Слатките се женска утеха по која следи теретана: Ели Пешева за приказната на „О ла ла“
Велат дека жената кога е нерасположена, оди на маратонски шопинг или се утешува со благо. Женската психологија дека тортите и слатките се решение за многу проблеми, опишани во книгата „Чокохоличарка на диета“ ја поддржува и Ели Пешева, директорка за комуникации во компанијата „Њу Момент“ и идеолог на продавницата за слатки „О ла ла“. Рецептите за нејзините омилени колачи за кои вели дека пеат од задоволство, ги наоѓа на патувањата, од слаткарите, завлегувајќи во најавтентичните улички во разни европски градови. Потоа ги доработува во консултација со семејството, колегите, а во „О ла ла“, пред да се испече нов производ, важно е и мислењето на гостите. Ели е сопруга на Сашо и мајка на Ена (14) и Лана (10,5), која многу сака да готви и додека се подготвува за нејзиниот прв јутјуб канал за готвење, самата дома тестира рецепти.
* Од кога точно и како почна приказната на „О ла ла“, како се разви во бренд?
- Минатата година наполнивме 7 години. Стартувавме на 3 октомври, на роденденот на мојот сопруг, која од самиот почеток беше скептик дека слаткарството во државава има потреба од уште едно име. Мислев дека ако наместо торта, добие цела слаткарница ќе му го омекне срцето. Еве сме сега, по првите кризни седум години од секоја релација, живи и помалку или повеќе искусни. Јас сакам да сум дел од новите трендови, да си фантазирам за новините, да експериментирам. Името случајно го фрли еден колега од „Њу Момент“, кога ги погледна скиците од ентериерот на тогашната наша прва локација. „О ла ла“, е француски израз, кој меѓу другото означува воодушевување.
* Покрај работата која ја имате во Њу момент, дали „О ла ла“ ви е одмор од секојдневните обврски?
- Мојот ден е исполнет со милион ангажмани, напнат и стресен, а „О ла ла“ е моето бегство. Во светот на слатките сѐ е шарено, миризливо, вкусно. Го замислував како место за опуштање. Неговата идеја не е да ми донесе огромна заработувачка и куќа покрај море, туку да го исчисти духот, да го рехабилитира умот преку сите сетила, да внесе убава енергија, да сакате да дојдете, да си заминете среќни. „О ла ла“ е мирис на тазе пециво, на растопено чоколадо, на жешки колачиња штотуку извадени од рерна, на храна направена од вистински, а не производи во прашок. Мали радости, во големиот свет.
Ели со ќерките Ена и Лана
* Од каде ги наоѓате рецептите за слатките, дали е вистина дека вие ги правите, ги испробувате?
- Обично идеите ми се од патувањата. Јас сум приврзаник на тезата дека треба да се работи напорно, за да се инвестира во патувања. Сакам да се зашуткувам во најавтентичните улички во градовите кои пешки ги запознавам. Обично таму се наоѓаат најинтересните места за традиционална храна и секако слатки. Ми се случувало да се замуабетам во едно мало француско местенце со слаткарите чии излози и фрижидери „пееле од задоволство“, па да ми откријат некои малечки финеси од подготовката на типичните француски слатки, тартови, макаронси, еклери, мусови. Секоја година со дел од тимот на „О ла ла“ одиме во Италија, во Римини на најголемиот саем на слатки во Европа, се враќаме со модли, рецепти и еуфорија. Сите слатки кои ги имаме ги имам подготвувано. Некои од нив и повеќе од десет пати сум ги тестирала, пред да го дефинираме рецептот и да ги пуштиме во продажба. Ниту еден рецепт кој ќе го сретнете на интернет или во книгите на нашите баби и мајки, не е совршен, му треба доработка, прилагодување на вкусот кон локалниот менталитет. Французите и Италијаните сакаат повеќе кремасти слатки, американските се базирани на тесто, белгиските на додатоци, нашите луѓе пак сакаат чоколадни колачи, ние сме вистински вљубеници во чоколадото во сите форми и облици.
* Кој ви е најдраг колач-торта?
- Макаронсите и француските еклери. Можам да кажам дека кога „О ла ла“ беше отворена, само на две места можеа да се купат мафини и браунија, макаронси, тартови, француски еклери, мусеви, немаше. Имаше друг тип на слатки. И макаронсите и француските еклери беа многу комплицирани додека да ја дефинираме смесата и начинот на изработка, бидејќи нашето правило е дека никогаш не користиме адитиви и готови смеси, се се изработува директно кај нас, од свежи состојки. Особено сум горда на овие два типа колачиња, бидејќи ги изработуваме рачно, тазе, секој е индивидуален, и некако ги доживувам како совршени во својата несовршеност.
- Кој е најлесен, а кој најтежок за подготовка?
* За мене убедливо е најлесна италијанската панакота со свежи фламбирани малини. Едноставна е, не одзема повеќе од 15 минути подготовка и нема погрешен период, идеална е за секое годишно време. Најкомплициран ми е њујоршкиот чизкејк, можеби затоа што лично немам чувство за сирење во слатки и не можам да го одредам кога е најсовршен.
- Се консултирате ли со муштериите, има ли некоја интересна анегдота за необична нарачка?
* Секогаш пред да пуштиме нов вкус на колач или торта, обавезно им даваме на нашите гости да ги пробаат, да ни кажат како им се допаѓаат, што би направиле поразлично. Моите колеги од Њу Момент и Видео Хаус се мојата најдрага фокус група, со оглед дека станува збор за стотина луѓе, тестираме повеќе пати, со ситни измени и баш знаат некогаш да бидат немилосрдни. Ама кога ќе го дефинираме рецептот, тоа е последното скалило пред продажба. Инаку имаме навистина верни клиенти, со години, и ни се случувало неколку пати нашите драги гости да ни донесат колачи кои тие ги спремиле дома за нас и да ја понудат својата семејна рецепта за да ги внесеме во нашето мени. Брауните со вишни се еден од тие колачи.
- Дали и вие како и сите жени кога не сте расположена знаете да се утешите со благо?
* За мене слатките се единствената утеха што секогаш функционира. И која без исклучок потоа води во теретана, хахаха.
* Кои ви се следни ангажмани во Њу момент?
- „Њу Момент“ е еден голем ентитет, во кој секој ден, буквално е различен, а ниту еден предизвик не е ист со претходниот. Новинарството ме доведе до индустријата на маркетингот, комуникациите, односите со јавноста. Тука веќе функционира голем и искусен тим со кој ги имаме освоено најголемите светски награди од нашата сфера на работа. Полека, по малку срамежливо, ама со големо задоволство, преку адвертајзингот, кратките рекламни спотови, па кратки документарни и играни филмови, сега влеговме во продукцијата на долгометражни играни филмови. За мене работата во продукцијата, развојот на сценарија, интересни теми, на кои може да им се даде поинаков твист, се вистински предизвик. Дополнително, нашата друга компанија Видео Хаус Анимации, веќе има големо портфолио во работата на 3Д анимации за детски серијали за најголемите светски мрежи од рангот на Дизни, Нетфликс, Никелодион и сл, па можеби продукција на прв долгометражен цртан филм од Македонија, а наменет за светскиот пазар, е најголемата амбиција.
Милица Џаровска