Смртта на татко ми ме натера да пишувам: Интервју со Јелена Бачиќ- Алимпиќ

Добивај вести на Viber

До пред пет години, ја знаевме како водителка на популарните „Браво-шоу“ и „Убавина, здравје и уште понешто“, но и како новинарка и уредник во повеќе печатени медиуми. Телевизиската работа и донесе голема популарност и награди, Оскар на популарноста и награда за најуспешен Тв новинар во Србија. Денес, нејзино обележје се романите. Сите книги кои ги напиша Јелена Бачиќ-Алимпиќ станаа бестселери. Лирскиот стил, жената како главна хероина, историската нишка и љубовната драма се она поради коешто за читателките во Србија, во регионот и во делови на Европа Јелена е омилен автор. Новиот роман, „Куферот од Берлин“  веќе стана хит кај жените, а Јелена меѓу другото, зборува и за него, за семејството и за личните искуства.

* Како вие интимно ја доживувате новата книга, „Куферот од Берлин“ ?

- Уф, ова е најтешко прашање. Како вие би го опишале своето дете или деца? Како би ги „прераскажалe“? Можеби некои писатели можат да ги раскажат своите дела, но јас тоа просто не го умеам. Зошто? Затоа што ги живеам! Затоа што, додека ја создавам приказната, ликовите, ги „сошивам“ во вистински историски околности и настани, јас живеам со нив, патам со нив, плачам, се смеам, не јадам, не спијам, горам… Секој мој роман е длабоко лично доживување, и во секој од моите јунаци има многу од мене. „Куферот од Берлин“ е со сигурност најтешката книга која до сега сум ја напишала, затоа што освен што за градивото на романот посветив повеќе од една година, турбулентно, емотивно и над се- тешко беше ова мое книжевно патување. Она што можам да го кажам е дека овој роман не е можно жанровски да се одреди. Во него има многу историја, драма, љубов, трилер и по малку детективски жанр. Тоа е приказна за судбината на две жени, два града и едно злосторство- во различни временски периоди, на различни меридијани.

* Од каде инспирација за тие приказни кои секогаш стануваат бестселери?

- Оној момент кога ќе ја завршам книгата, па неретко и пред тоа, во мојата глава веќе се раѓа идеа за нова. Не знам од каде ми е инспирацијата. Инспирација е самиот живот. Понекогаш, кога ќе ги прочитам речениците кои сум ги напишала, се прашувам: кој тоа од мене зборува? Просто, кога е книжевноста во прашање од мене извира страст, незамислива потреба по нови сознанија, нова приказна, нова авантура.

Патувањата и запознавањето на луѓе од различни континенти е од непроценливо значење и дека во голема мера ме инспирираат. - Јелена во Берлин

* Дали некоја ваша лична приказна, тажна случка или лошо искуство ви послужи како инспирација за пишување?

- Секоја моја лична приказна, тажна случка, добро или лошо животно искуство, секако е инспирација за приказна. „Рингишпил“, моето првенче е книга која ја напишав по смртта на мојот татко, затоа што тој сакаше. А потоа продолжија да се нижат книги од моето срце, од мојот стомак, сите изречени и неизреченi желби, надевањa, радости, тага и соништа. Сите тие се напишани со вистинска, соголена емоција, без задршки, и веројатно поради тоа сите станаа бестселери, затоа што длабоко верувам и го живеам секој збор што ќе го напишам.

Никаков компјутер не може да го замени мирисот на олово кога книгата ќе излезе од печат.- Јелена во Санкт-Петерсбург

Европската-светска историја е често во разни форми дел од вашите книги. Дали сакате да читате приказни од историјата на народите, или можеби честите патувања и запознавањето на нови култури ве инспирира?

 - Сакам, се разбира. Знаете, јас сум дете на СФРЈ, завршив југословенска книжевност и српско-хрватски јазик. Ги живеев своето детство и својата младост во времето на Тито, и просто имам поинакви погледи на светот. Се разбира дека патувањата и запознавањето на луѓе од различни континенти, нивните знаења и сето она што го гледам, го слушам и го забележувам е од непроценливо значење и дека во голема мера ме инспирираат.

* Денешното време е ера на социјални мрежи, интернет медиуми и читање на е-книги. Што од ова ви пречи, а што е предност за вас, и дали вашето творештво е можеби некоја борба, книгите и мирисот на хартијата да се издигнат над овие трендови?

- Ми пречат е-книгите, и се надевам дека додека сум жива ќе се печатат книги, затоа што никаков компјутер не може да го замени мирисот на олово кога книгата ќе излезе од печат, и она непроценливо чукање на срцето кога книгата ќе ја земете во раце и ќе започнете возбудливото патување. Од друга страна, современата технологија денес ни овозможи контакт со луѓе со кои инаку не би се сретнале. Маркетингот е се посилен и се поприсутен на социјалните мрежи, но луѓето се отуѓија, што најмногу ми пречи.

Зад мене се полни 24 години брак, четвртина век заеднички живот со мојот сопруг, две прекрасни, сега веќе пораснати деца. Моите одрекувања, за да ги сочувам бракот и децата од „етикетирања“ беа огромни

* Дали во недостасува работата на телевизија и дали некогаш би се вратиле во тој вид на шоу-бизнис?

- Не. Во оној момент, кога на почетокот од декември во 2013 година и кажав збогум на телевизијата, по повеќе од две децении макотрпна работа, ниту во еден момент не посакав да се вратам. И ако даде Господ, нема.

* Зошто всушност престанавте со новинарската работа и како гледате на денешните Тв шоуа и многуте таблоидни портали?

- Престанав затоа што телевизиската работа во својата програмска шема почна да воведува бесмислени, понижувачки, а денес толку популарни реални шоуа, и затоа што навистина се изморив. Со години, повеќе од две децении, моите емисии беа во врвот на гледаноста. Но јас, работејќи ја таа работа станував се понесреќна и понезадоволна. На крајот, тоа се одрази и на моето здравје и тогаш реков: Стоп! Последната година речиси и воопшто не гледам телевизија, освен некои документарни програми, добри филмови и интересни фудбалски и кошаркарски натпревари, затоа што тоа ме интересира. Претпоставувам дека и денес, во морето на калот, ќе израсне и понекој клас, во смисла на пристојна ток-шоу програма, но за таква не сум слушнала, ниту сум гледала, па не можам да судам. Мислам дека гледачите во Македонија имаа можност да изгледаат квалитетна ток-шоу емисија.

* Мајка сте на две деца и сопруга. Дали и колку успеавте вашето семејство да го сочувате од очите на јавноста, наспроти тоа дека и вие пишувавте и разговаравте за приватните животи на други јавни личности?

-Тоа всушност е мојот најголем успех. Зад мене се полни 24 години брак, четвртина век заеднички живот со мојот сопруг, две прекрасни, сега веќе пораснати деца. Моите одрекувања, за да ги сочувам бракот и децата од „етикетирања“ беа огромни. Никогаш не сум пишувала негативно или злонамерно за јавните личности, ниту сум измислувала, лажела, објавувала невистини, што денес е многу често, речиси секојдневно. И кога работев ТВ интервјуа и кога поставував „провокативни“ прашања, секогаш се трудев тоа да не ја премине границата на добриот вкус и пристојност. Исто така, никогаш не злоупотребуваv ничии деца за да дојдам до не знам каква ексклузива, која како таква, со ништо не може да се оправда, затоа што сум пред сѐ и над сѐ-мајка.

* Се занимавате и со други, општествени активности. Кажете ми малку повеќе за вашите ангажмани кои следат.

- Многу се занимавам со хуманитарна работа за којашто не зборувам. Знаат многу добро оние за коишто работам, и главно таа работа е врзана за децата. Одам на конференции на кои ме канат, секогаш „про боно“, затоа што сметам дека тоа е мојата мисија во овој живот. Книжевните вечери и дружењата со моите читатели е нешто што најмногу ме радува. Во наредниот период, пред мене се многу интензивни активности околу промоцијата на новиот роман „Куферот од Берлин“, но исто така едвај чекам да ги започнам истражувањата за новата книга. Во тек е превод на моите книги на други јазици, во преговори сум за екранизација со странски филмски партнери, и уште многу нешта…

Нередовно се хранам, малку спијам, но затоа ударно вежбам откако знам за себе си. Тоа најмногу поради тоа што имам проблеми со р’бетот и со колената, па се трудам со вежбите да ги избегнам хируршките зафати

* Како вие како жена се негувате, и внатре и однадвор, и што друго, освен работата ве прави среќна?

- Не сум пример за жена која се „негува“ од внатре, ако тоа подразбира правилна исхрана, за жал. Нередовно се хранам, малку спијам, но затоа ударно вежбам откако знам за себе си. Тоа најмногу поради тоа што имам проблеми со р’бетот и со колената, па се трудам со вежбите да ги избегнам хируршките зафати. Што се однесува до надворешниот изглед, два пати во годината одам на мезотерапија, го хранам своето изморено лице со хијалурон и со колаген кој одамна почна да ме напушта, и еднаш во годината, задолжително правам систематски преглед. Тоа го сметам за своја обврска, како и спрема себе си, така и спрема моето семејство на кое сум му потребна. Среќна ме прави среќата на моите деца и на мојот сопруг, среќата на моите пријатели и му заблагодарувам на Господ што мојата мајка е сè уште со мене. Му се радувам на растењето на децата на мојот брат и над се, на нашата мала куќа на падините на Фрушка Гора, каде што во друштво на мојот пес, го пронаоѓам мирот.

Милица Џаровска