Со чудење ме гледаа дека сум жена: Интервју со Александра Давидовиќ - прва спасителка на планина
Како единствена жена, на почетокот, се соочив со многу стереотипи. Никој не веруваше дека би можела да ја работам таа работа бидејќи сум била девојче. Меѓутоа, уште од помала им покажувам на луѓето дека и жените се еднакво способни да работат напорно, еднакво колку и мажите, и навистинаа обожувам да ги рушам тие стереотипи
Женски Магазин е секогаш на страната на жените, на нивните верувања и соништа. Досега потврдивме дека жените можат ама баш сѐ, да бидат фудбалерки, судии на фудбалски натпревари, да спасуваат животи како пожарникари, да возат лудо како професионални возачи, и да создаваат музика на необични „машки инструменти“. Овојпат ќе ве убедиме уште еднаш, а за тоа ќе ни помогне Александра Давидовиќ, 21-годишна девојка од Скопје која се запишува како првата жена која професионално работела во планинска спасителна служба во историјата на државава. Таа веќе 7 години неуморно волонтира во најразлични невладини организации и посетува семинари за развој на личноста. За себе вели дека ја обожува хуманата работа, односно работа со која на било каков начин позитивно помага на општеството. Сандра е вљубеник во природата и планините, а за Женски Магазин открива дел од себе.
* Како се случи да станете првата жена спасувач на планина?
- Тоа се случи многу случајно. Три и пол години сум член на Тимот за спасување на планина при Црвен крст на град Скопје каде ги стекнав основните знаења и вештини. На крајот од декември, добив понуда да работам три дена на замена во ски центарот на „ЕЛЕМ турс“ Попова Шапка. Се договорив и отидов. Таму го запознав раководителот на планинската спасителна служба „Vertical Solutions“, Дарио Милошевиќ, кој го веднаш го препозна мојот ентузијазам и ми предложи да останам да работам до крајот на сезоната. Тој ги препозна моите слабости и силни страни, и неуморно работеше на тоа да изгради од мене професионалец. Во тимот за спасување на планина имав можност да работам со други волонтерки, но пред крајот на сезоната дознав дека јас сум првата жена која професионално работела во планинска спасителна служба во историјата на државава.
* Кои предизвици ги носи таа необична работа?
- Работата во планинска спасителна служба воопшто не е лесна работа и таа носи секојдневни предизвици. За мене најголем предизвик беше тоа што никогаш не знаеш што може да се случи на ски терените и колку луѓе ќе се повредат тој ден. Кога ќе добиеш дојава за повреден човек најчесто и не знаеш дали повредениот има лесна повреда или е животно загрозен. Тоа значеше дека требаше секогаш да работиме како тим, да ги запазиме процедурите, да стигнеме колку можеме побрзо до повредениот, да укажеме прва помош, во меѓувреме да организираме транспорт.
* Дали се соочивте со стереотипи, како беше да работите со машки околу себе, како Ве прифатија?
- Како единствена жена, на почетокот, се соочив со многу стереотипи. Никој не веруваше дека би можела да ја работам таа работа бидејќи сум била девојче. Меѓутоа, уште од помала им покажувам на луѓето дека и жените се еднакво способни да работат напорно, еднакво колку и мажите, и навистинаа обожувам да ги рушам тие стереотипи. Набрзо ме прифатија сите вработени во ски центарот, дури и на терен забележував луѓе кои изненадено покажуваа кон мене велејќи: „Eјј види, има спасителка.“
Игор, Еж и Горјан, кои работеа со мене во тимот, ме прифатија од првиот ден и ме гледаа еднаква на нив. Тие немаа стереотипи. Спиевме во една соба и функциониравме како семејство. Тоа и не правеше добар тим. Дваесет и четири часа во денот ги поминувавме заедно. Заедно со Дарио, во слободното време имавме активности кои самите ги договаравме и уживавме во заедничкото време. И сега, се уште комуницирам со сите, одвреме навреме се собираме и се уште ја има таа магија меѓу нас која не правеше толку добар тим.
* Најинтересна случка од искуството?
- Целото искуство за мене беше прекрасно. Не би можела да издвојам некоја посебна од тие 107 дена поминати на Попова Шапка. Кога требаше да се работи, се работеше, а кога беше слободно време, најчесто игравме пинг понг. Една вечер почнавме турнир и работите станаа сериозни, бидејќи сите се внесовме навистина во играта.
* Други хобија или интереси?
- Сакам да планинарам рекреативно и да уживам на врвовите со прекрасните погледи. Сакам да читам книги и да волонтирам.
* Што сте сакале да бидете кога ќе пораснете?
-Уште од дете сакав да бидам криминолог.
* Опишете се со еден збор?
-Навистина е тешко да ме опишеш со еден збор. Кога веќе треба да одберам еден, би рекла истрајна.
* Мото кое Ве води низ животот?
- „There are no limits to what you can accomplish, except the limits you place on your own thinking.” ( „Нема граници за она што можеш да го постигнеш, освен границите што си ги создаваш сам во твоите мисли.“)
* Каде се гледате за 10 години?
-За 10 години се гледам како човек кој си ги исполнил целите во животот
Даница Караташова