се познавам со неа. Од ден на ден ми олеснуваат некои работи, некогаш имам и тешки моменти, ама мислам дека ќе ги надминам тие, благодарение на неа.

Новогодишната желба на Атиџе е исто така скромна, не бара многу, туку само она што ѝ е потребно за нормален живот:

- Мојата прва желба за Новата година е здравјето да ми биде добро, а потоа и да се среди куќата и другото се ќе дојде по ред. Новата година би сакала да биде уште подобра, прво оваа короната да заврши и да помине со добро, децата да се радуваат, а тие што се болни да им олесни малку. После тоа нешто и за нас, да ги отворат границите и одиме понатаму.

И.М.
фотографии: Вангел Тануровски

ГАЛЕРИЈА: