Славица Попева на кафе во „Бела“: Се стремам кон природна убавина и многу ретко користам шминка
Листата на успешни жени во нашата држава не толку кратка, како што на многумина им изгледа. Славица Попева е една од успешните жени, која е извршен директор на ФрстФорт Груп (FirstFort Group), компанија која работи во областа на бизнис – менаџметот и консалтингот.
За неа слободно можеме да кажеме дека е моќна жена, која стресот и обврски со кои се соочува деловно поле, ги надминува со престојот во куќата која ја има надвор од градот и каде чува пчели и има своја градина. Кога е изгледот во прашање, Славица е огромен поборник за природниот изглед, кој и самата го негува, а кога би зборувале за мода таа вели дека не сака да експериментира со стилот.
Во рубриката „На кафе во Бела“, откри дел од своите секојдневни рутини и навики, но и што е тоа што ја прави среќна.
* Кои се Вашите дневни рутини и навики?
Имам прилично конзистентна структура за мојот ден. Будилникот е наместен во 6 часот наутро секој ден, без исклучок бидејќи ја сакам тишината рано наутро кога излегувам со мојот миленик на прошетка. Потоа го пијам утринското кафе, читам вести и на тој начин се подготвувам за својот работен ден. Пристигнувам во канцеларија помеѓу 9 и 10 часот наутро и го започнувам денот со состаноци со клучните членови на тимот, телефонски повици и тековни обврски поврзани со работата. Оние денови кога имам повеќе слободно време одам во нашата куќа надвор од градот и се посветувам на моите пчели, нашата градина и времето го поминувам со моите најблиски.
* Која е тајната на Вашиот младешки изглед?
Едноставно е. Среќна жена е и убава жена. Секој од нас треба да внимава на себе и на своето здравје. Оние кои ме познаваат, знаат дека не штедам и нема компромис кога станува збор за нега на мојата кожа и лице. Природни масла, здрава исхрана и органска козметика, сето тоа придонесува за убав изглед. Се стремам кон природна убавина, многу ретко користам шминка и сметам дека внатрешната убавина, тоа што прави одвнатре да се чувствуваме среќни е она на кое што треба да внимаваме.
* Како се релаксирате, што Ве опушта и Ве прави среќна?
Среќата ја наоѓам во малите нешта. Читам книги, сакам прошетки на свеж воздух, долги разговори со најблиските. Тоа ме опушта. Среќна сум кога помагам, тоа ме исполнува секогаш. Сакам кога и другите се среќни. Секогаш се трудам да најдам време и да бидам тука за оние кои ми значат. Не сум од оние личности кои се опуштаат со филм, серија или медитација. Секогаш наоѓам нешто да направам, ретко се случува денот да го поминам во пижами и кревет.
* Кој е
Вашиот рецепт за успех на приватен и професионален план?
Дисциплина, посветеност и упорност. Благодарна сум што имам работа која што ме исполнува, бидејќи поголемиот дел од денот го посветувам на моите работни обврски и тоа е сосема во ред со мене бидејќи ја сакам мојата работа. Доколку поставите цел и се стремите кон подобро успехот е неизбежен. На крајот од денот, на страна од сите обврски секогаш наоѓам време за моите најблиски. Секогаш имаме повод за да наздравиме, секогаш имаме нешто кое што ќе изнуди насмевка на нашето лице.
* Кој моден стил најдобро Ви прилега, што најчесто носите?
Деловен изглед, но со убави светли бои. Впечатливи потпетици, добро скроено сако или палто се некои од парчињата кои можете да ги најдете во мојот гардеробер. Сакам убави материјали, свилени марами и кожни чанти. Во завистност од денот, обврските или настанот, секогаш избирам парчиња соодветни за пригодата, никогаш не сакам да експериментирам со стилот и не се водам по удобноста. Она што е убаво за око понекогаш не е комотно, но доколку мене ми се допаѓа никогаш не одстапувам од некоја комбинација. Се водам по стил со доза на елеганција и софистицираност. Сакам бисери и бело злато.
Модел: Славица Попева
Фото: Марко Маркоски
Може да ве интересира:
Ведрана Велинова на кафе во „Бела“: Одбирам парчиња што се убави на око, без разлика дали се удобни или пријатни за носењеЕлена Пискачева Курт на кафе во „Бела“: За мојот изглед нема случајност или оправдување на моите гени
Елена Бубало Михајловска на кафе во „Бела“: Можеби стилот ми е едноставен, но е мој и само така се чувствувам комотно
Драгана Д. Чифлиганец на кафе во „Бела“: Ако сакате да имате убави усни, зборувајте љубезно и со почит