Со Јелена Јованова се бркаме како мачка и глушец: Интервју со Жаре од “Еден на еден“
Од утревечер, (недела) од 18.30 на „Канал 5“ телевизија почнува десеттата сезона на емисијата „Еден на еден“, со Жарко Димитриоски-Жаре. Харизматичниот домаќин на шоуто низ интересен муабет ни открива дел од првите гости и се сеќава на најинтерсните моменти од претходните сезони. „Еден на еден“ за старт ќе угости три регионални ѕвезди, една домашна актерска легенда, две популарни водителки и еден интересен бенд.
* Десетта по ред "Еден на еден", како и со кои гости ќе стартува? - Со една десетка со кромид! Нек се угоде! Гости во првата емисија се „Дупер“ и Гоце Тодоровски, ќе следи Здравко Чолиќ, Миа Костова и Милена од Канал 5, Тарик Филиповиќ, Милан Калиниќ.. Ќе биде убав на старт на една убава сезона.
* Што ќе биде различно во јубилејната сезона?
- Имаме многу промени зад камерите, но она што ќе е најочигледно е веројатно новиот студиски бенд - „Гуру Харе бендот“. Момците се страшни музичари, години и години дел од бендот на Тоше, ќе донесат нова свежина сигурно. „Пепрминт“ остануваат големи наши пријатели и секако дека ќе бидат и тие застапени на некој начин оваа сезона.
* Кои најинтересни моменти ги паметиш од претходните сезони?
- Па, има милион моменти. Нема кој не пеел на хелиум, видеото со Владо Георгиев отиде вирално низ цел свет, Џамбазов кршеше шише од глава, со Коцев имитиравме познати, Марјана се качи на биро... Буквално милион моменти има. Највеќе ги паметам насмевките на гостите во студио и сите оние запирања на улица со : „Добро беше она и она“ или „Еј ама сте не насмеале оној пат“. Тоа е вистинско гориво.
* Има ли нераскажана приказна, гаф, анегдота од зад камерите?
Па цел процес на снимање е еден голем гаф и само ако дојдеш на лице место и гледаш можеш да дознаеш за што зборувам. Речиси целиот технички стаф, повеќе од 20 луѓе, сето тоа се непроменети луѓе кои работеле и на првите сезони и на оваа сега. Ние сме една голема фамилија и снимањата се приказна за себе која не се раскажува така лесно.
* Кој гостин ти е неостварена желба во „Еден на еден?“- Јелена Јованова. Се бркаме како мачка и глушец и наводно секогаш се нешто се случува и не може да дојде. Сега да ѝ се јавам ќе се насмееме дека се бркаме сто години, ќе речеме ајде тогаш и тогаш и после ќе се јави и ќе рече во Хрватска сум или не знам каде.
* Што правиш кога си изморен, нерасположен за снимање, кога не ти е денот а емисија мора да има?
- Креваш глава и даваш максимум. Некогаш тој максимум ќе ти биде и само 20 проценти од тебе ама не е важно. Твоја задача е да дадеш сѐ од себе без разлика до кое ниво можеш да се однесеш во дадениот момент. Публиката тоа го заслужува.
* Ќе го надмине ли „Еден на еден“ рекордот на Драган Вучиќ?
- Драган е еден и единствен. Легенда на етерот која тешко кој може да ја надмине.
М.Џаровска