Со „кометалки“ се дружиме на детските родендени: Интервју со Индира Кастратовиќ
Една од најдобрите македонски ракометарки, дел од златната шампионска генерација на РК „Кометал- Ѓорче Петров, која во на 19 мај во 2002 година ја освои титулата во европската “Лига на шампиони” со победа над унгарскииот „Херц“ во Скопје. Индира Кастратовиќ е вљубена во ракометот од својата 15 година, кога во родиниот Приједор, Босна и Херцеговина го забележале нејзиниот голем талент. Во Скопје е од 1994 година, од кога заедно со успесите на „Кометал“, Индира оствари и европски успеси. Денес е посветена мајка на тинејџерката Сара која се школува во САД, а за своја најголема подршка со смета сопругот Зоран Кастратовиќ, ракометен тренер. Кариерата како играч ја заврши во 2006 година, а денес е координатор на помладите тимови во ЖРК Вардар.
Женски магазин- Како е да се работи со млади девојки, тинејџерки? Пресуден ли е психолошкиот момент на таа специфична возраст?
Индира- И претходно, кога го имавме нашето приватно училиште „Кастратовиќ“, јас знаев како е да се работи со млади девојки. Да, со нив пред се треба да бидеш добар психолог, педагог. Треба да ги знаеш добро нивните желби и потреби. Важно е да се поставиш како авторитет, но важно е и да се ставиш во позиција на нивните години и потреби и да ги разбереш. Кога децата ќе те научат и ќе те заскаат, ќе се воспостави она најважното, тренерот од децата да има повратна информација. Не само ние тренерите да им велиме: ова вака треба или ова онака треба, туку и самите играчи да знаат што е најважно да се постогне во играта. Тоа е она што најмногу го сакам, да имаме од двете страни комуникација.
Со ќерката Сара
Женски магазин- Како се справуваш со моментите кога девојките имаат некој проблем кој ги попречува во играта, ти се поверуваат ли во моментите кога имаат здравствени или други потешкотии?
Индира- Па, да, апсолутно. Но, сега како координатор работата е поинаква. Сакам ракометарките пред се да имаат комуникација со тренерите, со нив да ги решаваат проблемите. Ако видам дека не може, тогаш јас ускокнувам. Многу се дружам со децата, и сакам да бидеме блиски и да разговараат со нас. А тоа, кога ќе наиде некој проблем тоа е нормално. Децата знаат да ми пријдат и да речат: Не можам да играм, ме боли стомак. Тогаш јас ги подготвувам за нето што ги чека утре. Им велам: Па што ако утре играш во Лигата на шампионите а те боли стомак, а таа игра е од големо значење? Ги ставам во ситуација да си замислат како ги би било да играат поголем натпревар. Кога си професионалец во ракомет, не боли стомак, нема време за болка. Така што, мораш во секое време да најдеш нешто со што младите ќе ги мотивираш.
Женски магазин- Дали некогаш во спортската кариера си се почуствувала дискриминирано поради тоа што си жена, со оглед на тоа мажите се уште се сметаат за посилен пол?
Индира- Не сум, би било греота да кажам дека е така. Ние во Македонија бевме број еден, и никогаш не сум ја почуствувала таа разлика машко или женско. Со „Кометал“ бевме на врвот, ракометот кај нас се уште е спорт број еден, и од сите луѓе сум добила само почит во тоа што сум го работела, независно дали се мажи или жени.
Женски магазин- Кога ќе помислиш на шампионското време на „Кометал -Ѓорче Петров“, на кој момент прво се сеќаваш?
Индира- Па добро, се разбира кога ја освоивме Лигата на шамионите во 2002 година, кога се подготвувавме за неа. Таа година беше и успешна и тешка, имаше и успеси и падови, но ете таа наша европска шампионска титула ќе остане запишана во историјата.
Женски магазин- Дали и денеска по 15 години се дружите со девојките од златната генерација?
Индира- Да, и денес денеска се слушаме и се гледаме. Во мај лани, господинот Трифун Костовски кој беше наш спонзор организираше пролава по повод 15 години од освојувањето на титулата. Се собраа сите девојки кои можеа да дојдат. Од Романија дојде Луминица Дину, а од Русија допатуваа Ања Андрушенко и Лариса Кисељева. Се разбира, бевме и ние што сме тука: Гордана Нацева, Милева Велкова, Наталија Тодоровска, Ленче (Елена) Златановска, Анжела Платон, Андријана Будимир, Мими Чупиќ, Валентина Радуловиќ. Не би сакала да заборавам некоја од нив. Ние што сме тука во Скопје, се гледаме. Пред две години, имавме некоја традиција, се собиравме сите во сала да играме ракомет рекреативно. Така си баравме причина и оправдување да се видиме и да се подружиме. Игравме „ракомет“, под наводници, не можевме ни да трчаме како што треба а камо ли да играме ракомет. Вале Радуловиќ и Елена Златановска, тие можеа да трчаат. Тие се малку помлади, а ние малку повозрасни. Се шегувам. Секоја од нас сега има деца и се гледаме на родендените на децата. Сега сите имаме поразличен живот и поразлични муабети меѓу нас. Некој има помали деца, некој постари, си даваме совети за децата едни на други. Убаво е кога се сеќаваме на тие денови. Е кога ќе остариш секогаш викаш: ех, во наше време.
Женски магазин- Твојата ќерка Сара е во САД кај твојата сестра, таму ќе го заврши средното улилиште. Како се снаоѓа?
Индира- Да, тоа беше нејзина желба, трета и четврта година да ги заврши во Америка, а јас и Зоран сме тие кои можеме само да ја подржиме. Не ја буцкавме, туку самата изрази желба да се обиде таму. Сега за сега одлично и оди, се е како што треба, таа е задоволна, па ќе видиме за понатаму.
Женски магазин- Дали Сара некогаш изразила желба да игра ракомет?
Индира- Не, Сара од мала ја влечеше хип-хоп танцот За ракомет никогаш не пројавила желба и ние не ја форсиравме.
Женски магазин- Дали често одиш кај твоите во Босна и ко босански специјалитет знаеш да го спремаш?
Индира- Одам барем еднаш во годината. Зоран е од Црна Гора. Одиме тау, па потоа малку во Босна. Се распоредуваме секаде по малку кога одиме на одмор. Ние сме едно балканско семејство, Зоран од Црна Гора, јас од Босна и Херцеговина, Сара е Македонка, родена тука, и ние сме Македонци зашто сме долго тука. Ние сме луѓе со отворени срца. А специјалитети знам да правам но не баш толку. Има кај нас во Босна едно јадење , квргуша се вика. Слично е на пица но е не баш пица. Се прави место, и врз него се става пилешко месо и се залева со павлака. Тоа е ете нешто најбрзо што знам и што можам да направам. А од Босна нормално ми фалат оние познати пити, буреци, ќебапчиња. Но, и тука ги има сите тие јадења, затоа одиме на ќебапи во „Дестан“.
Со сопругот Зоран
Женски магазин- Што научи од твојот сопруг Зоран, и како човек и како спортист?
Индира- Мојот сопруг многу ми помогна во кариерата. Заедно сме од мојата 18 година. Тој секогаш ме туркаше напред кога имав и искачувања и падови. Да не беше тој да ми каже: добро е , одиме понатаму можеби немаше да го постигнам ова што го посигнав денес. Секој човек треба да има некого покрај него и за убавите и за лоите работи во во животот. Треба да се сакаме, треба да бидеме поддршка едни на други, и треба да веруваме во луѓето околу нас.
Милица Џаровска