СМРТТА НА ТАТКО МИ НЕНАД МИ БЕШЕ ШОК НА 13 ГОДИНИ: Интервју со Јана Стојановска

Добивај вести на Viber

Израсната e со бардот на македонското глумиште, дедо и Ацо Јовановски-Снагата, а ќерка на театарските херои од деведесетите , Шприцер и Цвета од „Грв или Шприцер“, познатите актери Ненад и Силвија Стојановск. За младата актерка Јана стојановска е сосема природно што се определила за глума. И самата таа, како и сестра и Ана играа во новата постава на култната претстава во Драмски, менувајќи се во улогата на Беба. Јана е и голем музички талент. Редовна гостинка е на концертите на Раде Шербеџија во Скопје, а на хрватски јазик со неговиот бенд „Западни колодвор“ ја сними песната „Још дуго“. Јана го сними и дуетот со починатиот пејач и актер Влатко Илиевски, „Празни зборови“. Во нејзината биографија стои и Мис на Македонија за Мис на светот. Во 2007 година како најубавава македонка учествуваше на светскиот избор за убавина во Кина. 

Женски магазин-Како ти се случи Јована во серијата „Сенки над Балканот“, како ти легна таа улога?

Јана- Јована се случи така што Томи Салковски, кој е копродуцент на серијата, ми се јави и ми рече:  ќе ти пратам еден текст, спреми се добро. Следно се качивме во кола, и отидовме на кастинг во Белград. Некако и си ја посакав Јована уште кога го гледав „Монтевидео“. Воодушевена и горда бев што "колега -глумец“ успеал да направи таков филм. Како вчера да беше, го паметам моментот кога си помислив: баш би сакала да бидам дел од нешто вакво. Со Јована се дружевме одлично и за време на снимањето а и сега, кога почна да живее на малите екрани. Имаме разлики а имаме и сличности, во секој случај ми е многу драго што јас имав ја имав честа а таа можноста да оживее токму  преку мене.

Јана со мајката Силвија, сестрата Ана и актерот и семеен пријател Раде Шербеџија 

Женски магазин- Какво е искуството да се работи со една таква позната интернационална екипа, што научи од Драган Бјелогрлиќ?

Јана-  Искуството е незаменливо. Од сите аспекти. Целата екипа функционираше како швајцарски часовник. Се снимаа сцени на ладно , на топло, во кал, со крвишта, а сепак со некоја леснотија, ентузијазам и насмеани лица. Драган Бјелогрлиќ е еден вонсериски човек. Потпишан е како продуцент, режисер и толкувач на една од главните улоги и сето тоа е одработено беспрекорно. Освен што научив дека може со леснотија да се извршуваат тешки задачи, ме инспирираше да верувам дека човек треба постојано да се проширува , да си задава нови цели и да ги остварува. Ништо не е невозможно. 

Женски магазин- Среќна ли си што твоите два таленти, музика и глума се соединија  на сцената на Мнт во мјузиклот „Мама миа“?   

Јана- Во „Мама Миа“ ќе ја играм Софи. Па, ова не е прв пат да бидам дел од мјузикл. Мојата прва главна улога бесе во мјузиклот "Македонска крвава свадба " во Драмски театар, така што не ми е сосема непознат теренот.  Претставата е конципирана на принцип со алтернации, така што улогата на Софи ја делиме јас и Нина Деан. Задачата е огромна и многу бара, тоа е симбиоза на неколку уметности. Многу ми е драго дека мјузикл како категорија конечно наоѓа место на нашата сцена. Целиот процес е потежок отколку при подготовка на обична театарска претстава, бидејќи има многу физичка работа , на што јас лично многу се радувам. Ова ми е втор пат да работам со Наташа Поплавска и морам да кажам дека е вистинско уживање.

Женски магазин- Кое е највредното нешто што како од човек и од актер го научи од твојот дедо, Ацо Јовановски-Снагата? 

Јана- Од Ацо, веројатно да се забавуваш. Дека ништо не е страшно се додека е обвиено во обвивка на хумор. Животот е еден, наше е како ќе го живееме. А, и дека нема да кашлаш ако пушиш различни цигари наместо исти, хахаха.

Женски магазин- Сестра ти и рано го загубивте татко ви, еден од најдобрите и најценети наши актери, Ненад Стојановски. Како во тој период ја поднесовте загубата?                             

Јана- Па, јас многу страшно ги преживеав сите тие случувања. Уште повеќе дека никому не му беше ни на крај памет дека тоа ќе се случи. Беше страшно дека беше шок. Сестра ми имаше 9 години , јас 13 , мајка ми 38. Можам да кажам дека се уште ја поднесуваме загубата.

Силвија и Ненад Стојановски 

Женски магазин- Кое е твоето најубаво сеќавање на татко ти и совет што ти го дал?             

Јана- Моите спомени за татко ми се само добри сеќавања, не се сеќавам на лоши работи. Освен, кога се вљубив во осмо одделение, тука малку полуде, ама "ин генерал" имаше многу добри совети низ многу паметно склопени реченици. Се сеќавам како вчера да беше: Седнат на трпезариската маса, со кафе, цигари и текст пред него, како учи текст. Посветено и ангажирано ,прекрасен беше. А конкретен совет, кога учиш нешто,  текст , вежба на клавир, кажи го најбрзо што можеш, и ќе видиш каде кочиш. Таму каде што не- оди врати се и повтори го делот сто пати, репетиција е „мадре студиорум“. 

Женски магазин- . Кои се најважните особини со кои би ја опишала твојата мајка Силвија? 

Јана- Остра ,бескомпромисна и ужасно правична.

Женски магазин- Се чини дека вие три: ти, Ана и Силвија функционирате како другарки. Како изгледа дом со три актерки?

Јана- Хаотично , и многу гласно. Ете, така изгледа. Три жени, глумици, сите различни, сите со свои ставови и приказни. Со нас никогаш не е здодевно. 

Женски магазин-  Пред 10 години ја претставуваше Македонија на изборот за Мис на светот. Како од денешна дистанца гледаш на тоа време?         

Јана- Па гледам на тоа како едно прекрасно искуство од кое научив многу и кое не би го менувала за нисто на светот. Научив како да комуницирам со жените, станав свесна за тоа со какви се проблеми се соочуваат, низ што се поминуваат, им ги запознав проблемите и научив повеќе да ги разбирам. Отсекогаш повеќе сум се дружела со момчиња и ми било полесно да комуницирам со нив. По Мис на Македонија некако ми се отвори женската психологија.

Женски магазин- . Сними песна на македонски и на хрватски јазик со бендот на Раде Шербеџија, гостинка си на сите скопски концерти на Раде. Дали таа соработка ќе продолжи и имаш ли други музички планови?

Јана- Нон стоп пишувам поезија и музика.  Колку што знам и можам со моето четиригодишно основно музичко образование , имам некои создадени песни, некои што седат во фиока и го чекаат својот момент. Повеќе ја гледам целата таа приказна околу мојата музика како љубовна отколку професионална и на било кој начин пресериозна. Просто секогаш кога ќе посегнам , таа е тука да ми излезе во пресрет. Таа, музиката.

Женски магазин- Што те прави среќна кога не глумиш, не пееш и не пишуваш песни?

Јана- Имам куче, миниатурен шнауцер, се вика Катја, ме смее барем по три пати на ден. Сакам коњи, многу сакам коњи, ја користам секоја возможна прилика да одам на јавање. 

Милица Џаровска