Со какви лекови се третираат болните од Ковид-19: Што откриваат здравствените власти

Во нашите болници има доволно лекови за пациентите болни од КОВИД-19. На заболените им се дава терапија која се применува и во другите држави, и лекувањето е според протоколите на Светската здравствена организација, уверуваат за Фактор од Министерството за здравство.

Во услови кога епидемијата на коронавирусот во земјава не стивнува, а болниците се преполни со хоспитализирани пациенти, Фактор ги праша здравствените власти со какви лекови се третираат болните од КОВИД-19, и какви медикаменти се применуваат за оние со полесна, а кои за оние со потешка клиничка слика.

Од Инфективната Клиника и од Градската општа болница „8 Септември“ велат дека пациентите се лекуваат по протокол од Светската здравствена организација.

„Болните се лекуваат со третогенерациски или четвртогенерациски цефалоспорин и азитромицин - кај пациенти со средно тешка форма со КОВИД пневмонија.
Се користат и повеќе различни други антибиотици, во зависност од тежината на наодот на воспалението на белите дробови или, пак, развојот на болеста“, објаснуваат од Министерството за здравство.

АНТИБИОТИЦИ И АНТИКОАГУЛАНТНИ ЛЕКОВИ

Кога станува збор за цефалоспорините, на интернет за нив може да се прочита дека основа на нивната структура е Бета-лактамски прстен, кој е значаен за антибактериско дејство. По хемиската структура, механизмот на дејство и антигените својства, тие се слични со пеницилините.

Азитромицинот, пак, кај нас подобро познат како лекот сумамед, се користи во терапија на инфекции на горните респираторни патишта, долните респираторни патишта, кожата и слично. Кога почна епидемијата на коронавирусот во земјава, голем број граѓани поитаа овој лек сами да го набават од аптеките, но здравствените власти советуваат тој никако да не се пие на своја рака, без препорака на лекар.

Од Здравство додаваат и дека во третманот, покрај антибиотиците, се користат и антикоагулантни лекови, како во профилактички така и во тераписки потреби, а се дава терапија за заштита на желудникот, витамини и друга терапија за заштита.

Повеќе на Фактор.мк