Следете го срцето, соништата се исполнуваат: Анета Павловска за судењето на Олимписките игри во Токио
“Нека ве води срцето во се што правите и со јасна цел и напорна работа сите врвови ќе станат достижни, а притоа нема да чувствувате дека сте се измориле качувајќи се. Олимпијадата е сон на секој спортист и спортски работник, а кога ќе ги реализирате и живеете своите соништа, тоа изгледа вака. Верувајте во себе и храбро посегнете по тоа што го сакате”.
Вака битолчанката Анета Павловска го опиша чувството за исполнетиот сон да суди на олимписките игри во Токио.
Олимписките игри се едни најпосакуваните спортски случувања во светот да се биде дел од нив.
Македонија оваа година имаше тројца судии на олимписките турнири и тоа во тенис и во ракомет.А кога сме веке кај тенисот, Павловска со своето искуство, ја имаше честа да биде дел од оваа спортска манифестација.
Таа веќе долги години е дел од големите спортски случувања, Роланд Гарос,(и тоа 4 пати), параолимписките игри во Рио, Вимблдон и други.
Но, поврзаноста и љубовта кон тенисот како спорт не е случајна, имено нејзиното семејство е познато спортско не само во Битола, туку и низ светот, пред се преку Академијата Павловски, каде секоја година своите први чекори во тенисот ги започнуваат голем број на дечиња, и не само тоа, тука се организираат голем број на турнири и натпревари на домашно, но и светско ниво. Нејзиниот татко е познат тренер по тенис,па така и Анета започнува прво да тренира тенис, потоа да е тренер, а денес судија.
За неа да се биде дел од Олимписките игри, беше остварување на еден сон посебно на настан кој се случува еднаш на 4 години и секој сака да биде дел од тоа.
Ова е посебно животно искуство, како што ни истакна во разговорот, и награда за се што сработила до сега.
*Каков беше предизвикот од директното учество на Олимписките игри?
А.П.- Олимпијадата е најголемиот спортски настан кој се случува еднаш на четири години и сите ние кои на било каков начин се занимаваме со спорт сакаме, и напорно работиме за да бидеме дел од тоа случување. Јас ја имав таа привилегија и благодарна сум што заедно со осумте спортисти и двајцата ракометни судии ја живеевме оваа Олимпијада во Токио во живо.И не само што имавме предизвик туку и одговорност, освен себеси да ја претставиме и нашата земја најдобро што можеме.
*Со оглед на пандемијата и ситуацијата во светот како течеше организацијата? Имаше ли можност да посетиш дел од другите категории?
А.П.- За жал пандемијата не дозволи да имаме Олимписки игри какви сите очекувавме со самата селекција во 2019 г. Секојдневните тестирања, многубројните рестрикции, играњето на натпреварите без публика како и фактот дека не можевме да посетиме други натпревари од други категории, а ни да бидеме дел од отварањето на Олимпијадата, можеби беше по малку разочарувачко. Но самото тоа дека токму ти си избран да бидеш таму ги направи овие олимписки игри едно единствено и незаборавно животно искуство вредно за паметење.
*Кои се твоите впечатоци од Олимписките игри?
А.П.- Олимписките игри како спортско случување со најголема гледаност и сон на секој еден што се занимава со спорт, за мене беа еден посебен турнир, различен од сите претходни на кои сум работела. Спортистите играа за својата земја, но и будно ги следеа и поддржуваа успесите на нивните колеги од другите спортови. Па моите впечатоци се дека Олимпијадата обедини и ги направи и индивидуалните спортови со тимски дух.
*Од друга страна ти остана ли воопшто време да посетиш нешто во Токио?
А.П.- Како што претходно напоменав со рестрикциите кои ги имавме, не ни беше дозволено да го посетиме и прошетаме Токио, но за моја среќа во 2019 година бев дел од АТП. турнир таму и имав можност да се запознаам со нивната култура, храна и да ги запознаам Јапонците одблиску, тоа е тотално различен свет од сѐ она што имам видено до сега и со полно срце можам да кажам и препорачам, секој еден кој има шанса, треба да ја посети Јапонија.
*На кои поголеми тениски турнири си била судија до сега?
А.П.- Сум била на скоро сите турнири на кои сум сакала да бидам дел од.
Освен на Олимписките игри на кои бев и избрана да го судам финалето за златен медал,бев дел и од Параолимписките игри во 2016 година во Рио на кои сум особено благодарна бидејќи тоа животно искуство ми го промени животот. Имам судено на Вимблдон , Роланд Гарос, завршниот женски мастерс турнир во Сингапур и Шензен на кој можеш да дојдеш само со покана. Мастерс турнирите во Торонто, Монте Карло, Монтреал, Шангај.
И уште на стотина други турнири насекаде по светот.
*Како започна цела таа приказна и љубовта кон тенисот?
А.П.- Приказната започна благодарение на татко ми кој практично цел свој живот го посвети на спортот посебно тенисот и издигање млади и здрави генерации на прав пат. Сепак, доаѓам од спортско семејство. Мајка ми тренираше ракомет, татко ми прво беше одбојкар, а дедо ми го отвори првиот џудо клуб во Битола.
Некако беше логично и нормално дека и ние, јас и брат ми ќе тргнеме по тие стапки. Јас од кога знам за себеси, знам дека сум на тенискиот терен. Активно играв до 16 години за подоцна да полагам за тренер и освен во нашиот клуб во Битола да работам и две години во Турција, во најголемиот тениски комплекс во светот. Но 2011 година кога како гледач бев дел од УС Опен беше клучно да одлучам дека еден ден сакам да го имам ексклузивното право да бидам дел од еден таков настан и да посегнам по судењето. Еве 10 години подоцна години можам да кажам дека соништата се остваруваат доколку знаете што сакате и храбро посегнете по истото.
*Што за тебе значат тенисот и судењето?
А.П.- Тенисот и судењето за мене значат ширум отворени врати кон светот, пасош признат насекаде. Истовремено тоа значи патување 8-9 месеци годишно. Значи запознавање на прекрасни луѓе, нови култури, прилагодување и адаптирање на постојани промени од временски до климатски.Но исто така значи и постојано соочување со себеси, учење и растење како личност.
Мене тенисот ми даде слобода и јас денес слободно можам да кажам дека следејќи си го срцето, ја работам работата што ја сакам и живеам авантура со секојдневни предизвици, а притоа не чувствувам дека воопшто работам.
*Кој натпревар ти бил најголем предизвик за судење, а на кој би сакала да судиш во иднина?
А.П.- Видете, предизвикот го гледам во излегувањето на големата сцена и преполниот стадион. Тоа чувство ме храни и ги дава сите одговори, зошто ја работам оваа работа, а тоа со зборови неможе да се опише. Како што не може да се опише со зборови и чувството кога моите родители дојдоа да ме гледаат на моето прво грен слем финале во Париз. Во иднина би сакала да одсудам меч на УС Опен, на најголемиот стадион на светот и потоа сум спремна за нови предизвици :)
*Колку Македонија има можност и услови пред се за овој спорт?
А.П.- Македонија е земја мала на тениската мапа, но тоа не го побива фактот дека ние сме здрава спортска нација и нормално дека има можности со право спортско менаџирање, програма и посветена работа да се постигнат големи успеси. Е сега на условите, сметам дека повеќе треба да се поработи и да се даде еднаква шанса и помош и на помалите клубови да извадат квалитет.
*Кој совет и ден денес ти го дава твојот татко?
А.П.- Хммм….ако размислам добро можеби татко ми и никогаш вербално не ми дал некој конкретен совет. Но со неговите дела и љубов кон тенисот и спортот генерално тој мене ми покажа како се следи срцето, се сака спорт, како се верува во спорт, како се бори за спорт и што тој како начин на живот носи со себе. Татко ми е најголемиот ентузијаст, работник, вљубеник во тенисот кој цел свој живот неуморно вади нови генерации на здрави деца спремни да се соочат со предизвиците на животот и ја прави Битола поубаво место за живеење.
Неда Маретиќ